Георги Мадолев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Георги Мадолев
Роден 13 март 1916
Белица, Пиринска Македонија
Починал ?
Софија, Бугарија
Националност Македонец
Занимање револуционер

Георги Мадолев (роден на 13 март 1916 година во Белица - починал во Софија) — македонски револуционер и национален деец од Пиринска Македонија.[1][2]

Животопис[уреди | уреди извор]

Георги Стефан Мадолев е роден на 13 март 1916 година во разлошкото село Белица, Пиринскиот дел на Македонија. Во 1937 година станал член на Околискиот комитет на Комунистичката партија на Бугарија. Во текот на Втората светска војна, во периодот од 1941 до 1942 година, ја одржувал врската меѓу Околискиот комитет и Централниот комитет на Бугарската работничка партија - БРП (к). Во јули 1942 година влегол како борец во Беличката партизанска чета “Јаким Цоков“, а во 1943 година станал политички комесар на Разлошкиот партизански одред „Јане Сандански“. Извесно време бил и уредник на партизанскиот весник „Работничко знаме“.

По 9 септември 1944 година, кога на власт дошол Отечествениот фронт, Мадолев како Македонец ја следел тогашната политика на БРП (к) и бил еден од најактивните за реализирање на националните права на Македонците во Бугарија во рамките на Културната автономија 1944–1948 во Пиринскиот дел на Македонија. Во 1946 година Георги Мадолев ја напишал брошурата „Кон решение на македонското прашање“, а кон крајот на истата година (21. XII 1946), тој станал еден од потписниците на решението на бирото на Околискиот комитет на БРП (к) – Горна Џумаја, населението во Пиринскиот дел да им се дозволи да се пишуваат како Македонци.

Исто така, Мадолев бил еден од најодлучните Македонци кој барал воведување и изучување на македонскиот јазик и писмо во училиштата во Пиринска Македонија. Исто така, за оние кои се спротивставувале на културната автономија во пиринскиот дел на Македонија, тој често знаел да каже дека тие и „кој не сака да учи македонски јазик, нека си замине во Бугарија“.[3]

Во 1945 година, Мадолев станал првиот одговорен уредник на весникот „Пиринско дело[4]. Од 1945 до 1946 година, бил раководител на одделот во Околискиот комитет на БКП. Помеѓу 1946 и 1948 година бил претседател на Околискиот комитет на ОФ за Благоевград. По Резолуцијата на Имформбирото во јули 1948 година, Мадолев дошол во судир со новата политика на бугарското партиско и државно раководство за негирање на македонската нација и бил отстранет од политичкиот живот[5].

Во декември 1948 година, Герги Мадолев еден од најинтелигентните партизани во Пиринскиот дел на Македонија, бил принуден, на V-от конгрес на БКП, да си направи „самокритика“ за својата промакедонска позиција. Потоа од 1948 до 1950 година бил претседател на Околискиот народен совет во Разлог. Од 1953 до 1957 година работел во Софискиот градски народен совет, а помеѓу 1957 и 1963 година бил во Националниот совет на Отечествениот фронт. Од 1963 до 1968 година бил секретар на Врховниот читалиштен сојуз. Во периодот од 1968 до 1971 година, тој бил претседател на Републичкиот совет за лекторска пропаганда, а потоа заменик-претседател до 1976 година. Автор на мемоарската книга со наслов „Парапуновци[2][6].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Мадолев“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 815. Text "series " ignored (help)
  2. 2,0 2,1 Пътеводител по мемоарните документи за БКП, съхранявани в Централния държавен архив. Архивни справочници, том 6 (PDF). София: Главно управление на архивите при Министерския съвет. Централен държавен архив. 2003. стр. 253. ISBN 954-9800-36-9. Посетено на 2 септември 2015.
  3. Германов, Стоян, Македонският въпрос 1944 - 1989. Възникване, еволюция, съвременност. София, 2012, стр. 80.
  4. Енциклопедия България, том 5, Издателство на БАН, София, 1986, стр. 235.
  5. „Георги Мадолев“. Македонска Нација. http://www.mn.mk. 30.08.2017. Посетено на 2020-08-18. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help); Надворешна врска во |publisher= (help)
  6. Мадолев, Георги (1980). Парапуновци. София: Военно издателство.