Битка кај Гавгамела

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Битката кај Гавгамела
Дел од Походи на Александар Македонски
Battle of Gaugamela.jpg
„Битката кај Арабела“ од Јан Бројгел Постариот (1602)
Датум 1 октомври, 331 п.н.е.
Место веројатно Тел Гомел (Гавгамела) близу Мосул
Исход Решавачка македонско-грчка победа
Завојувани страни
Античка Македонија Персија
Команданти и водачи
Александар Македонски Дариј III
Сила
7.500 коњица
40.000 пешадија
Веројатно околу 250.000
230.000 пешадија,
20.000 коњица
200 српни двоколки
бојни слонови
Жртви и загуби
Најмалку 4.200 загинати и ранети Околу 200.000 или повеќе загинати и ранети

Битка кај Гавгамела — вооружен судир во 331 п.н.е. помеѓу македонската војска предводена од Александар Македонски и персиската војска предводена од Дариј III крал на Ахаjменидска Персија. Во оваа битка Александар Македонски го поразил Дариј III со што практично започнал падот на дотогаш неприкосновената персиска империја.

Борци[уреди]

  • Македонци и грчки сојузници под водство на Александар со 7.250 коњица и 40.000 пешадија. (Според Аријан)
  • Персијци под водство на Дариј веројатно се 20.000 главно тешка коњица, 230.000 пешадија (вклучувајќи околу 10.000 грчки платеници). Вистинскот број на Персијците не е утврден, но се знае дека биле многукратно побројни од непријателот.

Локација[уреди]

Дариј избрал една рамнина кај ридот наречен „Камилина грпка“ или „Камилин рид“. Името на битката доаѓа од хебрејскиот збор за „камила“. Точната локација на битката не може да се утврди, но се смета дека се случила на координатите (36.36° С 43.25° И), источно од Мосул во северниот дел на денешен Ирак. По битката, Дариј избегал во Арбела (денешен Арбил) 100-120 km источно.

Увертира[уреди]

Две години по битката кај Ис Александар продолжил со освојување на Медитеранскиот брег и Египет. Потоа продолжил преку Сирија кон срцето на Персиската империја. Александар ги преминал реките Еуфрат и Тигар без да наиде на било каков отпор. Дариј собрал силна војска повлекувајќи војници од далечните краишта на неговата империја. Неговиот план бил со бројно надмоќна војска да ја победи војската на Александар. Според некои историчари војската на Дариј во оваа битка броела преку 100.000 војници.

Битката[уреди]

Првични позиции[уреди]

Персијците биле на бојното поле уште пред самата битка да започне. Дариј ја регрутирал најдобрата коњица од неговите сатрапии и од сојузничкото скитско племе. Дариј исто така ги спремил српните двоколки за кои имал приготвено чист терен пред неговите трупи. Исто така Дариј имал 50 индиски бојни слонови со поддршка на индиски двоколки, иако тие не играле никаква улога во битката. Пред битката, Дариј наредил да се искорне секаква вегетација на бојното поле за да може што подобро да оперира со српните двоколки.

Првични позиции и движења. Одделот за историја при Воената Академија на САД

Самиот Дариј стоел во средина заедно со најдобрата пешадија, по персискиот кралски обичај. Тој бил опкружен, десно, од каријска коњица, грчки платеници и персиска коњичка гарда. Меѓу центарот и средината ја поставил неговата пешадиска гарда (Јаболконосачи или Бесмртници), индиската коњица и неговите мардиски стрелци.

На двете крила била коњицата. Бес го командувал левото крило со бактријанците, дахајската коњица, арахозијската коњица, персиската коњица, сузиската коњица, кадухиската коњица и скитите. Двоколките биле сместени напред заедно со мала група Бактријци. Мазај го командувал десното крило со сириската, медската, месопотамската, партската, сакиската, тапуриската, Хирканијанската, албанската, сакезијската, кападокијанската и ерменската коњица. Кападокијците и Ерменците биле сместени во преден план и го воделе нападот. Албанската и скитската коњица биле пратени да го обиколат македонското лево крило.

Македонците биле поделени на два дела, со десното крило под директна команда на Александар, а левото на Парменион. Александар се борел со своите коњички придружници. Со нив биле Пајонците и лесната коњица на Александар. Платеничката коњица била исто така поделена на две групи, со ветераните на десното крило, а остатокот од нив пред агријанците и македонските стрелци кои се наоѓале непосредно покрај фалангата. Парменион се наоѓал лево со Тесалците, грчки платеници и тракиските коњички единици. Тие биле наменети да го задржуваат непријателот додека Александар го задава решавачкиот удар десно.

Меѓу десната страна и центарот биле критски платеници. Зад нив била група од тесалски коњаници под команда на Филип како и ахајски платеници. Десно од нив бил друг дел од сојузничката грчка коњица. Таму била и фалангата која била позиционирана во двојна линија. Заради тоа што биле бројно надминати 5:1 во коњица, и персиската линија била за 1.5 км подолга од македонската, изгледало неизбежно дека Македонците ќе бидат заобиколени од Персијците. Вториот ред фаланга имал за задача да се справи со оваа ситуација ако тоа се случи. Оваа втора линија се состоела главно од платеници.

Почетокот на битката[уреди]

За време на битката Александар употребил толку уникатна стратегија која само неколкумина во светската историја можеле да ја повторат. Неговиот план бил да повлече што повеќе персиска коњица на крилата. Овој план имал за цел да направи отвор во непријателската линија каде подоцна би се задал решавачки удар кај Дариј во центарот. За ова бил потребен речиси совршен тајминг и маневрирање како и условот дека Дариј требал да изделува прв. Македонците нападнале со крилата свиткани наназад под агол од 45° за да ја намамат периската коњица да нападне. Истовремено полека крилата се придвижувале кон десно. Александар го приморал Дариј да нападне (и набрзо неговата војска се поместила од подготвениот терен), иако Дариј не сакал да нападне прв одкога видел што се случило во ваква слична ситуација кај Ис. На крајот Дариј бил приморан да нападне.

Сега Дариј наредил напад на двоколките. Некои од нив биле пресретнати од Агријанците. Меѓутоа македонската војска имала извежбана тактика за соочување со овие смртоносни направи. Првите линии се поттргнале, отворајќи процеп. Коњите одбииле да се втрчаат во копјата на првите редови и се фатиле во т.н. „стапица за глувци“, каде што биле запрени со копјата од задните редови. Потоа возачите биле лесно убиени. Двоколките биле бескорисни.

Решавачкиот напад на Александар[уреди]

Како што Персијците оделе се понапред и понапред во македонските крила, Александар полека ја исфилтрирал неговата гарда позади. Персијците го направиле истото, додека не се отворила празнина помеѓу левата страна на Бес и центарот на Дариј кога Александар ги пратил своите последни коњички резерви против нив. Александар ги отповикал своите придружници и се подготвил за решавачкиот напад против Персијците. Под негово водство, тој ги групирал своите единици во форма на гигантски клин, со самиот Александар на врвот од него. Позади него била бригада од неговата гарда и баталјони од фалангата кои успеал да ги извлече од битка. Овие биле лесни, проследни трупи.

Овој голем клин се судрил директно со ослабениот персиски центар, масакрирајќи ја кралската гарда на Дариј и грчките платеници. Бес од левата страна сега бил отсечен од Дариј и плашејќи се дека и тој би бил нападнат од овој клин почнал да се повлекува. Самиот Дариј бил во опасност да биде отсечен, и тука има неколку различни верзии на она што потоа се случило. Според речиси сите верзии, Дариј почнал да бега и остатокот од неговата војска исто така. Меѓутоа единствениот зачуван документ од тоа време вели дека војската сама почнала да бега.

Решавачкиот напад на Александар. Одделот за историја при Воената Академија на САД

Диодор се согласува со оваа приказна, со тоа што ја поддржува нејзината валидност. Изгледа дека ова е најверојатно тоа што навистина се случило.

Левото крило[уреди]

Александар сега можел да го гони и да го фати Дариј. Меѓутоа, примил очајни пораки од Парменион (настан кој подоцна ќе биде употребен од Калистен и други за да го дискредитираат Парменион) од левата страна. Александар бил соочен со изборот да го брка Дариј со тоа што би ја изгубил војската, или да се врати кај левото крило за да му помогне на Парменион и да си ја зачува војската. На крај решил да му помогне на Парменион и да го гони Дариј подоцна.

Држејќи се лево, се отворил процеп помеѓу левата страна и центарот на макеоднската војска. Персиските и индиските единици сместени во центарот со Дариј успеале да пробијат. Но наместо да ја нападнат фалангата на Парменион одзади, тие продолжиле накај кампот за да го ограбат. Исто така тие пробале да ја ослободат кралицата мајка Сисигамба, но таа одбила да дојде со нив. Враќајќи се назад, Индијците успеале да убијат преку 60 коњички придружници.

Во меѓувреме, како што дариевиот центар се распаѓал, Мазеј исто така почнал да се повлекува по примерот на Бес. Меѓутоа, за разлика од левата страна на Бес, Персијците набргу се разорганизирале кога Тесалците и другите единици ги нападнале во бегството од непријателот.

Последици[уреди]

По битката, Парменион го обиколил персискиот багажен караван, додека Александар и неговите телохранители го гонеле Дариј со надеж дека ќе го фатат. Како и кај Ис, така и во оваа битка пленот од грабежот бил огромен. Биле фатени 4.000 таленти, како и личната двоколка и лак на Дариј. Исто така биле фатени и бојните слонови.

Дариј успеал да избега од битката со мала група на војници. Бактриската коњица и Бес, успеале да го стигнат. Некои преживеани од кралската гарда и 2.000 грчки платеници исто така им се придружиле.

Александар потоа се прогласил за Голем Крал (титулата на Дариј). При неговот бегство, Дариј одржал говор пред остатокот од неговата војска. Тој планирал да оди источно и да регрутира нова војска за напад врз Александар додека тој одел накај Вавилон. Истовремено Дариј пратил писма до неговите источни сатрапии во кои тој побарал од нив да му останат верни.

Крал на Азија[уреди]

По оваа битка Александар бил крунисан за крал на Азија во Арбела.

Извори[уреди]

Надворешни врски[уреди]