Аударист

Координати: 41°25′56.8″N 21°52′08.3″E / 41.432444° СГШ; 21.868972° ИГД / 41.432444; 21.868972
Од Википедија — слободната енциклопедија
Аударист

Остатоци од храмот на Дионис во Аударист


Местоположба 41°25′56.8″N 21°52′08.3″E / 41.432444° СГШ; 21.868972° ИГД / 41.432444; 21.868972
Основни податоци
Место Дреново
Општина Кавадарци
Тип

 населба


Период хеленистичко време
римско време
Портал „Археологија“

Аударист (познат и како: Аудариус; наречен и Градиште - Деволград) — антички град, еден од најголемите градови на кралството Пајонија во класичниот и во хеленистичкиот период. Пајонскиот град Аударист (Еурист) (идентификуван според Таб. Пеут. ИВ. 8; Геогр. Рав. ИВ. 196, 10), се протега на 12 римски милји на патот од Стоби кон Керамија, односно на 18 км од Стоби, на археолошкото наоѓалиште Градиште, под селото Дреново и над т.н. Раечка или Дреновска Клисура, високо над десниот брег на Раечка Река.[1] Ридот јужно над клисурата е висок 60–140 м, со долга и тесна акропола и долги станбени градски тераси на западната и на јужната страна. Античкиот пат, доаѓајќи од Керамија, минувал околу Плоча, храм со некропола во југозападното подножје на градот, кон Стоби. На повисоката западна тераса Скала се наоѓа полуутврдено раноантичко предградие. Римската некропола се протега на падината на соседниот југозападен рид до чуката Валевица. Меѓу откриените остатоци од три римски хероони, се издвојува оној на Валевица, од типот Тиквеш, со архитектонски елементи на висок подиум, бочни плочи и двосливен покрив. Градската агора е идентификувана на југозападната карпеста рамнина. Во нејзиниот горен дел се наоѓа супструкција на градскиот жртвеник и темели на уште еден градски објект од камени архитектонски елементи, со подиум и со двосливни покривни сегменти однатре, оформени сводовидно од храм или, можеби, од градска порта. Откриени се движни наоди од класично, хеленистичко, римско време, од доцната антика и од средниот век. На јужниот дел од акрополата се откриени темели од мала средновековна црква од XI в. од н.е., преупотребени, исто така, во дреновската црква. Вкупната градска површина изнесува 17 ха. Наодите на пајонски монети, особено на последниот крал Дропион, сведочат за особено значајната улога на Аударист во рамките на Пајонија. На археолошкото наоѓалиште Градиште – Деволград, кај село Дреново покрај градот Аударист (Eu(da)riston) од античкото време, се пронајдени и бројни монети од Дубровничките трговци од доцниот среден век, поради што се претпоставува дека тука бил и средновековниот град Девол (Деволград), а на овој простор и наоѓалиште опстојувал постојан и непрекинат живот во времетраење од 1400 години односно 1,5 милениум.

Галерија[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 148.