Јов (роман на Јозеф Рот)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Јов: роман на еден едноставен маж“ (германски: Hiob: Roman eines einfachen Mannes) — роман на австрискиот писател Јозеф Рот од 1930 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од два дела со вкупни 16 глави.

Прв дел (1-9 глава)[уреди | уреди извор]

Мендел Зингер е сиромашен Евреин кој работи како учител во малото место Цухнов, во Руското Царство. Тој е оженет со Дебора со која има четири деца: три сина и една ќерка. Најмалиот син, Менухим, се раѓа ментално и физички заостанат и умее да изговори само еден збор - мама. Неговоте браќа и сестрата, наместо да се грижат за него, го измачуваат и дури се обидуваат да го удават, но Менухим преживува. Еднаш, Дебора оди да бара совет кај рабинот во соседниот град и тој ѝ кажува дека ќе минат многу години додека не оздрави Менухим, но тогаш тој ќе биде исклучителен човек. Дебора ги запоставува другите деца и се посветува на огледувањето на Менухим. Десет години подоцна, нивните синови, Јонас и Шемарја, се регрутирани во војската. Дебора му дава мито на еден посредник со цел да ослободи барем еден син од воената обврска. Јонас прифаќа да служи во војската и се иселува од родната куќа. Со помош на посредникот Каптурак, Шемарја бега преку границата, а Јонас заминува на отслужување на воената обврска. По некое време, семејството го посетува непознат човек. Тоа е Мек, пријател на Шемарја, кој носи писмо во кое Шемарја ги известува дека живее во САД, дека се вика Сем и дека е оженет. Откако Мендел случајно открива дека ќерката Мирјам одржува љубовни врски со војниџите Козаци од блиската касарна, одлучува сите да заминат во САД, а Менухим да го остават дома. Тој веднаш поднесува барање до власта, со помош на Каптурак набргу ги добива потребните документи и пасошите, Сем им ги праќа бродските билети и набргу ја напуштаат земјата. Куќата им ја оставаат на соседите, кои ја преземаат обврската да се грижат за Менухим. Најпрвин, тие пристигаат во Бремен, а потоа со брод се упатуваат кон САД. По петнаесетдневно патување пристигаат во Њујорк, каде ги пречекува Сем, по што кратко време минуваат во карантин. По излегувањето до карантинот, за време на прошетката низ градот, Мендел се онесвестува.[1]

Втор дел[уреди | уреди извор]

Семејството Зингер се навикнува на американскиот живот. Сем е успешен деловен човек, сопственик на продавница во која работи Мирјам. Таа одржува љубовна врска со Мек, пријателот на Сем. Сепак, Мендел и Дебора и понатаму живеат сиромашно, а исто така, постојано мислат на Менухим. Еднаш, тие добиваат писмо од кое дознаваат дека Менухим може да оди и да зборува, а лекарите велат дека за него има надеж да оздрави. Јонас, пак, е сосема задоволен од службата во војската. Тогаш, Мендел почнува да прави планови да го земе и најмалиот син во САД. Воопшто, тој помислува дека за првпат во животот него го следи среќа. Меѓутоа, тогаш почнува Првата светска војна и така пропаѓа планот за земањето на Менухим. Мек и Сем се пријавуваат во војската, а судбината на Јонас е непозната. Еден ден, Мек се враќа дома со веста за погинувањето на Сем, а потресена од големата болка, умира Дебора. Една недела подоцна, Мирјам ненадејно полудува и ја затвораат во установа за умноболни. Мендел останува сам и разочаран, па ја губи верата во бога и сака да ги запали светите книги и предметите за молење, но нема сила да го направи тоа. Соседите му даваат утеха и тој живее кај нив, извршувајќи разни ситни работи за нив и живеејќи од нивната милост, но и понатаму е гневен на бога и повеќе не се моли, а истовремено размислува да се врати во татковината. Пролетта, Мендел го посетува еден туѓинец од родниот крај, кој со својот оркестар одржува концерти во Њујорк, а се претставува како Алексеј Косак. Тој ја раскажува својата животна приказна, но најосле открива дека, всушност, е Менухим. Така, Мендел најпосле се среќава со својот најмал син, по што двајцата заедно заминуваат во хотелто каде што е сместен Менухим. Таму, тој ја раскажува својата животна приказна — кога куќата ја зафатила пожар, тој истрчал надвор по што се онесвестил, а потоа го лекувал еден познат лекар во Санкт Петербург. Откако оздравел, Менухим живеел во куќата на лекарот, каде ден ден, сосема спонтано, почнал да свири свои песни на клавирот. Така се открила неговата дарба и тој станал познат композитор, а по Октомвриската револуција заминал во Лондон, каде ја започнал меѓународната музичка кариера. Менухим го остава татко си во хотелот и заминува да ја посети Мирјам, ветувајќи дека ќе се потруди да биде излекувана. Во хотелската соба, Мендел ја здогледува фотографијата на жената и двете деца на Менухим и заспива со сознанието дека конечно доживеал среќа во животот.[2]

За делото[уреди | уреди извор]

Уште со самиот наслов авторот ја најавува драматичната тема на романот, повикувајќи се на страдалникот Јов од Стариот Завет чие трпение го искушува господ. Во романот, тоа е Мендел, скромен и побожен човек кому судбината му задава силни удари: најстариот син станува војник, вториот син бега во Америка, ќерката е неморална, додека најмалиот син е ментално и физички хендикепиран. Затоа, родителите решаваат да го остават него и се селат во Америка во потрага по подобар живот, меѓутоа, ниту таму не престануваат несреќите. И кога Мендел се заканува дека ќе се откаже од бога, се случува чудото: најмалиот син стекнува светска слава и повторно се среќава со татко си. На тој начин, со помирувањето на таткото и синот, авторот се надоврзува на уште еден лик од Стариот Завет - Јосиф. Австрискиот писател Штефан Цвајг се искажал многу пофално за романот „Јов“, велејќи дека тој „е повеќе од роман и легенда, тој е чиста, совршена поезија, која е предодредена да надживее сè што ние, неговите современици, сме создале и напишале. Ништо не може да се мери со затвореноста на конструкцијата, длабочината на чувствата, чистотата, музикалноста на јазикот.“[3]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Македонскиот превод на романот е објавен во 2019 година од издавачката куќа Темплум, како 130. книга на библиотеката „Магма“. Преводот од германски јазик го извршила Ксенија Чочкова. Книгата е отпечатена во мал формат (17 сантиметри), во мек повез и има 235 страници. Каталогизацијата е извршена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи ознаката ISBN 978-608-4871-05-7. Графичкото уредување и дизајнот на книгата е дело на „Кома“, а книгата е испечатена во печатницата „Алма во 500 примероци“. Објавувањето на романот било финансиски поддржано од книжевната мрежа „traduki“. На крајот на книгата се наоѓа белешка за авторот и делото, додека на задната корица се наоѓа кус осврт врз делото.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јозеф Рот, Јов. Скопје: Темплум, 2019, стр. 7-129.
  2. Јозеф Рот, Јов. Скопје: Темплум, 2019, стр. 133-233.
  3. „Поговор“, во: Јозеф Рот, Јов. Скопје: Темплум, 2019, стр. 234-235.
  4. Јозеф Рот, Јов. Скопје: Темплум, 2019.