Прејди на содржината

Жизел

Од Википедија — слободната енциклопедија
Фотографија од Жизел балетот

Жизел (фр. Giselle) е романтичен балет во два чина од францускиот балетски и оперски композитор Адолф Адам. Од неговата прва изведба во Париз 1841 година па до денес, тоа е еден од ретките балети кој има непрекината традиција на изведување.

Синопсис

[уреди | уреди извор]

Првиот чин ја прикажува средбата на Жизел - девојка од село и грофот Алберт, кој е дојден на лов. Таа безгранично се вљубува во него, но не знае дека тој е благородник. Шумарот Хиларион, кој исто така ја сака Жизел, дознава за потеклото на грофот и кога неговата свита доаѓа во селото, меѓу кои и неговата свршеница Батилда, тој го разоткрива Алберт пред сите. Жизел не можејќи да ја прифати лагата за лажната љубов полудува и умира од болка.

Вториот чин ја прикажува играта на самовилите, кои се всушност верени девојки кои умреле пред својата свадба. Тие преку ноќ излегуваат од своите гробови и танцуваат. Секој што ќе ја види нивната игра мора да умре - тие го присилуваат да танцува додека не капне од умор и потоа го фрлаат во езерото.

Таа ноќ во шумата доаѓа Хиларион, а потоа и Алберт и ја искажуваат својата љубов на гробот на мртвата Жизел. Хиларион е фатен од самовилите и убиен, а Алберт го спасува љубовта на Жизел која со него игра до раните зори. Таа му овозможува моменти на одмор, поради кои тој издржува до моментот кога сонцето изгрева и самовилите исчезнуваат[1],[2].