Прејди на содржината

Грутчеста луковица

Од Википедија — слободната енциклопедија

Грутчестата луковица (лат. bulbo-tuber; англ. corm) е скусено, вертикално и задебелено подземно стебло на некои растенија кое служи како орган за складирање на хранливи материи. Тие се користат за да се преживее зимата или други неповолни услови на средината, како летната суша и топлина (период на естивација).

Грутчеста луковица на Crocosmia; туниката е делумно издвоена за да се види нејзиното потекло од нодиумите на кората на луковицата
Анатомија на г. луковица на Crocosmia; се гледа туниката, кората на ткивото за складирање, централната срцевина и образувањето на нова луковица од пупка на врвот
Г. л. на Crosmia со столони кои излегуваат низ туниката. Тие потекнуваат од врвните пупки и обично даваат нови луковици на нивните врвови

Грутчестата луковица се состои од еден или повеќе интернодии со по барем една точка на растење, обично со заштитни листови видоизменети во лушпи или туники. Туниката на грутчестата луковица се образува од мртви делови на лисните дршки, кои се остатоци од листовите произведени во претходните години. Тие делуваат како покривка, заштитувајќи ја луковицата од инсекти, подземни животни, поплави и загуба на вода. Туниките кај некои видови се тенки, суви и хартиести (барем кај младите растенија), но, кај некои фамилии (каква што е фамилијата Перуники) туниката на зрелата грутчеста луковица може да пружи значителна заштита. Така на пример, некои од поголемите видови на Watsonia создаваат дебели, отпорни на гниење туники за време од неколку години; се добива жилава, мрежеста и фиброзна структура. Други видови, како повеќето од родот Lapeirousia, поседуваат цврсти, задрвенети туники.[1]

На внатрешен план, една типична грутчеста луковица се состои од паренхимални клетки богати со скроб, кои се наоѓаат над циркуларниот базален нодиум од кој растат корењата.

Долгоживеачките кормозни растенија се разликуваат во нивниот развиток. Некои од нив постојано ги заменуваат постарите грутчести луковици со група на помлади, чиј број се зголемува сезонски. Овие бројни помлади луковици се користат за размножување на растението. Луковиците на други видови едноставно растат поголеми во повеќето сезони, или, пак, се одделуваат кога повеќе пупки или столони на една голема луковица започнуваат независно да растат, образувајќи густеж од растенија.

Растенијата со грутчести луковици обично може да се размножат со сечење на луковиците на делови и со нивно засадување. Ако правилно се одгледуваат, секој дел со барем една пупка обично ќе даде нова луковица.

Споредба на грутчеста луковица и луковица

[уреди | уреди извор]
Грутчеста луковица на Gladiolus; се гледа образување на мали луковички на краевите од кратките столони

Грутчестите луковици понекогаш се мешаат со вистинските луковици; тие обично се слични по надворешен изглед, и затоа погрешно се нарекуваат луковици. Грутчестите луковици се стебла кои се изградени од цврсти ткива, што ги разликува од луковиците, кои најчесто се составени од наслоени месести лушпи (кои се видоизменети листови). Затоа, ако грутчестата луковица се сече на половина, таа е цврста, но кога вистинска луковица се сече, се забележуваат слоевите од лушпи.[2] По својата градба грутчестите луковици се растителни стебла, со нодии и интернодии со пупки и даваат адвентивни корења. На нивниот врв, една или неколку пупки израстуваат во изданоци кои даваат нормални листови и цветови.

Луковички

[уреди | уреди извор]

Грутчестите луковици образуваат многубројни мали луковички на базалните делови, особено кога главната точка на растење е оштетена. Тие се користат за размножување на овие растенија. Старите г.л. даваат најголем број луковички кога се наоѓаат блиску до површината. На малите луковички им се потребни една или две години за растење за да станат доволно големи да можат да цветаат.

Иако главно имаат репродуктивна функција, во дивината луковичките се исто така важни во преживувачката стратегија. Имено, животните кои се исхрануваат со кормозни растенија (или геофити) ги јадат само големите луковици, додека малите остануваат, со што растението ќе израсне и следната година. Растенијата како Homeria, Watsonia и Gladiolus, кои се храна на овие животни, веројатно произведуваат најмногу луковички.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Dyer, R. Allen, “The Genera of Southern African Flowering Plants”. ISBN 0-621-02854-1, 1975
  2. „Bulbs and More - Bulb Basics“. urbanext.illinois.edu. Посетено на 2009-12-25.