Бронхии се дел од респираторниот тракт кои претставуваат дишни цевки, гранки на дишникот составени од 'рскавични прстени меѓусебно поврзани со сврзно и мускулно ткиво. Во својот долен крај, дишникот се дели на две стебла - бронхии, што навлегуваат во белите дробови. Десната бронхија е значително поширока од левата и навлегува вертикално во белодробното крило. Токму поради тоа, ако се вдише туѓо тело, тоа многу полесно ќе навлезе во десното крило на белите дробови. Секоја бронхија навлегува во белодробното крило преку вдлабнување наречено врата. Во овој дел со белите дробови се поврзуваат и крвните садови и нервите.