Црниот Петар (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Црниот Петар“ (чешки:Cerný Petr) - чехословачки филм од 1964 година, во режија на Милош Форман, кој е еден од авторите на сценариото, заедно со Јарослав Матоушек. Притоа, филмот е снимен според романот на Јарослав Папушек. Главните улоги ги толкуваат: Ладислав Јаким (Ladislav Jakim), Јан Вострчил (Jan Vostrčil), Владимир Пухолт (Vladimir Pucholt), Зденек Кулханек, Божена Матушкова и Павла Мартинкова (Pavla Martinkova). Според многумина, ова е најуспешниот филм на Форман, кој претставува убедлива студија на провинцискиот живот и на генерацискиот јаз, а истовремено диксретно ја критикува тогашната состојба во Чехословачка и го игнорира општоприфатениот ред. Поради тоа, тој добил одлични оцени од странските филмски критичари.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Петар (го игра Јаким) е младо момче, кое се вработува во една продавница, каде треба да внимава да не крадат купувачите. Еден ден, во продавницата влегува господин, а Петар помислува дека тој е крадец и го следи низ градот. Кога се враќа дома, таткото (го игра Воштрцил) на Петар го кара за лошата постапка и го советува како треба да се однесува во иднина. Петар е вљубен во убавата девојка Павла (ја игра Мартинкова) и ја кани на игранка, но поради своите слаби танчерски вештини, таму упорно го одложува одењето на подиумот. На забавата се појавува и момчето Ченда (го игра Пухолт), кој е вљубен во една девојка, но нема храброст да ѝ пријде, па затоа се опијанува и му додева на Петар. Еден ден, Петар конечно гледа како една жена краде во продавницата, но не презема ништо против неа. Поради тоа, татко му повторно му држи лекција, а Петар изјавува дека не сака да работи во продавницата. Тогаш, во нивниот стан доаѓа Ченда, со намера да ги врати парите што ги зел на заем од Петар. Таткото на Петар го кара и Ченда, така што тој брза да го напушти станот.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]