Сликозафатник

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Фотоматрица)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Сликозафатник од типот CCD на свитлива печатена плочка

Сликозафатник (сензор или фотоматрица) — направа кај оптичките уреди која претвора оптичка слика во електричен сигнал. Наоѓа примена главно кај дигиталните фотоапарати и други уреди за светлосен запис. Сликозафатникот обично е уред со напојна врска (CCD) или активнопикселски сликозафатник во облик на комплементарен метал–оксид–полупроводник (CMOS). Сликозафатникот е вид на светлосетилник.

CCD наспроти CMOS[уреди | уреди извор]

Денес највеќето дигитални фотоапарати користат сликозафатници од типовите CCD или CMOS. Обата типа ја вршат истата задача — доловување на светлината и нејзино претворање во електрични сигнали.

Уредот со напојна врска (CCD) е аналоген уред. Кога светлината ќе дојде до интегралното коло (чипот), таа станува мал електричен сигнал во секој сликозафатник. Овие полнења се претвораат во напон, еден по еден пиксел (точка), како што се вчитуваат од интегралното коло. Други кола во фотоапаратот ја претвораат напонот во дигитални информации.

CMOS интегралното коло е вид на активнопикселски сликозафатник направен со помош полупроводничкиот процес на CMOS. До секој сликозафатник има дополнителни кола кои ја претвораат светлосната енергија во напон. На интегралното коло може да има дополнителни кола за претворање на напонот во дигитални податоци.

Ниедна од овие технологии немаат јасна предност во квалитетот на сликата. Сликозафатникот од типот CMOS може да се имплементира со помалку делови, да користи помалку струја и/или да дава побрзо вчитување отколку сликозафатникот од типот CCD. CCD од друга страна, е посозреана технологија и во скоро секој поглед е еднаква на CMOS технологијата.[1][2]

Оценување[уреди | уреди извор]

При оценувањето на работата на еден сликозафатник може да се користат многу параметри, меѓу кои неговиот динамички опсег, неговиот сооднос на сигнал и шум, чувствителноста на мала светлина и тн. Кај сликозафатниците од споредлив тип, соодносот на сигнал и шум и динамичкиот опсег се подобруваат со зголемување на неговите димензии.

Сликозафатници за боја[уреди | уреди извор]

Постојат неколку главни вида на сликозафатници за боја, кои се разликуваат по начинот на одвојување на боите:

  • Бајеров сликозафатник, евтин и најчест, користи поле со филтри за боја како Бајеровиот филтер кој предава црвена, зелена или сина светлина до сетилните ќелии, или пиксели, создавајќи испреплетени решетки чувствителни на црвено, зелено или сино. Потоа сликата се интерполира со помош на алгоритам за демозаикација.
  • Foveon X3, кој користи поле напластени сликозафатници каде секој пиксел содржи три слоја сликозафатници чувствителни на поединечните бои.
  • 3CCD, кој користи три засебни сликозафатници, каде боите ги раздвојува дихроидна призма. Овој сликозафатник дава најобар квалитет, и обично е поскап од другите видови на сликозафатници.

Наменски сликозафатници[уреди | уреди извор]

Наменските сликозафатници се користат за најразлични примени како топлински испис, правење на повеќеспектарски снимки, гама камери, сетилни полиња за рендгенски зраци, и други високочувствителни полиња со примена во астрономијата.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. CCD наспроти CMOS од Photonics Spectra 2001
  2. Сликозафатници — Винсент Бокарт

Надворешни врски[уреди | уреди извор]