Танцувачка манија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Танцувачка манија на поклонение до црквата во Сен-Жан-Моланбек. Резба од Хендрик Xондиус (1642 гогина) според цртеж на Питер Бројгел Постариот (1564 година).

Танцувачката манија исто така позната под името танцувачка чума, хореоманија, танцот на Свети Јован, и во минатото, танцот на Свети Вид) била социјален феномен што за првпат се појавил на европскиот континент меѓу 14ти и 17 век. Манијата вклучувала групи луѓе, понекогаш составени од илјадници души, кои неконтролирано танцувале. Манијата обземала мажи, жени и деца кои танцувале сè додека не колабирале од исцрпеност. Еден од првите најголеми случаи бил во Ахен, Германија, во 1374 година, кој брзо се проширил низ Европа. Еден особено познат случај е оној во Стразбур во 1518 година.

Манијата заразила илјадници низ вековите, не била изолиран настан и била добро документирана во извештаи од тоа време. Сепак, манијата не ја разбирале многу добро и лековите се засновале врз претпоставки. Обично, танцувачите ги придружувале музичари, со цел да ја спречат манијата. Но, оваа тактика имала спротивен ефект и охрабрувала многумина да се приклучат. Модерните научници се немаат согласено околу тоа што е причината за танцувачката манија.

Неколкуте теории што постојат давале најразлични објаснувања, од религиозните култови кои стоеле зад групите луѓе, до тоа дека луѓето танцувале за да се ослободат од стресот и да заборават на сиромаштијата во тој период. Сепак, манијата се смета дека е масовна психогенична болест во која, поради непозната физичка причина, кај голема група луѓе се појавуваат слични физички симптоми, како еден вид социјално влијание.

Дефиниција[уреди | уреди извор]

Името „Танцувачка манија“ доаѓа од терминот хореоманија (choreomania), составен од грчките зборови choros (танц) и mania (лудило). Таа е исто така позната под името „танцувачка чума“. Терминот го измислил Парацелзус. На почетокот се сметало дека причината е клетва испратена од светец, обично Свети Јован Крстител или Свети Вид, па така, била позната како „Танцот на Свети Вид “ или „Танцот на Свети Јован“. Толпата од жртви на танцувачката манија често завршувала на места посветени на тој светец, на кој им се молеле, со обид да го прекинат танцувањето. Вакви инциденти често се случувале околу празникот на Свети Вид.

Во 17 век, Танцот на Свети Вид бил дијагностициран како Сиденхамова хореа. Танцувачката манија е исто така позната како епидемична хореа и епидемично танцување. Хореата, како заболување на нервниот систем, се одликува со симптоми слични на оние на танцувачката манија, и не многу убедливо, се смета за форма на епилепсија. Научниците ја опишуваат танцувачката манија како „колективно ментално растројство“, „колективно хистерично растројство“ и „масовно лудило“.

Случаи[уреди | уреди извор]

Првиот познат случај на танцувачка манија настанал во 17 век, и избивал повеќепати низ Европа, сè до 17 век, кога ненадејно прекинал. Еден од најраните познати инциденти се случил во 1020тите во Бернбург, каде 18 селани започнале да играат и да пеат околу една црква, попречувајќи ја службата за Бадник.

Подоцна, во 13 век се појавиле други случаи, вклучувајќи го и тој во 1237 година во кој голема група деца патувале од Ерфурт до Арнштад, скокајќи и играјќи за време на целото патување, што потсетувало на грчката легенда „Флејтистот од Хамелин“ (Rattenfänger von Hameln). Друг инцидент, во 1287 година, вклучувал околу 200 луѓе што танцувале на мост над реката Меза во Германија, поради што мостот се срушил. Повеќето од преживеаните целосно се опоравиле во блиската црква посветена на Свети Вид. Манијата за првпат масовно избила меѓу 1373 година и 1374 година, со инциденти забележани во Англија, Германија и Холандија.

На 24 јуни 1374 година, во Ахен (Германија), избил еден од најголемите случаи на манијата кој подоцна се проширил на други места како Келн, Фландрија, Франконија, Ено, Мец, Стразбур, Тонгерен, Утрехт и во земји како Италија и Луксембург. Во 1275 година и 1376 година следеле епизоди со инциденти во Франција, Германија и областа Холандија, а во 1381 година манијата изби во Аугсбург. Други инциденти имало во 1418 година во Стразбур, каде постеле со денови и избивањето веројатно настанало поради исцрпеност. За време на друг случај, во 1428 година во Шафхаузен, еден монах играл додека не починал. Истата година, група жени во Цирих, наводно биле во танцувачко лудило.

Еден од најголемите случаи настанал во јули 1518 година, во Стразбур (танцувачка чума од 1518 година) каде една жена, госпоѓа Трофеа, започнала да танцува по улиците. За четири денови ја придружиле уште 33 души, а по еден месец бројот на луѓе достигнал 400, од кои повеќето настрадале од срцев удар и умреле. Во 16 век имало уште инциденти, кога манијата го достигнала својот врв. Во 1536 година во Базел манијата вклучувала група деца, а во 1551 година во Анхалт, само еден човек. Во 17 век, инциденти на периодично танцување биле документирани од професорот по медицина Грегор Хорст, кој забележал:

„Неколку жени кои годишно ја посетуваат црквата Свети Викус во Дрефелхаусен... танцуваат лудо ден и ноќ додека не колабираат во екстаза. Вака, доаѓаат повторно при себе и чувствуваат многу малку или ништо до следниот мај, кога се повторно... присилени, околу денот на Свети Вид, да се упатат на тоа место... Се вели дека една од овие жени игра секоја година, во текот на изминатите 20 години, а друга - цели триесет и две години.“

Танцувачката манија изгледа целосно исчезнала до крајот на средината на 17 век. Според Џон Валер, иако се забележани бројни инциденти, најдобрите документирани случаи се оние од 1374 година и од 1518 година, за кои има изобилство од докази од тоа време.

Особености[уреди | уреди извор]

Случаите на манијата биле различни. Забележани се неколку одлики. Обично се случувале во тешки времиња. Се собирале до десетици илјади луѓе да танцуваат со часови, денови, недели па дури и месеци.

Во модерната литература жените ги прикажувале како вообичаените учеснички во танцувачката манија, иако тогашните извори кажуваат поинаку. Исто така, постои расправа за тоа дали танцувањето било спонтано или пак се работело за организиран настан. Сепак, сигурно е дека танцувачите биле во несвесна состојба и дека не биле во можност да се контролираат.

Авторот Роберт Вартоломеј, во своето истражување за социјалните феномени, забележува дека изворите од тоа време покажувале дека учесниците обично не живееле таму каде што танцувале. Тие патувале од едно место на друго, а по пат им се придружувале други луѓе. Со нив тие носеле обичаи и однесувања кои биле необични за месните жители. Вартоломеј опишува дека танцувачите носеле „чудна, шарена облека“ и дека „држеле дрвени стапови“.

Роберт Маркс, во своето истражување за хипнотизам, забележува дека некои ги украсувале своите коси со венци. Сепак, некои од избивањата не вклучувале странци и не се одвивале мирно. Вартоломеј забележува дека некои „парадирале наоколу голи“ и правеле „непристојни гестови.“ Некои дури имале сексуални односи. Други се однесувале како животни и скокале наоколу.

Тие ретко прекинувале и некои танцувале сè додека не си ги скршеле ребрата и не умреле. За време на избувнувањата на манијата, танцувачите викале, се смееле или плачеле, а некои пееле. Вартоломеј исто така забележал дека тие се однесувале насилно кон набљудувачите кои не сакале да им се придружат. Учесниците покажувале чудни однесувања кон црвената боја. Во „Историја за лудилото во Германија во 16 век“ (A History of Madness in Sixteenth-Century Germany), Миделфорт забележува дека тие „не можеле воопшто да ја видат црвената боја“, а Вартоломеј истакнува дека „се велело дека танцувачите не ја поднесувале... црвената боја и често станувале насилни кога ќе ја виделе.“

Вартоломеј исто така забележува дека танцувачите „не поднесувале шилести чевли“ и дека сакале да ги маваат по нозете. Во текот на избувнувањата, тие кои биле заразени со танцувачката манија страдале од различни болести, вклучувајќи болка во градите, грчеви, халуцинации, хипервентилација, епилептични напади и визии. На крајот, тие едноставно паѓале, совладани од исцрпеност. Сепак, Миделфорт опишува дека некои завршувале во екстатична состојба. Обично манијата била заразна, но често зафаќала само мали групи, како фамилии и поединци.

Тарантизам[уреди | уреди извор]

Во Италија, таков сличен феномен бил тарантизмот, каде се сметало дела жртвите биле отруени од тарантула или скорпија. Првиот таков познат случај бил во 13 век, и единствениот познат лек било да се танцува на одредена музика, со цел отровот да се оддели од крвта. Настанувал само во летните месеци. Како и со танцувачката манија, луѓето ненадејно почнувале да танцуваат, понекогаш заразени од видни убоди или гризови. Нив ги придружувале други, кои сметале дека отровот од нивните стари рани се реактивирал од жештината или од музиката. Танцувачите изведувале тарантела (танц), придружени со музика која по некое време ги лекувала жртвите, барем привремено.

Некои учествувале во други активности, како на пример се врзувале со лози и меѓусебно се камшикувале, се преправале дека се мечуваат, пиеле големи количини вино и скокале во морето. Некои умирале доколку немало музика да ги придружува додека танцуваат. Тие што страдале од тарантизам имале симптоми слични на оние на танцувачката манија, како главоболки, тресење, грчење и визии. Како и случајот со танцувачката манија, учесниците очигледно не ја сакале црната боја, а се забележало дека најзасегнати биле жените. За разлика од танцувачката манија, тарантизмот бил ограничен само во Италија и јужна Европа. Тој бил честа појава до 17 век, но завршил ненадејно, само со мали избувнувања во Италија до 1959 година.

Во 1959 година, истражувањето во врска со феноменот од страна на професорот по историја на религијата, Ернесто де Мартино, открило дека веројатно поголемиот број од случаите на тарантизам не биле поврзани со касање од пајак. Многу од учесниците признале дека не биле каснати, но верувале дека биле заразени од некој кој бил каснат, или дека едноставно допреле пајак. Како резултат, се појавила масовна паника, со „лек“ кој им допуштал на луѓето да се однесуваат на начини кои, обично, во тоа време биле забранети. И покрај разликите, тарантизмот и танцувачката манија се сметаат за едно исто.

Реакции[уреди | уреди извор]

Обично, за време на избувнувањата на танцувачката манија се свирело музика, затоа што се сметало дека тоа е лек за проблемот. Слика од Питер Бројгел Помладиот, според цртежи на неговиот татко.

Поради тоа што вистинската причина на танцувачката манија не била позната, многу од лековите за неа биле едноставни претпоставки на кои се надевале дека ќе успеат. Сепак, некои од нив делувале. Случајот што избил во 1374 година се случил само неколку декади по Црната смрт, па се лекувал на сличен начин. Танцувачите биле изолирани, а на некои се извршувале и егзорцизми. Луѓето верувале дека танцувањето било клетва фрлена од Свети Вид, и поради тоа се молеле и оделе на поклонение до места посветени на Свети Вид.

Некои други сметале дека танцувањето го предизвикувал Свети Јован Крстител и им се молеле нему. Други тврделе дека се опседнати од демони, или од Сатаната. Поради тоа често на танцувачите се извршувале егзорцизми. Вартоломеј забележува дека додека учесниците танцувале често се свирела музика, затоа што се верувало дека тоа е делотворен лек. Во некои случаи, музичарите ги терале дури и да танцуваат. Миделфорт опишува дека музиката и местата за танцување што понекогаш биле поставени охрабрувале и други да се придружат, и со тоа состојбата се влошувала.

Објаснувања[уреди | уреди извор]

Како причини за танцувачката манија беа предложени бројни хипотези. Сè уште не се знае дали тоа била вистинска болест или социјален феномен. Една од најпознатите теории е тоа дека жртвите страдале од труење од мораво рокче, што во средниот век било познато под името Огнот на Свети Антонио. За време на поплави и влажни периоди рокчињата успевале да пораснат на ‘ржта и на други житни растенија и да ги заразат. Ерготизмот (труењето од мораво рокче) може да предизвика халуцинации, но не може да се смета како причина за другите чудни однесувања што најчесто се поврзуваат со танцувачката манија.

Според други теории, симптомите биле слични на оние на енцефалитис, епилепсија и тифус, но како и ерготизмот, тие болести не можат да ги објаснат сите симптоми. Други извори зборуваат за тоа дека танцувачката манија и тарантизмот биле резултат на стресот и напнатоста од природните појави во тоа време, како чумите и поплавите. Хедерингтон и Манро ја опишуваат танцувачката манија како резултат на „заеднички стрес“. Можно е луѓето да танцувале со цел да се ослободат од стресот и да заборават на сиромаштијата во тоа време, и со тоа, се обидувале да достигнат екстатична состојба и да добијат визии.

Друга позната теорија е тоа дека сите случаи биле исценирани и дека однесувањата изгледале чудно затоа што не биле општопознати. Можно е религиозни култови да одигрувале добро организирани танци, кои биле според грчки и римски ритуали. Иако во тоа време биле забранети, ритуалите можеле да се извршуваат под маската на неконтролирана танцувачка манија. Јустус Хекер, специјализиран писател по медицина од 19 век, ја опишувал манијата како еден вид фестивал, за време на кој се извршувал ритуалот наречен „потпалувањето на Нодфир“ (the kindling of the Nodfyr). Тој вклучувал скокање низ оган и чад, со намера да се избрка болеста. Вартоломеј забележува дека учесниците во ритуалот често продолжувале да скокаат дури и откако огновите ќе згаснеле.

Сигурно е дека многу од учесниците на танцувачката манија биле психолошки растроени но, исто така, можно е некои да учествувале од страв, или едноставно сакале да ги имитираат останатите. Изворите кажуваат дека танцувачката манија била една од најраните забележани форми на масовна хистерија, и ја опишуваат како „физичка епидемија“ со бројни образложенија кои би можеле да го објаснат однесувањето на танцувачите. Исто така се претпоставува дека избувнувањата настанале поради културно заразување, предизвикано, во тешки времиња, од длабоко закоравени јавни верувања во регионот, поврзани со зли духови кои биле способни да фрлат „танцувачка клетва“ со цел да ги казнат нивните жртви.