Силјан Штркот и Кузман Капидан

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Силјан Штркот и Кузман Капидан (народни умотворби)“ — книга на Државното книгоиздателство на Македонија од 1945 година. Таа ги содржи народната приказна „Силјан Штркот“ и народната епска песна „Кузман Капидан“.[1] Книгата не е каталогизирана и не ја поседува меѓународната ознака ISBN. Во предговорот е наведено дека книгата била објавена со цел да се придонесе во „оформуењето на еден јазик во литературен“ и „да влее во нашата млада литература здрави, животворни сокои, да и даде мотиви, обрасци, народен дух. Во тој поглед, овие две творби „се меѓу најубавите творби во нашата народна литература“.[2] Исто така, во предговорот се наведува дека приказната „Силјан Штркот“ е преземена од „Зборникот за народни умотворенија“ на бугарското Министерство на просветата (книга VII, стр. 193), објавен во 1892 година, додека песната „Кузман Капидан“ е преземена од „Зборникот“ на Кузман Шапкарев (част I, оддел III, книга III, стр. 163), објавен во 1891 година. Притоа, творбите се дадени според тогашниот правопис, со мали измени во јазикот и со поголеми измени во редот не зборовите во стиховите со цел да се добие поправилен ритам кој е нарушен во песната или од пејачот (Ристо Гроздин, внукот на Кузман Шапкарев) или од запишувачот (Шапкарев). Освен тоа, првите четири стиха се земени од една друга песна за Кузман Капидан, објавена во „Зборникот“ на Шапкарев на стр. 337.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Силјан Штркот и Кузман Капидан (народни умотворби). Државно книгоиздателство на Македонија, 1945.
  2. „Предговор“, во: Силјан Штркот и Кузман Капидан (народни умотворби). Државно книгоиздателство на Македонија, 1945, стр. 3.
  3. „Предговор“, во: Силјан Штркот и Кузман Капидан (народни умотворби). Државно книгоиздателство на Македонија, 1945, стр. 4.