Прејди на содржината

Семејството на војводата Осунски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Војводата и војвотката Осунски со нивните деца
Шпански: Los duques de Osuna y sus hijos
Man, standing, woman, seated. The youngest child is seated on a cushion at the woman's feet. The other three young children are standing.
Творец Франсиско Гоја
Година 1787–1788
Материјал Масло на платно
Тематика Педро Телез-Хирон, 9. војвода Осунски, Марија Јозефа Пимента, војвотка Осунска и семејството
Димензии 225 см × 174 см
Место Музеј Прадо, Мадрид

Семејството на војводата Осунски (на шпански: ''Los duques de Osuna y sus hijos'' ) — слика од Франсиско де Гоја насликана во 1788 година, се чува во музејот Прадо во Мадрид.

Контекст на делото

[уреди | уреди извор]

Војводите Осунски биле едно од најголемите семејства на шпанското благородништво. Војвотката, една од најпаметните жени во Мадрид, се облекувала елегантно, следејќи ја париската мода. Салоните на оваа културна двојка биле домаќини на уметници, мислители и писатели, а војвотката многу го почитувала сликарството на Гоја. Во следните неколку години тие од него нарачале околу триесет слики[1] и го запознале со аристократите, со што ја промовирале неговата кариера како портретист[2].

Опис на сликата

[уреди | уреди извор]

Платното прикажува семејна сцена со Педро Телез-Хирон, 9. војвода Осунски, пријател и покровител на Гоја, со неговата сопруга Јозефа Алонсо Пиментел и нивните четири деца. Сликарот ја прикажува пријатната и интимна врска што војводата ја имал со своето семејство. Ова особено доаѓа до израз преку нежноста и наклонетоста со кои ги прикажува децата, доловувајќи го интензитетот на нивниот поглед.

Војводата е прикажан како стои и малку наведнат, во дворска облека, додека војвотката седи и е облечена à la française. Групата ја потполнуваат четирите деца во различни пози и две мали кучиња во триаголен состав под влијание на Рафаел Менгс. Најстарата ќерка, Јозефа Мануела, на околу пет години, стои десно од својот татко и го држи за рака. Следната, тригодишната Хоакина, се потпира на скутот на мајка си. Двете држат мали лепези. Во иднина тие ќе бидат познати по титулите маркиза де Камараса и маркиза де Санта Круз, а втората повторно ќе биде насликана од Гоја како Ерато, муза на поезијата. Лево, наследникот на куќата, Франсиско де Борха, кој си игра со бастунот на татко му, како да е коњ. Тој, исто така, повторно ќе биде прикажан од Гоја како 10. војвода Осунски. Седнат на перниче, Педро де Алкантара, на возраст од само една година, влече за јаже играчка кола. Тој ќе стане принц од Англона, ќе се бори како генерал за време на Војната за независност, ќе раководи со музејот Прадо и Кралската академија за ликовни уметности Сен-Фердинанд[3], и ќе биде главен намесник на Куба[4]. Сликата не ја прикажува најмладата ќерка на двојката, Мануела Исидра, која е родена во 1794 година и години подоцна Гоја ќе ја прикаже како војвотката од Абрантес.

Гоја не го претставува семејството во неговата палата, туку пред непрецизна позадина која ги истакнува ликовите. Децата држејќи играчка во рацете даваат интимна нота на оваа слика која сепак го задржува својот официјален карактер[1].

  1. 1,0 1,1 Buchholz, Elke Linda (2000). Francisco de Goya (француски). Könemann. стр. 27. ISBN 3-8290-2772-9. Укажано повеќе од еден |pages= и |page= (help)
  2. Histoire de la Peinture (француски). Gründ. 1995. стр. 55. ISBN 2-7000-2151-7.
  3. Santiago Alcolea Blanch. „Alcántara Téllez-Girón y Alonso-Pimentel, Pedro de, príncipe de Anglona“ (шпански). Посетено на 2022-06-10..
  4. Guía de forasteros en Madrid (шпански). Imprenta Nacional. 1840..