Прејди на содржината

Песни со извикување во македонскиот музички фолклор

Од Википедија — слободната енциклопедија

Песните со извикување во македонскиот музички фолклор претставуваат ретки остатоци на нематеријални културни елементи кои се поврзани со најдлабоките митски и религиски претстави и верувања на македонскиот народ кои се поврзуваат со другите словенски народи. Станува збор за песни од обреден карактер кои во својата мелодиско-ритмична формална структура содржат интонативен извик кој по своите издвоени етномузиколошки карактеристики е специфичен за одредена категорија на песни кои се изведуваат при обреди и обредни дејствија поврзани во годишниот и животниот цуклус на една заедница.Со оглед на тоа дека станува збор за елемент кој се поврзува со обреди и обредни дејствија, датирањето на овој вид песни не може со точност да се определи, но може да се каже дека станува збор за нематеријален културен елемент со предхристијанско потекло. Пишувани податоци за употребата на звукот и гласот во обредите и обредните дејства, како спротивност на тишината, се сретнуваат во голем дел од светската етномузиколошка литература. Сите достапни податоци укажуваат на многу стара појава која се сретнува во прапочетоците на развојот на човековото општество.

Етномузиколошки карактеристики
[уреди | уреди извор]

Според етномузиколошките истражувања, овој вид на песни најчесто се изведува на отворен простор, при групно обредно женско пеење, често изведено на антифон начин (пеење во повеќе групи со преземање).[1] Песните со извикување се песни со појава на специфични извици кои може да се јават на почетокот, во средината или на крајот на мелострофата од песната. Како музички елемент, според досегашните истражувања, определени се неколку типови на извици и тоа: Краток нагорен извик; Краток надолен извик; Краток статичен хоризонтален извик на еден тон; Долг надолен извик; Долг статичен хоризонтален извик на еден тон; Комбиниран извик. Начинот, односно типот на извикување, зависи од географскиот регион, но и од жанровската припадност на песната. На пример, жетварските и билјарските песни имаат карактеристични подолги извици, за разлика од свадбените песни кои често имаат пократки извикувања. На пример, во однос на географската застапеност и карактеристиките на извикувањата, во Македонија препознатливи се песните со долг и силен надолен извик карактеристичен за обредните женски песни во радовишкиот регион (с. Ињево и с. Дедино), како и специфичните силни извици во кочанското село Истибања. За разлика од источна Македонија, според истражувањата, извикувањата во југозападна Македонија се најчесто кратки и надолни или статични. Специфични извикувања во билјарските обредни женски песни со долг и силен надолен извик се карактеристични и за македонските села на Шар Планина кои се изведувале на Ѓурѓовден. Извикот е секогаш на еден пеан слог или вокал како „и“, „ој“ и поретко „е“ или на неутрален вокал. При извикувањето на почетокот на песната, извикот може да има и интонациска фукнција која се пее на неутрален вокал. Извикувањата во текот на самата мелострофа, односно во средината на пеењето, скоро секогаш се јавуваат веднаш по специфично прекинување на пеењето, или продолжување на веќе прекинатиот пеан стих. Во овој случај, извикот има функција да ја продолжи несиметричната форма на песната, со што се создава чувство и илузија на бесконечност, специфична за магиската обредна функција на овој вид песни. Карактеристиката на песните со извикување е нивната силна обредна и магиска функција која се преточува и во нивната силна социјална функција. Овие песни се точно опишани и во народната терминологија која нив ги нарекува: „пеење на И“ (преспанско и радовишко), „песни на И“ (преспанско и радовишко), „укани песни“ (костурско), „пеење на глас“ (преспанско, охридско, кичевско, гостиварско, штипско, радовишко, малешевско, пиринско), „гласоечки песни или гласоечко пеење“ (тетовско, гостиварско, кичевско), „пеење со гласење“ (преспанско), „извични песни“ (струмичко, штипско, гевгелиско, малешевско, пиринско), „икоечки песни“ (тетовско и гостиварско), „викоечки песни“ (охридско, кичевско, гостиварско, тетовско, велешко), „виканечки песни“ (охридско и кичевско), „извишно пеење“ (скопско), „пеење на високо“ (скопско, овчеполско, радовишко). Народната терминологија направила и јасна дистинкција на овие песни од другите видови и типови на народни песни, па и од другите типови на обредно пеење, со тоа што извикот го става во длабока функција на самите изведувачи. Во таа смисла, и самите пеачки на овие песни добиле своја народна терминологија која се сретнува во описот на пеачката која ја води главната мелодија и извикува. Во Македонија пеачката се нарекува и: „викарија“, „викача“, „вишачка“, „извикачка“, „вртачка“, „средник“ и слично. Останатите пеачки кои не извикуваат (во одредени региони во Македонија каде е застапено бодрунскиот тип пеење) се нарекуваат „слагачки“, „сложачки“, „гртачки“, „крајници“ и слично. Самиот начин на пеење во народната терминологија се нарекува и „пеење на глас“ или „пеење на И“. Овој вид на песни е карактеристичен за жетварските, лазарските, водичарските, ѓурѓовденските, велигденските, иванденските, свадбените и додолските обредни песни. Во естетска смисла, извикувањето ја збогатува мелодијата и нејзината фукнција.

Социјална и културна фукнција на песните со извикување

[уреди | уреди извор]

Песните со извикување можеме да ги доведеме во врска и со нивниот магиски карактер, односно со симболичкото значење на звукот, гласот, што го имал во традиционалните култури. Функцијата што ја имал гласот се гледа и во истражувањата во историјата на културата. Така, во космогониските митови, гласот бил на почетокот на создавањето на Космосот, затоа што гласот бил во спротивност со тишината. Гласот е обележје на човечкото или овој свет, додека тишината го претставува дивиот и хтонскиот свет. Имено, многубројни се верувањата во различни сегменти од народната култура кога звукот, песната, галамата, викањето, свирењето асоцирало на живот, на животниот принцип, додека тивките звуци или тишината на негова отсутност. Земајќи во предвид кога се изведуваат овие песни – при жетва, берење билки, свадбените обреди, значи во сегменти каде се очекува здрава заедница нов живот, односно плодоносниот принцип (успешната жетва, каде житните култури биле главна храна на Македонците; берењето билки кои во најголем број случаи и се корстеле за лекување, како и свадбата со која се очекува продолжување на родот), тогаш извикувањето можеме да го поврземе со истерување на нечистите сили што подалеку, атрибутите на човечката култура и здрава заедница да зафатат што поголеми простори. Дека пеењето имало магиска функција покажуваат и некои латински зборови кои означуваат и пеење и баење, на пр. cantus (1. Пеење, глас, песна; 2. заколнување, баење), carmen (1. песна; 2. прорекување, заколнување), cantio (1. песна, 2. заколнување). Според компаративните етномузиколошки истражувања, ваков вид на пеење се сретнува кај скоро сите словенски народи, со посебен заеднички акцент на јужнословенската група народи. Оваа функција можеме да ја доведеме во врска со преминување од една состојба во друга, што е потврдено уште во ставот на Едмунд Лич, кој истакнува дека културата постојано ја користи вештачката бука (читај музиката, во овој случај и песните со извикување) за означување на граници – временски или просторни, но, границите не се само физички, туку и метафорички. На пример, во свадбените обреди, песните, но и песните со извикување се присутни при завршување на една фаза и започнување на друга. Така на пример, при подготвувањето за одењето по невеста или излегувањето на невестата од татковиот дом, бричењето на зетот го означува завршувањето на сепарацијата и влегувањето во лиминалноста; сведувањето на младите - почеток на агрегацијата итн. Слично е и со жетварските и билјарските песни, во кои е означен периодот кога започнуваат земјоделските работи, како и пролетно-летниот циклус.

Поврзаност на песните со извикување со други заштитени добра

[уреди | уреди извор]

Поврзаност со заштитените обичаи кои се изведуваат на празникот Ѓурѓовден, Водици и Жетварските песни. Според основната обредна функција на овие песни, тие секако се поврзуваат со обредите и ритуалите при кои истите се изведуваат. Овие песни се дел од синкретичниот обред кој се изведува при прославувањето на празникот Ѓурѓовден (особено кај „одењето по билки“, односно кај „билјарските песни“), Велигден, Водици (специфичен за женските водичарски обредни поворки), Иванден, но и при свадбениот обреден комплекс, лазарските, жетварските и додолските обреди. Специфичната функција на извикот е мошне препознатлива кај жетварските песни каде извикот има и сигнална функција.

Посебни карактеристики на песните со извикување

[уреди | уреди извор]

Посебноста на овој вид песни може да се забележи во: - Самиот момент и присуство на извикот и извикувањето; - Нивната силна обредна и магиска функција каде извикот претставува главен архаичен, магиски и симболичен елемент, кој е истовремено и носител на главната функција на песната која треба да се „слушне подалеку, „да ја прочисти земјата и природата, „да ги избрка лошите сили и духови од човечките простори и да ги смести во далечни, кои ги носат ознаките на простори без звук, без глас, со еден збор простори без живот; „имитативна магија при испраќањето на невестата од нејзиот дом, кога извикот претставува имитација на плач“, но и повикување на живот и слично;

- Естетската функција на песната која на овој начин добива поголема звучност;

- Строго одредени носители на овој елемент;

- Строго одреден момент на изведување во текот на самиот обред;

- Во одредени случаи, строго одреден културен простор на изведба (при берење билки во гората, при облекување на невестата во невестинската облека, бричењето на зетот, кога пристигнуваат сватовите во невестината куќа, кога се испраќа невестата од дворот во татковата куќа, кога се дочекува невестата во дворот на свекорот и слично).

• Уникатност

Станува збор за песни кои се изведуваат строго при обредни дејствија со што се нагласува магиската функција на обредот и обредниот глас. Песните се укикатни, не само по начинот на изведување, туку и по специфилните типови на извици кои претставуваат идентитетстки маркер за еден регион, а не ретко и за едно село. • Исклучителност

Во своите мелодиско-ритмични карактеристики, а особено со силните и гласни извици, овие песни имаат исклучително силна звучна експресија која го поддржува и нивното магиско дејство.

• Впечатливост Песните се впечатливи по својата интонативна структура и начин на изведба која секогаш бара групно пеење, со строго издиференцирани фунцкии на извикувањето и гласот кој по својот звучен интензитет има моќ и функција да продре низ времето и просторот и да допре до „Боговите“. Организацијата на звукот и текстот во целост ја исполнува оваа фунцкија заради што овие песни се сметаат за едни од потешките за изведба. Во традиционалната народна музика овие песни имаат посебно место во свеста на носителите за нивното нематеријално културно наследство.

• Влијателност

Длабоката старост на овие песни, нивната поврзаност со обредите и магијата, како и нивната погоре опишана звучна парадигма, придонело до длабоко вкоренување на овие песни во колективната меморија на Македонците кои овие песни, на локално и регионално ниво, ги идентификуваат како свои. Во таа смисла, нивното влијание во однос на диференцирањето на обредните песни во однос на другите видови народни песни е видливо и од големо значење за етномузиколошките категоризации и истражувања. Влијателноста на значењето на овие песни е изразена и во создавањето на народната терминологија кои овие песни ги издвојува како посебна категорија, како „песни на И“, „викоечки песни“, „песни на извикување“ и слично.

Песните со извикување се во синкретична врска со самиот обред во чии рамки се изведуваат и претставуваат симбол на магиските дејствија. Нивната поврзаност со обредите, но и нивната генеза како дел од јужнословенското нематеријално културно наследтсво, во голема мера е еден од клучните причини за нивното живо зачувување на сцена како естетска културна експресија.

Потекло на песните со извикување

[уреди | уреди извор]

Опишаните етномузиколошки карактеристики укажуваат на длабока старост на овој вид песни чие потекло води корени од претхристијанските религии и верувања во природата. Истите карактеристики се однесуваат и на обредните дејствија кога се изведуваат овие песни. Ваков вид песни се јавуваат кај сите јужнословенски народи, со што се потврдува исклучителната старост на ова нематеријално културно добро.

Загрозеност на песните со извикување

[уреди | уреди извор]

Со оглед на фактот дека овие песни се поврзуваат со верувањата во природата и имаат претхристијанско потекло, сосема нормално е дека нивната вистинка културна и социјална функција е исчезната и е жива само во колективната меморија на постарите носители на доброто. Со оглед на тоа дека станува збор за строго обредни песни кои повеќе не се изведуваат во автентичен контекст, нормално е дека тие се во исклучително загрозена состојба. Донекаде исклучок претставуваат некои од свадбените песни кои можат да се сретнат во поедини предели и во индивидуални семејства при извршување на некои обреди каде извикувањата, иако не толку изразени, се сè уште живи. Сепак, носителите на доброто се во голема мера свесни за вредноста на овие песни, како и за нивната идентификациска функција во однос на специфичноста на изразите. Карактеристичните типови на извикувања, кои се посебни за одредени региони во Македонија, се сметаат за дел од културното наследстсво на секој регион посебно. И покрај тоа што песните повеќе не се изведуваат во природен контекст, сепак тие се задржани во живата меморија и се изведуваат во секоја прилика за покажување на обредната музичка традиција на еден регион, како на пример на смотри, дефилеа или фестивали. Овој вид на песни е вклучен во репертоарот на сите пеачки групи од руралните средини, и продолжуваат да се изведуваат на локални, регионални и национални фестивали. Нивната изведба директно се поврзува со културното наследство на еден регион и едно село. Карактеритсичен пример за тоа е високиот степен на пренесување на помладите генерации, негување и изведување на овој вид песни во селото Истибања, Кочанско и селото Ињево, Радовишко. Во рамките на промените што се случуваа треба да се нагласат и миграционите процеси село/град, со што и голем дел од населението се иселува во градовите, па нормално е и да се очекува и да се намали обемот на обредните дејства поврзани на пример со жетвата, берењето билки, свадбените обреди. Употребата на механизација при жетвата исто така е фактор кој влијаел на губењето на овој вид песни.

Документираност на песните со извикување

[уреди | уреди извор]

Постојат следние видови постојна документација: - изворните материјали со обичаи што се спроведуваат на празниците Водици, Лазарици, Ѓурѓовден, Велигден, Иванден, како и за време на жетва, свадба и додолските обреди и песни, што се чуваат во Архивот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, од Скопје, а се наоѓаат во: а. магнетофонски ленти УХЕР; б. аудио ленти ТДК 60; в. содржински листови на снимениот материјал со соодветен број на магнетофонската, односно аудио-лентата и податоци за местото и времето на снимениот материјал, како и податоци за информаторите (место на живеење и место и дата на раѓање); г. евидентски ливчиња со податоци за бројот на магнетофонската лента, местото каде е регистриран обичајот и податоци за информаторот; д. дел од регистрираниот материјал е дешифриран, т.е. преточен е во текст отчукан на машина за пишување. Магнетофонските и аудио-лентите, како и евидентните листови се чуваат во метални сефови во холот на Институтот за фолклор, а содржинските листови и листовите со дешифрираниот материјал се чуваат во плакари во просторијата на Архивата на Институтот за фолклор. Обемен материјал со овој вид песни се наоѓа и во архивата на Македонската Радио Телевизија каде во текот на 70-те и 80-те години од минатиот век етномузиколозите Живко Фирфов, Миле Брзанов и Кирил Тодевски направиле студиски снимки на овој вид песни во Македонското радио. Постојат и видео записи, направени во истиот период во вид на кратки документарни филмови за македонските села и обреди. Видео материјали се достапни и во архивите на МРТВ каде постојат видео ленти со снимки од Фестивалот за народни песни „Долнени“.Постојат стотици магнетофонски ленти од Архивот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ - Скопје. Материјали со водичарските, лазарските ѓурѓовденските, велигденските, иванденските, жетварските и свадбените обреди и песни, многу често се регистрирани заедно со други календарски обичаи на иста лента, така што со прецизност не може да се одреди точниот обем на нивната документираност. Истото важи и за содржинските и евидентните листови и дешифрираниот материјал од магнетофонските ленти со инвентарен број од архивот на Институтот за фолклор "Марко Цепенков" од Скопје.

Институции што чуваат документација за песните со извикување

[уреди | уреди извор]

Институт за фолклор "Марко Цепенков" од Скопје; Институт за старословенска култура од Прилеп; Институт за етнологија и антропологија при ПМФ од Скопје; Македонска Радио-Телевизија (МРТВ); Други ТВ-куќи

Вредности и значење на песните со извикување

[уреди | уреди извор]

Кај песните со извикување што ги пратат обичаите од календарскиот и од животниот циклус се зачувани мошне архаични елементи кои ја одразуваат општочовечката (антрополошка) димензија од потребата за помош од натприродните сили за совладување на секојдневните егзистенцијални проблеми (желбата за здравје, среќа, множење на стадото, добар род итн).

Истовремено во нив се забележуваат и одредени национални и регионални културни вредности, со оглед на фактот што некои типови на извикување се каректеристични само за одреден регион, а исто така и другиот обреден фолклор (обредни песни, вербални магиски формули, благослови и сл.) што ги придружуваат обредите од народниот и стопанскиот календар и кои се исполнуваат на некој од дијалектите на македонскиот јазик.

Валоризацијата на песните со извикување во Македонија е извршена според критериумите коишто се однесуваат за нематеријалните добра, наведени во членот 3 од Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство, и тоа конкретно според нивната етнолошка вредност.

Од критериумите што се однесуваат на својствата на песните со извикување земени се во предвид нивната:

Автентичност - изразена преку степенот на присутност на извикувањето во сите типови на извици, а и преку присуството на изворните, посебни, специфични, богати по содржини песни, различните музички и текстуални варијанти на истите песни, прилагодени на условите и начинот на живот на луѓето во Македонија.
Реткост - изразена во однос на квантитетот, односно на степенот или интензитетот на застапеноста на овие песни кои се дел од обредното пеење во Македонија и обредните музички дијалекти и идиоми на секое село посебно, со оглед на фактот што во последно време сé помалку се изведуваат;
Разновидност - изразена како богатство на содржини, односно присутност на приличен број на различни типови на извикување својствени за различни локални и регионални музички идиоми;
Интегралност - изразена преку степенот на единството на функциите и облиците, вклопеноста на структурите, односно содржините, со оглед на фактот што сите овие песни се извршуваат на одреден празник, а генерално имаат и општа цел;
Старост - изразена како време на настанување, со оглед на веќе споменатата архаичност на обредноста што се извршува за време на календарскиот и животниот циклус.

Од критериумите што се однесуваат на функциите на добрата кај песните со извикување земени се в предвид следниве:

  • Културната функција;
  • Социјална функција;
  • Комуникациска функција;
  • Научната функција (етномузикологија, фолклористика, етнологија,

социологија, антропологија);

  • Воспитно-образовната функција;
  • Информативната функција.

Од критериумите што се однесуваат на значењето на доброто земени се в предвид следниве:

  • Културното значење;
  • Културно-историското значење;
  • Уметничкото значење;
  • Научното значење;
  • Општественото значење.

Овие песни се од несомено големо значење за зачувување на културниот идентитет на македонскиот народ кој со векови наназад го негува овој вид на музичка традиционална културна експресија која е со мошне архаично потекло и кое воглавно е својствено не само за Македонците, туку и за останатите јужнословенски народи.

Станува збор за песни од обреден карактер кои во својата мелодиско-ритмична формална структура содржат интонативен извик кој по своите издвоени етномузиколошки карактеристики е специфичен за одредена категорија на песни кои се изведуваат при обреди и обредни дејствија поврзани во годишниот и животниот цуклус на една заедница. Според етномузиколошките истражувања, овој вид на песни најчесто се изведува на отворен простор, при групно обредно женско пеење, често изведено на антифон начин.

Песните со извикување се песни со појава на специфични извици кои може да се јават на почетокот, во средината или на крајот на мелострофата од песната. Извикот може да биде од различен тип (краток, долг, статичен, надолен или нагорен) што е карактеристично за еден одреден регион или село.

Карактеристиката на песните со извикување е нивната силна обредна и магиска функција која се преточува и во нивната силна социјална функција. Овие песни се точно опишани и во народната терминологија која направила и јасна дистинкција на овие песни од другите видови и типови на народни песни, па и од другите типови на обредно пеење, со тоа што извикот го става во длабока функција на самите изведувачи.

Во поглед на етнолошко-антрополошко и фолклористичко истражување песните со извикување во симболичко и магиско толкување ги доведуваме во врска со значењето што го имала музиката, како и воопшто звукот, гласот во традиционалните култури. Овие моменти – звукот, гласот, музиката се гледаат и во истражувањата во историјата на културата, каде што гласот, звукот, музиката е во спротивност со тишината, и тие се обележја на човечкото или овој свет, додека тишината го претставува дивиот и хтонскиот свет.

Нематеријално културно наследство

[уреди | уреди извор]

Според аналилзите и критериумите, и според важноста и распространетоста песните со извикување во Македонија се категоризираат како нематеријално културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.

Литература

[уреди | уреди извор]

- Братиќ, Добрила. 1993: Глуво доба. Претставува о ноќи у народно религии Срба. Библиотека XX век, 80, Платон, Белград.

- Виноградова, Н.Л. 1999: „Граќање по звуци“, во: Звучи и тивок свет. Семиотиката на звукот и говорот во традиционалната култура на Словените. Библиотека на Институтот за славистика, Руската академија на науките Институт за славистика, Катедра за етнолингвистика и фолклор. Издавачка куќа „Индрик“, Москва.

- Светот звучи и молчи. Семиотиката на звукот и говорот во традиционалната култура на Словените. Библиотека на Институтот за славистика, Руската академија на науките Институт за славистика, Катедра за етнолингвистика и фолклор. Издавачка куќа „Индрик“, Москва, 1999 година

- Лич, Едмунд 1983: Култура и комуникација. Логика повезување симбола. Uvod u primenu srukturalističke analize u socijalnoj antropologiji. Преземи англиски јазик Борис Хлебец. Библиотека XX век, Просвета, Белград.

- Невскаја, Г. Семиотиката на звукот и говорот во традиционалната култура на Словените. Библиотека на Институтот за славистика, Руската академија на науките Институт за славистика, Катедра за етнолингвистика и фолклор. Издавачка куќа „Индрик“, Москва, 123-134.

- Раденковиќ, Јубинко 1996: Симболиката на светлината во народната магија на Јужна Словенија. Просвета, Ниш, Балканолошка институт САНУ, Белград, Посебна изда књ. 67, библиотека Словенски свет, Ниш.

- Раденкович, Кубинко 1999: „Гласот во народните заговори на јужното глорифицирање“, во: Звучи и тивок свет. Семиотиката на звукот и говорот во традиционалната култура на Словените. Библиотека на Институтот за славистика, Руската академија на науките Институт за славистика, Катедра за етнолингвистика и фолклор. Издавачка куќа „Индрик“, Москва, 200-209.

- Толстаја, М.С. 1999: „Звучен код на традиционалната народна култура“, во: Звучи и тивок свет. Семиотиката на звукот и говорот во традиционалната култура на Словените. Библиотека на Институтот за славистика, Руската академија на науките Институт за славистика, Катедра за етнолингвистика и фолклор. Издавачка куќа „Индрик“, Москва, 9-16.

- Sedakova, A. I. 1999: „Плачот во верувањата и ритуалите поврзани со раѓањето и развојот на детето“, во: Звучи и тивок свет. Семиотиката на звукот и говорот во традиционалната култура на Словените. Библиотека на Институтот за славистика, Руската академија на науките Институт за славистика, Катедра за етнолингвистика и фолклор. Издавачка куќа „Индрик“, Москва, 105-122.

- Цивјан, В. Татјана 1999а: „Рефлексија на звучниот пејзаж во јазикот и текстот (врз основа на материјалот на руската загатка)“, во: Звучи и тивок свет. Семиотиката на звукот и говорот во традиционалната култура на Словените. Библиотека на Институтот за славистика, Руската академија на науките Институт за славистика, Катедра за етнолингвистика и фолклор. Издавачка куќа „Индрик“, Москва, 149-178.

- Петреска, пролет 2002: Свадбата како обред на премин кај Македонци од брсјачката етнографска девица. Институт за фолклор „Марко Цепенков“-Скопје, изданија Посебни, кн. 43, Скопје.

- Петреска, пролет 2008: категории на близина и оддалеченост: етнолошко-антрополошко и стражување во народната култура. Институт за фолклор „Марко Цепенков“-Скопје, изданија Посебни, кн. 72, Скопје, 2008 г.

- Гориев Гори, 1985, Македонски народни песни од Извикува, докторска дисертација, ракопис, Скопје.

- Vasijeviě A. Miodrag, 1970, Функции и функции на гласовите кај народната пејачка Српска, Рад VII Конгрес на Северозападната Федеративна Република, Пореч, стр.375

- Бицевски, Трпко. 1973. „Обредна песна во Кичевско“. Фолклор – Фолклор. Св.65. јануари-март. Белград.

- Бицевски, Трпко. 1986. Расправата во СР Македонија. Институт за фолклор Марко Цепенков. Скопје.

- Бицевски, Трпко. 1997. Мелодиката во македонската народна песна и неврски со други жанрови и култури. Скопје. Институт за фолклор Марко Цепенков.

- Бицевски, Трпко. 1999. Македонски народни песни на Костурско. Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје. Народни песни. книга 14. Скопје.

- Бицевски, Трпко. 2001. Прашање за етномузикологијата во Македонија. Институт за фолклор - Марко Цепенков. Скопје.

- Величковска Родна, 2003, Жетварското пејеје во Македонија, Институт за фолклор Марко Цепенков - Скопје, Скопје

- Димоски Михајло, 1974 година, Орската традиција во село Ијево, Радовишко, Институт за фолклор - Марко Цепенков, Скопје.

- Кауфман Николај и Тодор Тодоров, 1967, Народни песни од југозападна Бугарија. Пиринско, БАН, Софија

- Линин Александар, 1970, Полифоните формаи во Македонија, РАД XVII Конмгреса СЗФЈ, Пореч, Загреб, 1972 г.

- Методологија Симоновски, 1961, Музика на терминологијата во македонската народна мудрост, ЗВУК, бр. 51, СКЈ, Белград

- Стојкова Велика, 1998 Свадбен Глас како популарен термин испитуван преку етномузиколошка анализа, Отпис МУЗИКА бр. 2-3, СОКОМ, Скопје.

- Стојкова Велика, 1997 Свадба на традиционалните обичаи на песни од Источна Македонија, со споредба од Егејск и Западна Македонија, теза, ФМУ, Скопје.

- Стојкова Велика, 2001 година, Тажачките од Мариово, деактивирана МУЗИКА бр. 7, SOCOM

- Фирфов Живко, 1953, Македонска народна музика, Институт за фолклор, Скопје - Асафиев, Борис. 1987. За народната музика. Музика. Ленинград.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]