Павилјон бр. 6

Од Википедија — слободната енциклопедија
Павилјон бр. 6
АвторАнтон Павлович Чехов
ЗемјаРусија
Јазикруски
Издадена
1892

Павилјон бр. 6 (руски: Палата № 6) — новела од 1892 година на Антон Чехов.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во подолгиот расказ (новела) на Чехов „Павилјон бр.6“ го следиме животот на еден обичен човек, лекар, Андреј Ефимич и уште неколкуте лика во неговото опкружување.[1]

На почетокот од расказот е опишан Павилјонот бр. 6 во кој се затворени лудите, каде едвај има услови за живот, со кревети зацврсени на подот, решетки на прозорците, нерамен под, исчаден кров, сиви валкани ѕидови, каде смрди на рассолница и амонијак што оддава впечаток како таму да се затворени животни.

Таму се сместени петмина: едниот е слаб висок малограѓанин кој постојано гледа во една точка, тажи, ја клати главата, јаде и пие кога ќе му дадат, не зборува и не одговара на прашањата; втроиот е евреинот Мојсејко кој е со весела нарав и е единствен кому му е дозволено да излегува, па често оди во градот да просјачи и на тој начин се храни и облекува; третиот е еден дебел селанец со тапо лице, неподвижен, вечно гладен, човек што престанал да чувствува и мисли, човек од кој избива неподнослива смрдеа и кого прислужникот Никита постојано го тепа, но на ударите тој не одговара ни со поглед ни со движење; четвртиот е ситен и итар човек кој некогаш сортирал пошта и кој постојано нешто крие под перницата; и петтиот е најважниот, благородникот Иван Дмитрич.

Иван Дмитрич бил судски пристав и губерниски секретар, а страдал од манија на гонење. Тој бил убаво воспитан, образован, начитан, иако нервозен по природа и остар во своите судови, во градот го сакале и го сметале за подвижна енциклопедија. Во Павилјонот тој понекогаш брзо чекорел од агол до агол зборувајќи за човековата подлост, за насилството што ја задушува правдата, за прекрасниот живот што некогаш ќе се случи на земјата, за прозорските решетки кои го потсетуваат на глупоста и жестокоста на насилниците.

Лекарот Андреј Ефимич речиси никогаш не одел во Павилјонот бр. 6 да ги посети лудите. Тој во младоста бил многу набожен и сакал да стане духовно лице, но под влијание на татка си завршил медицински факултет.

Надворешно, воопшто не личел на лекар. Имал тешка, проста, селска надворешност, несмасна снага со која повеќе потсетувал на друмски меанџија, широки плеќи, огромни раце и нозе. Но, неговото движење било тивко и претпазливо а гласот тенок.

Воопшто, однесувањето му било несигурно, попустливо, секогаш на другите им давал предност, а кога сакал да јаде или пие тоа го барал на особен начин од својата прислужничка: „Дарјуша, како би било да каснам“. Или кога ќе му дошол пријателот на гости: „Дарјуша, како би било да донесеш пиво?“

Како лекар, во прво време бил многу совесен и внимателен. Работел од утро до пладне, вршел операции, па дури и акушерски прегледи. Но, со време работата му здодеала поради својата бесполезност. Прегледувал по 30-40 болни, односно 12 000 годишно.

Тој не ги лекувал и сметал дека се тоа само 12 000 излажани луѓе. Тој си велел: „Па и зошто да им се пречи на луѓето да умираат, ако смртта е нормален и озаконет крај на секого? Што од тоа ако некој трговец или чиновник поживее уште пет или десет години? Ако целта на медицината се гледа во тоа лекарствата да ги ублажуваат страдањата, тогаш несакајќи се поставува прашањето: зошто пак да ги ублажуваат? Пред сѐ, велат дека страдањата го водат човека кон совршенство…“

Со вакви расудувања Андреј престанал да оди во болницата секој ден. Со згрозување ќе прегледал по пет-шест пациенти на ден, а потоа работата ја преземал неговиот помошник Сергеј Сергеич. Рано си заминувал дома, читал многу, половина плата ја давал за книги, а најмногу историски и филозофски и речиси секое попладне го чекал да му дојде пријателот  Михаил Аверјанич, единствениот човек од градот кој Андреј можел да го поднесува.

Лекарот секогаш го започнувал разговорот, а Сергеј со својата веселост речиси само се согласувал со него или раскажувал некои весели случки од минатото.

Андреј постојано кажувал дека во градот нема интелигентни луѓе кои знаат и сакаат да водат умен и интересен муабет. А откако ќе си го испрател пријателот тој повторно се задлобочувал во книгите црпејќи и воодушевувајќи им се на длабоките мисли. Па така, се задлабочувал и во својот живот од чие минато се згрозувал, а и сегашноста не му била многу различна.

Додека им го посветувал времето на книгите тој знаел дека 12 000 луѓе биле излажани годишно, знаел дека има болни на кои може да им помогне, дека Никита ги тепа лудите, дека некои пијат вотка и играат карти со болничарките и дека е така веќе 20 години уште откога е изградена болницата.

Самата болница била изградена врз грабежи, озборувања, сплетки, кумства, лажење, била гнездо на неморал и штетна за здравјето на луѓето. Андреј Ефимич знаел дека медицината многу напреднала последните години и дека ваква гадост од болница може да има само во безначајно и зафрлено гратче како што е неговото.

Последните две години власта малку попуштила и дала пари за подобрување на условите и го испратила младиот лекар Евгениј Хоботов како помош. Тој дошол со својата грда жена која ја претставувал како готвачка и двапати неделно ги прегледувал болните. Не воспоставил нов ред во болницата за да не го навреди Андреј, за кого сметал дека е стар лажго и дека има спечалено многу пари.

Еден ден, Андреј сосема случајно влегува во павилјонот со лудите и таму го започнува разговорот со Иван Дмитрич. Разговор кој ќе го примами повторно да дојде и да доаѓа секој ден:

„— За што ме сметате вие овде?

— Вие сте болен.

— Да, болен. Но, ене десетици, стотици луди шетаат на слобода, затоа што вашето незнаење не е способно да ги различи од здравите. Зошто тогаш јас и овие несреќници сме должни да седиме тука за сите, како јарци на курбан? Вие, вашиот помошник, управникот и сета ваша болничка тајфа во морален поглед сте неизмерно пониско од секој меѓу нас, па зошто тогаш ние да сме тука, а вие не? Каде е тука логиката?

— Моралните односи и логиката тука немаат место. Се зависи од случајот. Кого го седнале тој ќе седи, а кого не го седнале тој ќе шета на слобода. Тоа е се. Во тоа, што јас сум лекар, а вие душевно болен, нема ни морал ни логика, туку само една гола случајност.“

Колку вистина има во овој разговор ќе се види на крајот од расказот, кога „случајноста“ ќе го „седне“ и Андреј зад решетките на павилјонот.

Разговорите секојдневно се одвиваат, Андреј повеќе не оди дома и не го пречекува својот пријател, туку задоволувањето на својата потреба од умен човек и разменување филозофски мисли ја наоѓа во лудницата.

„ — Сега би било добро да се провози човек негде надвор од градот, — рече Иван Дмитрич, триејќи си ги вцрвените очи, како да се будеше — потоа да се врати дома во стоплен, пријатен кабинет и... да се полекува кај некој чесен лекар од болки во главата… Веќе одамна не сум поживеал како човек. А овде е гадно! Неподносливо гадно!

— Меѓу топлиот, пријатен кабинет и овој павилјон нема никаква разлика, — рече Андреј Ефимич. — Мирот и задоволството не се надвор од човекот, туку во самиот него.

— Како тоа?

— Обичниот човек го очекува доброто или лошото однадвор, тоест од кочии или кабинети, а оној што мисли од самиот себеси.“

Овие две спротивставени мислења за среќата и несреќата на човекот се од аспект на човек кој има дом, слобода, можност да прави што сака и човек кој живее во неподносливи услови, затворен зад решетки. И двајцата имаат право, секој за себе. Но, сепак мислата на лудиот Иван Дмитрич победува — дека човековиот живот е чувствување — и внатрешно и надворешно, на студ, болка, глад, тага, среќа. И ако ги нема основните човечки услови за живот тој не е човек туку обично животно. Само ако ги има, може да размислува, да филозофира и да се жали дека му е здодевно.

Честите посети на Андреј Ефимич на Павилјонот бр. 6 почнало да предизвикува чудење кај вработените во болницата, а долгите разговори биле доказ за младиот лекар Хоботов и помошникот Сергеј дека тој се померил од умот. Затоа, Андреј го повикуваат во управата на градот каде го распрашуваат за работата, а всушност го дијагностицираат и заклучуваат дека е болен. Како прв чекор тие му предлагаат да се одмори и да оди на патување со својот пријател Михаил Аверјанич. Иако не сакал да патува и да се одвои од домот, од навиките, од книгите и пивото, тој сепак морал да ја прифати понудата зашто се плашел од поинакви мерки на управата.

На патувањето му било здодевно, постојаното зборување и запознавањето со нови луѓе на Михаил го презирал и во почетокот од учтивост го придружувал:

„Еве човекот си го зел одморот и тргнал со мене од пријателство, од великодушност — мислеше лекарот со јад. — Нема ништо полошо од тоа пријателско туторство. Тој, е, еве како да се каже, и добар, и великодушен, и весел, а сепак здодевен. Исто така има луѓе кои секогаш зборуваат само умни и убави зборови, а ти сепак чувствуваш дека се тапи.

Во наредните денови Андреј Ефимич се преправаше болен и не излегуваше од собата. Лежеше на канабето со лицето в ѕид и се мачеше кога пријателот го забавуваше со разговори, или пак здивнуваше кога го немаше него. Се јадеше што тргнал на пат и се лутеше на пријателот, кој со секој ден стануваше се подрдорлив и пораспашан; а никако не му поаѓаше од рака да си ги насочи мислите кон нешто сериозно и возвишено.“

Така, Андреј сосема се повлекува во себе и едвај чека да се врати дома, но со својот попустлив карактер се сложува да одат и во Варшава, каде Михаил освен што постојано шета и се весели, загубува на коцка петстотини рубљи кои Андреј му ги дава како на пријател, без размислување.

Кога се враќаат во својот град, местото на Андреј било зафатено од младиот лекар Хоботов и веднаш го чекале да си најде нов стан за тие да се вселат. Останат без пари по патувањето на кое потрошил 1000 рубљи, без работа, без пензија, почнуваат страдањата на стариот лекар. Па дури и лудиот Иван Дмитрич не сакал да го прими на разговор — бидејќи тој повеќе со никого не сакал да зборува и барал да го затворат во самица.

Андреј веќе се срамел што насекаде должел пари за да се прехрани, дома, само лежел свртен кон ѕидот, понекогаш го посетувал Михаил кој не му ги враќал парите, а тој со стиснати заби едвај го издржувал неговото дрдорење. По некое време, младиот Хоботов го прелажува дека му треба стручна помош и го сместува Андреј во Павилјонот бр. 6. Дури тогаш тој навистина ја сфаќа суровата реалност на затворените пациенти. Никава филозофија не му се врти во глава, а кога му недостасува свежиот воздух, седењето со пиво и цигара — ги добива ударите од прислужникот Никита.

Утредента, со главоболка, ѕунење во ушите и премаленост ги дочекува посетителите кои го распрашуваат, но тој ниту веќе сака да јаде, ниту да пие и само неподвижно лежи, молчи и мисли – колку му е веќе сѐ сеедно. Вечерта умира, а на погребот дошле само Михаил и прислужничката Дарјушка.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „„Павилјон бр. 6" од Чехов (раскажана)“. Македонски јазик и литература. 2011-11-02. Посетено на 2023-08-16.