Мопс

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мопс (PUG)

Мопс (2011)

Кучињата од расата Мопс спаѓаат во расите на мали кучиња. Тие имааат кратка муцка, збрчкано лице и виткана опашка во облик на спирала. Кучињата од оваа раса се одликуваат со мазно и сјајно крзно во повеќе бои и кратко мускулесто тело. Тие се опишани како multum in parvo (многу во мало пакување), а тоа се однесува на карактерот и малиот раст на оваа раса. Во древна Кина тие биле познати како Lo-sze и се заслужни за појавата на англискиот Булдог, денешниот Пекинезер и кучињата од расата Кралски Чарлс Шпаниел (King Charles Spaniel). Тие имаат кинеско потекло , но станале популарни во Западна Европа благодарение на холандската Оранска династија и британската династија Стјуарди. Кучињата од оваа раса можат да страдаат од бројни здравствени проблеми, како прејадување, зголемена телесна тежина, фарингијален рефлекс како и два здравствени проблеми кои можат да бидат фатални како што се некротизирачки менингоенцефалитис и деформитети на ‘рбетот. Освен тоа сопственикот мора да внимава на хигиената на ушите на кучето и наборите на неговото лице.

Опис

Оваа раса често се опишува како многу во мало пакување , што всушност го опишува најзиниот карактер дури и покрај малиот раст на оваа раса. Ако за време на осумнаесеттиот век оваа раса имаше тенденции да има долго и слабо тело, денешните кучиња од расата Мопс имаат мало, набиено тело во облик на квадрат, со вдлабнати гради и развиени мускули. Ушите кај кучињата од расата Мопс може да се јават во две различни форми ( форма во облик на роза и форма во облик на копче). Ушите кај кучињата кои имаат форма на ,, роза’’ се помали од формата ,,копче’’ и нивниот преден дел е превиткан на страна. Се препорачува да се одгледуваат кучиња со уши во форма на ,,копче’’. Нозете на оваа раса се многу силни, исправени и имаат средна должина. Нивните раменици се благо навалени наназад. Горниот дел од нивните стапала е цврст и не е стрм. Нивните стапала се пократки од стапалата на зајакот, нити пак имаат облик на круг како кај мачките. Тие имаат раздвоени прсти и црна боја на ноктите. Долната вилица им е поиздадена од горната , па затоа тие се спојуваат на тој начин што долната вилица ја покрива горната.

Крзно и боја на крзното Нивното мазно крзно може да биде со жолто-кафена боја, портокалово-кафена, сребрена, црна или да има шарени нијанси. Поретко може да се забележат и кучиња од расата Мопс со бела боја на крзното која може да се јави како резултат на вкрстување со други раси или поради албинизам. Кај кучињата со сребрена боја на крзното можат да се забележат светли влакна и кај нив во долниот дел на крзното отсуствуваат црните нијанси. Сребрените Мопсови вообичаено имаат темна глава и преден дел на нозете, а бојата на нивното лице не двои од бојата на крзното. Обележјата се јасно дефинирани. Тие имаат белег во вид на линија која се протега од тилот до врвот на нивната опашка. Нивната опашка вообичаено е цврста и извиткана во висина на колковите.

Карактер Како раса која се одликува со силна волја и која е ретко агресивна, расата Мопс е соодветна за семејства со деца. Поголемиот дел од кучињата кои припаѓаат на оваа раса се нежни со децата и доволно издржливи за да си играат со нив. Тие можат да бидат тивки и послушни, но и весели и разиграни во зависност од расположението на сопственикот. Историја Потекло Оваа раса е одгледувана со цел да ги краси дворците на кинеските владетели за време на владеењето на династијата Шенг ( пред 400г. п.н.е.). Тие биле познати под името ,,Lo-Chiang-Sze’’ или ,,Foo’’. Информации за кучиња слични на Мопс постоеле уште во 551 година п.н.е. кога Конфуциј оваа раса ја опишал како раса со кратка муцка. Кучињата наречени Lo-sze се сметаат за претходници на денешниот Пекинезер. Популарноста на оваа раса се распространила сè до Тибет, каде најповеќе ваквите кучиња се одгледувале од будистичките монаси, за потоа да се прошири во Јапонија и на крај во Европа. Точното потекло на оваа раса не е познато, бидејќи првиот кинески цар Чин Ши Куанг ги уништил сите списоци, свитоци и уметнички дела кои биле поврзани со оваа раса на кучиња за време на неговото владеење од 221-210 година пред н.е.. Кинеските Фу кучиња (наречени кучиња лавови), се сметале за кучиња чувари и нивни статуи се поставувале пред храмовите. Лицата на овие кучиња се ориентални и со кратки муцки како што се јапонскиот Шпаниел, кучињата од расата Лаза Апсо, Пекинезерот и кучињата од расата Мопс.

16-от и 17-от век Расата Мопс е донесена во Европа во 16-от век од страна на компанијата Dutch East India. Се смета дека оваа раса станала официјална раса во The House of Orange во 1572 година, кога Мопсот по име Помпеј му го спасил животот на принцот, предупредувајки го за присуството на атентатори. Едно кученце од расата Мопс патувало заедно со Вилијам трети и Мери втора, на нивното патување за да го заземат престолот во Англија во 1688 година. Можно е во овој период кучињата од расата Мопс да ги вкрстувале со старата раса на кучиња Кралски Шпаниел, но во секој случај денешниот Кралски Шпаниел ги има одликите кои ги има Мопсот. На крајот оваа раса станала омилена и во другите Европски држави. Самиот Гоја сликал слики од Мопсови во Шпанија, додека во Италија истите биле облечени во панталони и елеци и се возеле заедно со кочијашите на приватните кочии. Нив ги користела војската за пронаоѓање луѓе и животни, а истовремено своја задача нашле и како кучиња чувари.

18-от и 19-от век Популарноста на кучињата од расата Мопс во Франција станувала сè поголема за време на 18-от век. Пред да стапи во брак со Наполеон Бонапарт, Fortune- кучето на Жозефина пренесувало тајни пораки до нејзиното семејство, додека таа била затворена во затворот Les Carmes. Еднинствено нејзиното куче имало право на посета. Кучињата од расата Мопс исто така биле меѓу омилените раси на кучиња во Италија. Во 1789 година, госпоѓата Piozzi во својот дневник напишала : согледувам дека Мопсот или холандскиот Мастиф го напуштил Лондон и дошол во Падова. Во секоја кочија која ја гледам има куче од расата Мопс. Англискиот сликар Вилијам Хогарт поседувал низа Мопсови на кои им бил многу посветен. Во 1745 година тој изработил негов автопортрет заедно со неговиот Мопс – Трамп, која сега се наоѓа во Галеријата Тејт во Лондон. Во 19-от век во Англија, бројот на кучињата од расата Мопс почнал забрзано да расте за време на владеењето на кралицата Викторија. Покрај многуте кучиња кои самата ги одгледувала се истакнувале : Олга, Педро, Минка, Фатима и Венус. Нејзината посветеност на кучињата воглавно помогнала да се етаблира Кенел Клубот, кој бил формиран во 1873 година. На Викторија омилени и биле Мопсовите со жолто-кафена и портокалово-кафена боја на крзното, додека аристократката Брејси донела Мопс со црна боја на крзното од Кина во 1886 година по што и кучињата со црна боја на крзното станале популарни. На сликите и гравурите од 18-от и 19-от век, кучињата од расата Мопс се претставени со подолги нозе и носови и скратени уши. Изгледот на денешните Мопсови е усвоен по 1860 година кога директно од Кина бил донесен нов бран Мопсови. Тие имале пократки нозе и нос типичен за денешните Мопсови. Сечење на ушите кај Мопсот било забрането во 1895 година. Во САД, Мопсот пристигнал во текот на 19-от век (Американскиот клуб за расни кучиња го признал во 1885 година) и овие кучиња набрзо станале популарни како домашни кучиња и кучиња кои се спремаат за изложби. Во 1981 година Мопсот наречен Dhandys Favourite Woodchuck победи на изложбата на кучиња во Westminster САД и тоа е единствениот Мопс кој победил на оваа изложба од нејзиното започнување во 1877 година. Светски шампион на Светската изложба на кучиња во 2004 година, одржана во Рио де Жанеиро, Бразил беше Мопсот Double D Cinoblu’s Masterpiece. Клубот за кучиња од расата Мопс во Америка е формиран во 1931 година, а истата година тој е признат од Американскиот Клуб за расни кучиња.

Здравствени проблеми Бидејќи кучињата од расата Мопс имаат кратка муцка и немаат истакнато чело тие се склони на повреди и болести на очите како што се Проптоза (искривување на очите), можни се повреди на предниот дел од очите и Ентропија (превртување на очните капаци). Мопсовите исто така имаат тесни дишни патишта, што често доведува овие кучиња да не можат нормално да дишат ниту пак да ја регулираат својата телесна температура со помош на јазикот. Нормалната телесна температура кај Мопсовите изнесува од 38 до 39 Целзиусови степени. Доколку нивната телесна температура надмине 41 целзиусов степен, тие не се веќе во состојба да ја одржуваат својата телесна температура, имаат потреба од зголемена количина на кислород и треба да им се помогне да ја намалат зголемената температура. Доколку нивната температура надмине 42 целзиусови степени, нивните внатрешни органи почнуваат да откажуваат, што може да доведе до долгорочни здравствени проблеми, па дури и смрт. Мопсовите поголемиот дел од животот го минуваат мирувајки, па затоа се склони на прекумерна телесна тежина. Сето тоа може да се одбегне со редовни вежби и здрава исхрана. Мопсовите се склони на проблеми со дишењето како резултат на тесниот душник и рамното лице.Просечниот животен век кај Мопсовите изнесува 11 години. Во документарниот филм на BBC и Империјал колеџот од Лондон, постојат информации дека кај оваа раса постои роднинско вкрстување на единки, што значи дека десетте илјади Мопсови кои ги има во Обединетото Кралство потекнуваат од еден ист генетски фонд, односно дека сите тие потекнуваат од само 50 кучиња.

Сериозни здравствени проблеми Мопсовите страдаат од некротизирачки менингоенцефалитис, уште познат како енцефалитис што се јавува кај боксерите. Тоа е воспаление на мозокот и мембраните кое може да се јави и кај другите помали раси кучиња како што се Малтезерот и Чивавата. Не постои познат причинител на оваа болест кај Мопсовите, но се смета дека оваа болест е наследна. Вообичаено Мопсовите кои се заболени од оваа болест умираат или се успиваат со помош на евтаназија набрзо откако ќе се појават првите клинички симптоми на болеста. Најчесто од оваа болест заболуваат кучиња на 6 до 7 годишна возраст. Мопсовите, заедно со другите раси на кучиња кои имаат кратка муцка и широк череп, се склони на искривување на ’рбетот (хермивертебрае). Извитаканата опашка е пример за оваа болест, но кога тоа ќе се случи во делот на ‘рбетот можат да се јават страшни последици кои предизвикуваат парализа што сериозно се препорачува евтаназија. Овој случај се јавува кога 2 дела од ‘рбетниот столб не се споени соодветно додека кучето е во фаза на растење, што резултира со огромен притисок на ‘рбетот.

Општа здравствена состојба Бидејќи Мопсовите имаат збрчкани лица, нивните сопственици обично се грижат за чистотата меѓу наборите, бидејќи доколку не им се пружи соодветна нега можна е појава на инфекции и иритации. Дисплезија на колковите е чест проблем кај оваа раса, па според едно истражување на Ортопедската Фондација за животни дури 63,8 проценти од Мопсовите страдаат од овој проблем. Според тоа оваа раса се наоѓа како втора најзастапена раса на кучиња кои страдаат од оваа болест меѓу 157 испитани раси. Мопсовите, како и другите раси со кратка муцка имаат издолжени непца на горните вилици. Кога Мопсовите се возбудени тие се склони на ,,reverse sneezing’’, појава кога кучето дише тешко и забрзано и испушта звуци како да ‘рчи. Овој проблем е познат кај ветеринарите под името ,,рефлекс на фарингијално задушување’’. Тоа се случува кога течности и други материи од организмот на кучето застануваат под непцето, што предизвикува иритации и тешкотии во дишењето. Овој проблем не е опасен за здравјето на Мопсовите и поминува сам од себе. Проблемот се решава со масажа на грлото на кучето или пак со покривање на носот со цел да се натера да дише преку уста. Мопсовите се една од неколкуте раси на кучиња кои се најподложни на Демодетска краста, уште позната како ДЕМОДЕКС. Оваа болест се јавува како резултат на ослабнат имунитет и најчесто се јавува кај млади кучиња. Поради ова Мопсовите можат да заболат од многу повеќе болести отколку другите раси на кучиња. Оваа болест е лесно излечива, иако некои кучиња се особено подложни на неа така што болеста тобива системска форма и го зафаќа целиот организам. Се смета дека оваа состојба е генетска, така што одгледувачите на оваа раса избегнуваат да одгледуваат кучиња кои ја имале оваа болест. Вкрстувањето на генетски блиски единки исто така може да се јави како причинител на оваа болест.

Кучињата од расата Мопс во медиумите и културата Кучињата од расата Мопс се вклучени и прикажани во телевизиски програми и филмови како што се филмот Men in Black и неговите продолженија, како и во истоимените анимирани филмови. Други филмови во кои се прикажуваат кучињата од расата Мопс се : Hotel for Dogs, The Adventures of Milo and Otis, Pocahontas, Pocahontas 2 , Dune, 12 Rounds и Marie Antoinette. На телевизиските екрани Мопсовите исто така учествуваат и во 101 Далматинец, The King of Queens, серијата Лудиот Град, Легендата за Змејот, The West Wing и EastEnders. Кучињата од расата Мопс исто така се прикажуваат и во бројни измислени печатени медиуми, како што е хипнотизирачкиот Петула во ,, Човеколиката месечина,, , Мопсот на Lady Bertram во Mansfield Park, како и во книгата God’s Little Weirdos. Тие исто така се појавуваат и во рекламата рачната конзола за видео игри на Нинтендо и Нинтендо ДС, а како милениче може да се чува и Мопсот Перки во играта World of Warcraft. Чика е познат Мопс кој се појавува во рекламата на адвертајзинг компанијата ,,You and I’’ за рекламирање на мобилниот оператор Водафон во Индија. Познати сопственици на кучиња од расата Мопс се авторот на бестселери Дејв Рамзи, комедијантката Марија Бамфорд, водителот Џонатан Рос, глумицата Џесика Алба, глумецот Хју Лори, гитаристот Џејми Џез, познатиот моден творец Валентино Гаравани, фудбалерот Златан Ибрахимович, глумецот Жерард Батлер, глумицата Џенна Елфман и музичарот Боб Зомбие. Војвотката и Војводата од Виндзор се познати по тоа што ги разгалиле Мопсовите кои ги чувале. Во интернет издание на компанијата The Onion, на 23 Мај 2007 година, оваа раса беше исмеана во статијата за сатира наречена ,,одгледувачите на кучиња се соочуваат со откажување на нарачките за Мопсови од 2007 година’’. Оваа статија ги исмева Мопсовите и нивните одгледувачи, притоа опишувајки ја оваа раса како ,,расипан производ’’, што беше потврдено со измислен цитат од страна на директорот на Американската асоцијација на одгледувачи на кучиња од расата Мопс ,, Додека сопствениците на кучиња од расата Мопс се навикнати на ,,неисправност’’ на нивните кучиња, денешните кучиња се склони кон повеќе проблеми од вообичаените дефекти, прегревање, напади, хронични проблеми со дишењето и неможноста да дишат без надворешна помош. Најновиот модел на Мопсови е едноставно неупотреблив. ‘’