МСЗП категории на заштитени подрачја

Од Википедија — слободната енциклопедија
Логото на МСЗП

МСЗП категории на заштитени подрачја, се категории кои се користат за класификација на заштитените подрачја во систем развиен од Меѓународниот сојуз за заштита на природата (МСЗП).[1][2]

Категории[уреди | уреди извор]

Категорија Ia – строг природен резерват[уреди | уреди извор]

Строг природен резерват (МСЗП категорија Ia) е област која е заштитена од секаква, освен од лесна човечка дејност, со цел да се заштити нејзиниот биодиверзитет, а можеби и нејзините геолошки/геоморфни карактеристики.[3] Овие области често се дом на густи локални екосистеми каде што е забрането човечкото нарушување, освен за научно проучување, мониторинг на животната средина и едукација. Поради строгата заштита, овие области обезбедуваат идеални недопрени средини кои овозможуваат мерење на надворешното човечко влијание преку споредба со други области.

Во некои случаи, строгите природни резервати се од духовно значење за околните заедници и исто така се заштитени поради оваа причина. Луѓето кои се ангажирани во практикувањето на нивната вера во регионот имаат право да продолжат да го прават тоа, под услов да се усогласи со целите за зачувување и управување на областа.

Човечките влијанија врз строгите природни резервати сè потешко се спречуваат бидејќи климата и загадувањето на воздухот и новопојавените болести не запираат на границите на заштитените подрачја. Доколку е потребна постојана интервенција за да се одржат овие строги упатства, областа честопати ќе биде категоризирана во категоријата IV или V.[4]

Категорија Ib – подрачје на дивина[уреди | уреди извор]

Подрачје на дивина (МСЗП категорија Ib) е слично на строг природен резерват, но генерално има поголема површина и неговата заштита е за степен помала.

Овие области се заштитени така што биодиверзитетот и процесите во екосистемот (вклучувајќи ја и еволуцијата) им е овозможено да напредуваат или да доживеат реставрација доколку претходно биле нарушени од човечката активност. Овие области можат да ги амортизираат ефектите од климатските промени и да ги заштитат загрозените видови и еколошките заедници.

Човечката посета е ограничена на минимум, често дозволувајќи им на само оние кои се подготвени да патуваат самостојно (пешки, со скии или со брод), но ова нуди единствена можност да се доживее дивината која не била попречена. Подрачјата на дивината може да се класифицираат како такви само ако се лишени од модерна инфраструктура, иако дозволуваат човечка активност до ниво на одржување на домородните групи и нивните културни и духовни вредности во рамките на нивниот начин на живот заснован на дивината.[5]

Категорија II – национален парк[уреди | уреди извор]

Национален парк Пелистер

Национален парк (МСЗП категорија II) е сличен со подрачје на дивина во големината и неговата главна цел да ги заштити функционалните екосистеми. Сепак, националните паркови се потолерантни во одност на човечката посетеност и придружната инфраструктура. Со националните паркови се управува на начин што може да придонесе за локалните економии преку промоција на едукативен и рекреативен туризам во обем што нема да ја намали ефикасноста на напорите за зачувување.

Околните области на националниот парк може да имаат конзумеристичка или неконзумеристичка природа, но сепак треба да делуваат како заштитна бариера на автохтоните видови и заедници на заштитеното подрачје за да им овозможи да се одржат долгорочно.[6]

Категорија III – споменик на природата[уреди | уреди извор]

Споменик на природата (МСЗП категорија III) е релативно помала област што е посебно наменета за заштита на природен споменик и неговите околни живеалишта. Овие споменици можат да бидат природни во целосна смисла или да вклучуваат елементи или да вклучуваат елементи кои биле под влијание или внесени од луѓето. Тие треба да одржуваат поврзаност на биодиверзитетот или во спротивност да бидат класифицирани како историски или духовни места, иако оваа разлика може да биде доста тешко да се утврди.

За да биде категоризирано како споменик на природата според водичите на МСЗП, заштитеното подрачје може да вклучува природни геолошки или геоморфолошки карактеристики, природни обележја со влијание од културата, природни културни локалитети, или културни локалитети со поврзана екологија. Потоа тие можат да бидат класифицирани во две подкатегории: оние во кои биодиверзитетот е уникатно поврзан со условите на природниот локалитет и оние во кои моменталното ниво на биодиверзитет е зависно од присуството на светите места кои создале суштински модифициран екосистем.

Спомениците на природата често играат помала, но клучна еколошка улога во делувањето на пошироките цели на заштитата. Тие имаат висока културна или духовна вредност која може да биде искористена за придобивање на поддршка на предизвиците за заштита преку овозможување на поголема посетеност или рекреативни активности, што нуди поттик за зачувување на локацијата.[7]

Категорија IV – парк на природата[уреди | уреди извор]

Парк на природата Гарска Река

Парк на природата (МСЗП категорија IV) е слична на споменик на природата, но се фокусира на поспецифични области на зачувувањето (и големината не е нужна карактеристика), како што се вид или живеалиште кое има потреба од континуирана заштита, наместо заштита на природно обележје. Овие заштитени подрачја се управувани на начин што обезбедува одржување, зачувување, и реставрација на одредени видови и живеалишта—можно и преку традиционални средства—а јавната едукација за таквите области е широко охрабрувана како дел од целите на управување.

Парковите на природата може да постојат како дел од поширок екосистем или заштитено подрачје и може да бараат различни нивоа на активна заштита. Мерките за управување може да вклучуваат (но не се ограничени на) превенција на ловокрадството, создавање на вештачки живеалишта, запирање на природното наследување, и практики за дополнително исхранување.[8]

Категорија V – заштитен предел[уреди | уреди извор]

Заштитен предел (МСЗП категорија V) покрива територија на земја или океан со експлицитен план за зачувување на природата, но обично опфаќа и низа профитни активности.

Главната цел е да се заштитат регионите кои имаат изградено посебен и вреден еколошки, биолошки, културен, или сценски карактер. За разлика од претходните категории, категоријата V овозможува околните заедници да имаат поголема интеракција со областа, придонесувајќи за нејзино одржливо управување и ангажирање со нејзиното природно и културно наследство.

Пределите кои спаѓаат во оваа категорија треба да претставуваат интегрален баланс помеѓу луѓето и природата и можат да одржат активности како што се традиционалните земјоделски и шумски системи под услови кои обезбедуваат континуирана заштита или еколошка обнова на областа.

Категоријата V е една од пофлексибилните категории на заштитените подрачја. Како резултат на тоа, заштитените пејзажи и морски предели може да бидат способни да ги приспособат современите случувања, како што е екотуризмот, истовремено со одржувањето на практиките за историско управување што можат да обезбедат одржливост на агробиодиверзитетот и водниот биодиверзитет.[9]

Категорија VI – повеќенаменско подрачје[уреди | уреди извор]

Иако вклученоста на човекот е голем фактор во управувањето со овие заштитени подрачја, нивниот развој не е наменет да овозможи индустриско производство во широк обем. МСЗП препорачува дел од подрачјето да остане во својата природна состојба - одлука која се носи на национално ниво, обично со специфичност за секое заштитено подрачје. Управувањето треба да се развие за да се прилагоди разновидниот - а можеби и растечкиот - опсег на интереси кои произлегуваат од производството на одржливи природни ресурси.

Категоријата VI може да биде особено погодна за огромни области кои веќе имаат ниско ниво на човечка окупација или во кои локалните заедници и нивните традиционални практики имале мало трајно влијание врз здравјето на животната средина во регионот. Ова се разликува од категоријата V по тоа што не е резултат на долготрајна човечка интеракција која имала трансформативен ефект врз околните екосистеми.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Francoise Burhenne-Guilmin (2011). Guidelines for Protected Areas Legislation. IUCN. стр. 147. ISBN 9782831712451.
  2. Arjay Dacumos (2006). Biodiversity and conservation (2nd. изд.). Psychology Press. стр. 191. ISBN 9780415342995.
  3. „Protected Area Categories“. 27 May 2016.
  4. Category Ia Strict Nature Reserve
  5. Casson, Sarah A.; Martin, Vance; Watson, Alan (2016). Wilderness protected areas (англиски). ISBN 978-2-8317-1817-0.
  6. Category II National Park Архивирано на 7 април 2014 г.
  7. Category III Natural Monument or Feature
  8. Category IV Habitat/Species Management Area
  9. Category V Protected Landscape/Seascape
  10. Category VI Protected Area with sustainable use of natural resources