Прејди на содржината

Кооперативен мат

Од Википедија — слободната енциклопедија

Кооперативниот мат претставува шаховска композиција, во која целта е да се матира противничкиот крал, а притоа фигурите на двете страни да соработуваат за да се оствари целта. Во ваквите композиции, на потег секогаш е оној, чијшто крал треба да биде матиран, освен ако не е наведено поинаку. Иако, обете страни соработуваат, при решавање на овие задачи, важат стандардните шаховски правила.

Со цел да се зголеми популарноста во решавањето на ваквите шаховски композиции, денес постојат композиции, во кои можно е да се објави кооперативен мат на повеќе начини, односно задачите имаат повеќе решенија. Исто така, голем е бројот и на т.н. шаховски близнаци, односно композиции во кои се можни повеќе решенија, но доколку настанат мали промени на позицијата на таблата; и на т.н. дуплекс композиции, во кои обете страни се во можност со меѓусебна соработка во ист број на потези да го матираат белиот или црниот крал.