Колиндат

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пеење на божиќни песни во Романија - Колиндат

Колиндат (романски: Colindatul de ceată bărbătească) — обичај што ритуално се изведува на Бадник во селата во Романија и Молдавија.

За обичајот[уреди | уреди извор]

Ноќта пред Божиќ, односно на Бадник се собираат момчиња кои ги посетуваат куќите на домаќините и пеејат свечени обредни песни.[1] Од домаќините добиваат подароци и пари. Песните се од епски карактер и се прилагодуваат за секој домаќин и неговата животна ситуација.[2]

Ако во куќата има девојки за мажење, тогаш се пеат посебни песни за немажените девојки, кои танцуваат со нив, и се смета дека ова ќе им помогне во наредната година да најдат сопрузи. Колиндат е составен традиционално од неженети момчиња. Искусните мажи обично организираат обуки и честопати се поранешни водачи на Колиндат. Тие ритуални обредни песни се учеле на пробите до денот на изведбата. Во некои села се дозволувало и децата да присуствуваат на обуките за да ги научат обредните песни. Понекогаш се изведувала и претстава во костими со придружба на жива музика, а честопати имало и некоја кореографија.[2]

Важноста на зачувувањето на Колиндат[уреди | уреди извор]

Зачувувањето на старите обичаи како нематеријално културно наследство е исклучително важно за зачувување на социјалниот идентитет на една земја. Романија и Република Молдавија се граничат преку реката Прут и долниот тек на реката Дунав. Поради близината имаат и некои слични обичаи. Во 2013 година Колиндат од Романија и Молдавија е впишан како нематеријално културно наследство на УНЕСКО.[3] На тој начин се чува наследството на еден народ и се пренесува од колено на колено за да се зачуваат обичаите на тие народи.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Шта је све заштитио Унеско“. Магазин Седмица. Посетено на 9. 6. 2021. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  2. 2,0 2,1 „Men's group Colindat, Christmas-time ritual“. Унеско: Нематеријално културно наслеђе. Посетено на 9. 6. 2021. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  3. „Колиндат под заштитом Унеска“. Media fax. Посетено на 9. 6. 2021. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]