Прејди на содржината

Клешта за оголување

Од Википедија — слободната енциклопедија
Клешта за оголување со винт за нагодување на пресекот на спроводната жица

Клешта за оголување, бланкирка или клешта за бланкирање – вид на клешта во електротехниката која служи за отстранување на изолацискиот материјал од изолирана спроводна жица, односно оголување на спроводната жица. На овој начин со оголениот дел од спроводникот се овозможува остварување на електричен контакт со друг електричен дел кој може да биде конектор или друга спроводна жица. Карактеристично за бланкирката е што истата е изработена да не го оштетува самиот спроводник, што особено доаѓа до израз кај спроводните жици со мали пресеци. Доколку тенка жица се оголува со несоодветна алатка (мотоцангла или сечица) често доаѓа до нејзино оштетување кое влијае на функционирањето.

Постојат повеќе видови на клешти за оголување – рачни, автоматски, ласерски. Честопати бланкирката се комбинира со други функционалности како што е сечење на спроводната жица или спојување на истата, но и со посебни намени како бланкирка за рамни (флет) кабли, за коаксијални кабли, итн.[1]

Клештата за оголување е алатка слична на сечицата. Се разликува по тоа што има изрез со што се овозможува полесно отстранување на изолацијата без притоа да се пресече жицата. За да се пресече изолацијата, бланкирката се врти околу и истовремено се притиска. Со оглед дека изолацијата не е поврзана со спроводниот дел, потоа истата лесно може да се извади. Ова е најстариот вид на клешта за бланкирање.

Многу сличен на овој едноставен модел е моделот со повеќе изрези. Кај овој модел се избегнува потребата од вртење и само со избор на изрез соодветен на пресекот на спроводникот и притисок се отстранува изолацијата.

Автоматски

[уреди | уреди извор]

Автоматските клешти за оголување се приспособени за одреден дијапазон на пресеци на жиците и само со притискање на рачките се отстранува изолацијата. Со оваа алатка и неискусни ракувачи можат прецизно и брзо да вршат оголување и сечење на спроводни жици и кабли, но имаат и одредени недостатоци. Можат да се користат само во одреден дијапазон на пресеци на жиците. Ако жицата е тенка и нежна, истата може да биде прекината од влечната сила на клештата, а ако е голема не може да влезе во вилиците на клештата.

Ласерски

[уреди | уреди извор]

Ласерската клешта за оголување е компјутерски контролирана машина која користи ласер за горење на изолацијата. Ласерските машини за бланкирање се користат за многу мали пресеци на жиците бидејќи не го оштетуваат спроводникот.

Галерија

[уреди | уреди извор]