Енсиеро

Од Википедија — слободната енциклопедија
Споменик во Памплона
Луѓе околу биковите на улицата Естафета

Енсиеро (шпански: encierro) или трка со бикови[1] — настан во кој учесниците трчаат пред мала група бикови (најчесто шест [2] но понекогаш и повеќе од десет) низ улиците во градот,[2] како дел од летен фестивал. При изборот на бикови се претпочитаат одредени раси, како „торо браво“ во Шпанија,[2] кои честопати се користат и во борбите со бикови кои следуваат по трчањето. Во Франција се користат Камарг говеда, кои не се користат за борби. За таа намена обично се користат бикови (некастрирани машки говеда).

Историја[уреди | уреди извор]

Најпознатата трка со бикови е енсиеро која се одржува во Памплона за време на деветдневниот Санферминес фестивал во чест на Свети Фермин.[3] Денес, ова е многу популарен туристички настан, многу поразличен од традиционалниот фестивал. Трки со бикови се одржуваат и на други места низ Шпанија и Португалија, во некои градови во Мексико,[4] и во регионот Окситан (Камарг) во јужна Франција. Порано имало трчање со бикови и во рурална Англија, а најпознато е она во Стемфорд кое се одржувало до 1837 година.

Шпанската традиција на трка со бикови започнала во североисточна Шпанија на почетокот од 14 век. Сточарите кои ги носеле биковите во центарот на градот за да ги продадат или за борба со бикови, сакале тоа да го направат што побрзо и затоа ги подбуцнувале или заплашувале. Со време, ова се претворило во натпревар затоа што помладите сопственици почнале да трчаат пред биковите и безбедно да стигнат до трлата без да бидат претекнати. Кога оваа практика станала популарна се создала традиција која опстојува до денес.[5]

Трката била откажано во 2020 и 2021 година поради пандемијата на Ковид-19 во Шпанија, а е закажана за 7-14 јули 2022 година.[6][7]

Трка со бикови во Памплона[уреди | уреди извор]

Свети Фермин во Памплона
Памплона, 7 јули 2005 година. Луѓето се качуваат по оградите додека биковите трчаат покрај нив.

Најпопуларната трка со бикови во цела Шпанија се одржува во Памплона[3] и се емитува во живо од шпанскиот јавен телевизиски канал повеќе од 30 години.[8] Овој настан се одржува секоја година од 6 до 14 јули.[3] Првата трка со бикови е на 7 јули, и секој нареден ден има по една трка која секој ден почнува во 8 часот. Според правилата учесниците мора да се полнолетни, да трчаат во иста насока со биковите, да не ги чепкаат биковите и да не се под дејство на алкохол.[9][10]

Ограда[уреди | уреди извор]

Во Памплона се поставуваат дрвени огради за да се насочат биковите по одредена патека и за да се заградат другите улици. На местата каде што има доволно простор се поставува двојна дрвена ограда, а на некои места зградите на самата улица претставуваат бариери. Низ оградите има доволно простор за да се провлече човек, но штичките се поставуваат на тесно растојание за да не може да помине бикот. Оградата е составена од приближно три илјади посебни парчиња дрво. Некои делови од оградата остануваат наместени за целото времетраење на фестивалот, а други се поставуваат и отстрануваат секое утро.[11] Гледачите можат да стојат само зад втората ограда, додека просторот помеѓу двете огради е резервиран за безбедносните служби и за медицинскиот персонал, како и за учесниците кои бегаат од биковите за време на настанот.[10]

Подготовка[уреди | уреди извор]

Полициска бариера пред почетокот на трката ги запира луѓето додека не се чуе првиот истрел.

Енсиерото започнува со тркачи кои пеат молитва. Молитвата се пее трипати, се пее и на шпански и на баскиски. Молитвата е насочена кон Свети Фермин, покровител на фестивалот и градот, со која се бара од светецот да ги заштити. Учесниците завршуваат со извикување „ ¡Viva San Fermín! и Gora San Fermin! („Да живее Свети Фермин“, на шпански и баскиски, соодветно).[9] Повеќето учесници се облекуваат во традиционална облека на фестивалот - бела кошула и бели панталони со црвен појас (faja) и марамче (pañuelo). Исто така, некои од нив во раката држат свиткан весник за да го одвлечат од себе вниманието на биковите ако треба.[9]

Трчање[уреди | уреди извор]

Учесниците во трката со бикови во Памплона трчаат во традиционалната облека
Памплона, 2007 година. Биковите кои следат некои учесници влегуваат во коридата, каде што завршува настанот. Биковите се гледаат во преден план и во позадината на сликата.

Првиот истрел се слуша во 8 часот со што се известуваат учесниците дека биковите се пуштаат низ портата. Вториот истрел сигнализира дека сите шест бикови се пуштени. Третиот и четвртиот истрел се сигнали дека целото стадо влегло во коридата, и го означуваат крајот на настанот.[9] Просечното времетраење помеѓу првиот и последниот истрел на енсиерото е две минути и 30 секунди.[9]

Енсиерото обично се состои од шест бикови кои учествуваат во попладневната борба со бикови, шест волови кои трчаат во стадо со биковите и уште три волови кои го следат стадото за да ги поттикнат биковите кои не сакаат да продолжат по патеката. Просечната брзина на стадото е 24 километри на час.[9]

Должината на патеката е 875 метри. Таа поминува низ четири улици во стариот дел на градот, па преку плоштадот и краткиот дел „Телефоника“ биковите влегуваат во коридата преку нејзиниот калехон (callejón, тунел).[3] Нема учесници во првите 50 метри од енсиеро, затоа што е угорница и таму биковите се многу побрзи од луѓето. 

Повреди, жртви и медицинска помош[уреди | уреди извор]

На повредени учесници им се укажува лекарска помош.

Секоја година за време на трката се повредуваат меѓу 50 и 100 луѓе.[9] Најчесто повредите не се сериозни и пациентите не мора да се носат во болница. Во 2013 година, 50 луѓе биле пренесени во болницата во Памплона, што е речиси двојно повеќе од хоспитализираните учесници во 2012 година.[12]

Севкупно, откако почнало да се води евиденција во 1910 година, во трчањето со бикови во Памплона загинале 15 луѓе, повеќето од нив поради прободување.[9] За да се минимизираат повредите, долж патеката се распоредени 16 санитарни пунктови (на секои 50 метри во просек), и на секој од нив има најмалку еден лекар и медицинска сестра. На овие пунктови се распоредени и 200 волонтери, претежно од Црвениот крст. Покрај медицинските пунктови, има околу 20 амбулантни возила. Со ова секое повредено лице може да се однесе во болница за помалку од 10 минути.[13]

Кодекс на облекување[уреди | уреди извор]

Плоштадот во Памплона.

Иако нема изречен правилник на облекување, најчесто се носи традиционалната облека: бели панталони, бела кошула со црвен појас околу половината и црвено марамче околу вратот.[14] Ваквата облека е во чест на Сан Фермин, патронот на прославата, поради неговата маченичка смрт; белата облека ја претставува чистотата и светоста на светецот, а црвените марами (pañuelos), ја претставуваат неговата смрт со обезглавување. Најчесто како алтернативна боја на црвената се користи сината.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Макфакс (2021-10-31). „Шпанец загина во трка со бикови“. МАКФАКС. Посетено на 2021-12-26.
  2. 2,0 2,1 2,2 Fiske-Harrison, Alexander (editor) The Bulls Of Pamplona, Mephisto Press, 2018
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 „Sanfermin guide: Running of the bulls“. Kukuxumusu. 2007. Архивирано од изворникот на 5 May 2008. Посетено на 21 July 2008. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „Sanfermin“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  4. "Bull-run hits liquor-fueled town", 2 February 2009. "The tradition, enacted in a handful of Mexican towns, traces its roots back to the centuries-old Pamplona bull-run in Mexico's former colonial power." Retrieved 4 March 2009.
  5. „Running of the Bulls 2011 Live Stream, Pamplona San Fermin Festival Webcam Feed“. PRLog. 5 July 2011.
  6. „Running of the Bulls 2021 Officially Cancelled“. www.runningofthebulls.com. April 26, 2021. Посетено на July 6, 2021.
  7. „Running of the Bulls 2022 Dates“. www.runningofthebulls.com. April 5, 2021. Посетено на July 6, 2021.
  8. „27 años de Sanfermines en TVE“. RTVE.es. Corporación de Radio y Televisión Española. 2008. Посетено на 21 July 2008.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 9,4 9,5 9,6 9,7 „The Bull Run“. Pamplona.net. Ayuntamiento de Pamplona (Council of Pamplona). 2008. Архивирано од изворникот на 29 May 2008. Посетено на 21 July 2008. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „Ayuntamiento“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  10. 10,0 10,1 „Sección quinta“. Bando San Fermin 2014. Ayuntamiento de Pamplona. Архивирано од изворникот на 2 April 2015. Посетено на 20 March 2015. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „BandoAyuntamiento“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  11. „Encierro bullrun San Fermin festival Sanfermines tourist information on Navarre“. Government of Navarre. Посетено на 8 March 2010.
  12. Alonso, Gorka (15 July 2013). „Los encierros se saldan con 50 heridos trasladados y 6 corneados“. Noticias de Navarra (шпански). Архивирано од изворникот на 16 July 2013. Посетено на 15 July 2013.
  13. „Especialistas destacan que el dispositivo sanitario de los encierros "no se puede mejorar" porque es "espectacular". Diario de Navarra (шпански). 18 June 2009. Архивирано од изворникот на 4 November 2013. Посетено на 16 July 2013.
  14. Tan, Rebecca (6 July 2018). „As bull run revelry kicks off in Pamplona, hundreds wear black to mourn victims of sexual assault“. Washington Post.