Втора книга Царства

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Втора книга Царства“ — книга од Стариот завет.

Содржина[уреди | уреди извор]

Кај Давид доаѓа гласник со круната на царот Саул, кажувајќи му дека тој лично го убил царот за да му ги прекрати смртните маки. Давид наредува да го убијат гласникот, а потоа, тој и народот го оплакуваат мртвиот цар и неговиот син Јонатан. По некое време, Давид заминува во Хеврон, каде е прогласен за цар на Јудиното племе, додека Јевостеј, синот на Саул, продолжува да владее како цар на Израилевото племе. Меѓу Давид и Јевостеј започнува долготрајна војна во која Давид сè повеќе ја зацврстува својата власт. Најпосле, Авенир, војсководачот на Јевостеј, доаѓа во Хеврон и склучува примирје со Давид, но Давидовите луѓе го убиваат, а Давид ја оплакува неговата смрт. По некое време, двајца мажи го убиваат Јевостеј на спиење и Давид наредува тие да бидат погубени. Набргу, и останатите старешини на Израилевите племиња го прогласуваат Давид за цар на целиот Израилов народ. Така, Давид владее во следните 40 години при што го освојува Ерусалим, каде го пренесува ковчегот на заветот, а Господ му ветува голема слава. Истовремено, тој ги победува Филистејците и останатите народи, проширувајќи го царството. Кога дознава дека е жив сакатиот син на Јонатан, Давид го зема под своја заштита и му го поклонува имотот на царот Саул.[1]

Еднаш, Давид здогледува убава жена, Вирсавија, се вљубува во неа и врши прељуба, а нејзиниот маж го испраќа на бојното поле за да погине. Вирсавија останува бремена и Давид ја зема за жена. Кај Давид доаѓа пророкот Натан, кој го опоменува за гревот и Давид го признава престапот. Кога се раѓа детето, Господ го казнува и тоа се разболува. Додека детето лежи болно, Давид цело време пости и се моли за неговото здравје, но детето умира. Набргу, Вирсавија повторно останува бремена и на Давид му раѓа уште еден син кому му го даваат името Соломон. Во меѓувреме, Амнон, најстариот син на Давид, се вљубува во сестра си Тамар, се преправа дека е болен ја повикува кај себе и ја силува, а обесчестената Тамар оди да живее во домот на својот брат Авесалом. Давид, пак, иако дознава за престапот на Амнон, не презема ништо. Две години подоцна, Авесалом го убива Амнон и така ја одмаздува Тамар. Додека Давид ја оплакува смртта на првородениот син, Авесалом бега во една соседна земја, каде останува три години. Тогаш, Давид се смилува на него и Авесалом се враќа во Ерусалим, но две години Давид не зборува со синот и не го прима кај себе. Незадоволниот Авесалом собира многу приврзаници и крева буна така што Давид е принуден да побегне од Ерусалим, а потомците на Израилот го прогласуваат Авесалом за цар. Потоа, Авесалом го прогонува Давида, но тој има доушници кои навремено го известуваат и така успева да побегне преку реката Јордан. Постепено, Давид зајакнува и ја поразува противничката војска, а Давидовиот главен воен старешина, Јоав, го убива Авесалом, наспроти наредбата на Давид. Давид ја оплакува смртта на синот, но Јоав го убедува да му се обрати на народот што застанал на неговата страна. По победата, Јудиното племе го пренесува Давид преку реката Јордан и пак го прогласува за свој цар, по што Давид се враќа во Ерусалим.[2]

Поради некогашниот грев на царот Саул, кој сакал да ги истреби Гаваонците, Господ ги казнува потомците на Израилот со тригодишен глад. Господ се смилува дури откако Давид им предава на Гаваонците седуммина од потомците на царот Саул. Гаваонците ги бесат потомците на царот Саул, а потоа Давид ги собира коските на Саул, на неговиот син Јонатан и на седумтемина обесени и ги погребува. По некое време повторно започнува војна меѓу Израилците и Филистејците при што во една битка Давид се соочува со смртта, но еден од неговите воини му го спасува животот. Тогаш, Израилците решаваат дека Давид повеќе нема да учествува во борбите. Давид, пак, испева песна во знак на благодарност кон божјата милост која го заштитувала во текот на целиот живот. Во својата последна беседа, царот Давид ги истакнува храброста и заслугите на своите 37 воени старешини. Потоа, тој наредува да се пребројат Израилевите и Јудините потомци, а пописот покажува дека има 800 000 возрасни мажи од Израилците и 500 000 од Јудејците. По извршениот попис, Давид се касе за извршениот грев и го моли Бога за милост, а Господ му дава да избере една од следниве три казни: во земјата да владее седумгодишен глад, тој да биде гонет од непријателите во текот на три месеци или Господ да изврши тридневен помор врз народот. Давид ја избира третата казна и во поморот гинат 70 000 луѓе, по што тој му гради жртвеник на Бога.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 336-346.
  2. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 346-360.
  3. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 360-365.