Враќање во пеколот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Враќање во пеколот - расказ на рускиот писател Александар Грин.

Содржина[уреди | уреди извор]

Расказот се состои од шест дела во кои се опишани промените во психичката состојба на главниот јунак Галиен Марк. Во текот на десет години, тој се мачел во нервната напнатост предизвикана од сложеноста на модерниот живот и поради тоа решил да отпатува со брод на островот Херам, заедно со девојката Визи. На бродот, тој го среќава Гуктас, водачот на партијата која Галиен ја нападнал во неговата последна статија. Гуктас физички го напаѓа Галиен, а потоа му закажува двобој. Утредента, кога бродот пристигнува на Херам, се одржува двобојот во кој Галиен го убива Гуктас, но истовремено е тешко ранет во главата. По еден месец, тој се освестува како сосема нов човек: чувствува животен елан и радост, а светот го прима едноставно, само со помош на сетилата. Меѓутоа, одвреме-навреме, него го совладуваат напливи на непозната тага, која се обидува да ја потисне така што почнува да се пијани. Во текот на неколку месеци, Галиен живее борејќи се со тагата и со алкохолот, ретко се враќа дома и станува рамнодушен кон Визи. Така, нивните односи стануваат студени и една пролетна ноќ, додека пие во кафеаната, Галиен добива писмо од Визи, која го известува дека не може повеќе да живее со него и дека засекогаш го напушта. Вознемирен, Галиен се враќа дома и случајно наоѓа една недовршена статија што ја напишала Визи. Тогаш, тој сфаќа дека во времето на неговата неактивност, Визи пишувала статии во негово име кои ги испраќала до списанието со кое соработувал. Потресен од нејзината љубов и грижа, Галиен доживува психички пресврт и пак му се враќа старата духовна состојба од периодот пред двобојот. Рано изутрината, тој се качува на првиот брод, решен по секоја цена да ја најде Визи. Ноќта, за време на патувањето, на палубата ја среќава Визи и ѝ ја раскажува приказната за своите духовни промени.[1]

Осврт кон расказот[уреди | уреди извор]

„Враќање во пеколот“ спаѓа во групата фантастични раскази на Грин во кои невозможното се остварува во можни околности, т.е. каде дејството е раскажано потполно реалистично, а потоа со еден неочекуван пресврт реалистичното се превртува во фантастично. Така, расказот почнува типично во стилот на Грин - со опис на нервната растроеност на главниот јунак Галиен Марк, кој одлучува да избега од „неиздржливо вознемирувачката сложеност на животот“ така што ќе отпатува со брод заедно со девојката Визи. Вистинското дејство во расказот почнува кога Галиен се освестува од повредите во главата, добиени во двобојот со еден човек. Тогаш, неговиот психички живот се менува и тој го прима животот едноставно, само со помош на сетилата. Но, неговиот нов живот е нарушен од вмешувањето на лекарите и на Визи, која е незадоволна од тоа што Галиен постепено се оддалечува од неа. Како последица на тоа, Галиен запаѓа во тага и во пијанство. Најпосле, откако Визи го напушта, Галиен неочекувано ги открива статиите кои таа ги пишувала во негово име и тоа откритие му овозможува да се врати во нормалната состојба. На тој начин, „Враќање во пеколот“ ја опишува состојбата на духот, кој не ја прима реалноста во нејзината објективност, а фантастичните елементи во расказот се дадени низ изразените резови и пресврти, т.е. расказот е составен како збир на состојби што се дискретно надвор од стварноста, иако самата раскажувачка постапка останува реалистична. Поради тоа, „Враќање во пеколот“ може да се опише како условна фантастика, т.е. како поджанр на фантастичниот расказ.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 77-109.
  2. Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 156-158.