Восприемање

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

ОСЕТИ[уреди]

Врз организмот постојано дејствуваат енергетски процеси што се нарекуваат дразби: бои, звуци, мириси, вкусови итн. Организмот ги прима дразбите преку сетилните органи. Кога дразбата дејствува, соодветниот сетилен орган (рецептор) се надразнува и создава нервни импулси, што преку нервните патишта се пренесуваат до соодветни центри во мозокот. На тој начин се формира осет. Осетите претставуваат свест за дејствувањето на дразбите. Осетување е психички процес на спознавање на поединечните својства на предметите и појавите.

Видови осети[уреди]

Дразбите што ги предизвикуваат осетите можат да потекнуваат од надворешноста – околината или од внатрешноста на организмот.

Надворешни осети[уреди]

Дразбите што потекнуваат од надворешноста, организмот ги прима преку надворешни рецептори – екстероцептори (тие се сместени на надворешноста од организмот). Екстероцептори се: сетилото за вид, слух, мирис, вкус и допир. Видни осети се формираат кога врз сетилото за вид дејствува видна дразба – светлосен бран со различна бранова должина. Човекот разликува хроматски и ахроматски бои. Хроматски се оние што се наоѓаат во сончевиот спектар на бои: виолетова, сина, зелена, жолта, портокалова, црвена. Ахроматски бои се белата, црната и сите сиви нијанси меѓу нив. Различни нијанси на хроматски бои настануваат со мешање на светлосните бранови со различна бранова должина. Постојат различни видови слепила за бои. Ахроматизам е појава кога човекот гледа само сиви нијанси, а далтонизам кога не ги разликува црвената и зелената боја. Слушни осети се формираат кога врз сетилото за слух дејствува слушна дразба – звучен бран (воздушно треперење) со различна бранова должина и сила. Човековото уво ги регистрира само оние звучни бранови чија фреквенција се движи од 16 до 20 000 херци (бранови во секунда). Човекот не ги регистрира ултразвуците. Звуците можат да бидат шумови, тонови и зборови. Шумовите се непериодични воздушни треперења, додека тоновите и зборовите се периодични. Осетите за слух ги поседуваат следниве својства: јачина, висина и боја. Јачината зависи од амплитудата на звучните бранови, висината од нивната зачестеност, а бојата од нивната форма. Мирисни осети се формираат кога хемиски гасовити материи дејствуваат врз мирисниот рецептор. Мирисите се делат на: цветни (љубичица), овошни (лимон), зачински (ванила), смолести (смоли), изгорени (катран) и гнили (ѓубре). Кожни осети настануваат по пат на дразнење на кожнените рецептори специјализирани за допир, болка, топло и ладно. Значајни се бидејќи го информираат организмот за штетни надворешни состојби (при болка во раката, човекот ја трга, кога му студи – се облекува во топло итн.).

Осети за вкус се формираат на тој начин што материите што човекот ги става во уста се раствораат во плунката и вршат хемиско надразнување на сетилните клетки, кои главно се распоредени на јазикот. Човекот разликува четири вкуса: слатко, горчливо, кисело и солено. Врз основа на осетите за вкус и мирис, организмите ги земаат во исхраната оние материи што се за нив полезни, а ги одбегнуваат оние што се штетни.

Внатрешни осети[уреди]

Дразбите што потекнуваат од внатрешноста на организмот се примаат преку рецептори сместени во самата негова внатрешност – интерцептори. Тие се сместе-ни во мускулите, жлездите, тетивите и другите внатрешни органи. Осетите добиени од интерцепторите можат да бидат од два вида: органски осети и осети за движење и рамнотежа. Органските осети го информираат човекот за нарушувањата што привремено се јавуваат во внатрешните органи – глад, жед, внатрешна болка, повраќање. Осетите за движење и рамнотежа го информираат човекот за движењата и положбата на телото при различни активности: одење, трчање, лулање, труцкање, вибрирање.

Основни карактеристики на осетливоста[уреди]

Квалитет и интензитет на осетливоста[уреди]

Квалитет на осетливоста претставува определена специфична можност на едно сетило да регистрира карактеристични видови дразби. На пример, сетилото за вкус да ги регистрира четирите видови вкус.

Интензитетот на осетливоста зависи од приспособеноста на сетилата за прием на дразби со определен интензитет. Постојат интензитети што сетилата не се приспособени да ги регистрираат, па остануваат нерегистрирани. За да предизвика најслаб осет, дразнењето требада има определена минимална сила – на и над апсолутниот праг на осетливоста. Кај различни луѓе, овој праг се разликува. Човекот што вели дека јадењето е недоволно солено и во него става уште сол, има повисок праг на осетливост за солено.

Адаптација на осетливоста[уреди]

На сите луѓе им е добро позната појавата дека кога ќе влезат во темна просторија, на почетокот не можат ништо да видат, а потоа се адаптираат и гледаат мошне добро. Оваа појава е наречена адаптација и подразбира промена во праговите на осетливоста под влијание на интензитетот или продолженото дејство на дразнењето. При адаптацијата доаѓа до менување на осетливоста и праговите на осетливост.

Заемно дејствување на осетите[уреди]

Меѓу различните осети постои заемен однос. Во врска со ова се познати неколку интересни појави:
-Слабото надразнување на еден рецептор може да предизвика зголемена осетливост на другите рецептори. Ова е познато како сензибилизација.
-Каков ќе биде осетот многу зависи од тоа какви биле претходните осети. Ако раката прво се стави во студена, а потоа во вода со нормална температура, тој ќе ја осети како млака. Оваа појава е наречена контраст на осетливоста.
-Кај некои луѓе, под влијание на еден осет, може да се појави и осет од друг сетилен модалитет. Во врска со ова е таканаречното „обоено слушање“. Слушајќи определен тон, човекот постојано има осет за некоја боја, или пак гледајќи уметничка фотографија слуша музика, чувствува миризба, на кожата осеќа топлина итн. Појавата се нарекува синестезија. -Кога доаѓа до загуба на едно од сетилата, поинтензивно се активира некое од другите: слепите луѓе имаат мошне развиен слух и осет за допир.

Значење на осетливоста[уреди]

Осетливоста има големо значење во животот како на човекот така и на животните. Од осетите зависи нивната ориентација во околината, приспособувањето, хранењето, размножувањето и воопшто опстанокот. Психичкиот процес осетување има големо значење во целокупниот психички развој на личноста. Осетувањето е основа за формирање на спознавањето на светот, мислењето, формирањето поими, учењето и воопшто за активноста на единката. Процесот на воспитание и образование е можен со формирањето на осети. Равојот на нормалната осетливост е можен само во практичната дејност на едниката. Најдените „деца волци“ или „диви луѓе“ не ги осеќале дразбите онака како што е тоа случај со современиот цивилизиран човек. Постои една бидна разлика меѓу осетливоста на животните и осетливоста на човекот. И животните и човекот гледаат и слушаат, но само човекот има свесна потреба да гледа и слуша.

== ПЕРЦЕПЦИИ ==

Перцепирањето е психички процес на спознавање на предметите и појавите во целина. Таквата целосна ментална слика што се формира во свеста на човекот во врска со перцепираниот предмет или појава е наречена – перцепција. За да дојде до формирање правилна перцепција, осетите се издвојуваат, класификуваат, комбинираат и организираат на посебен начин. Процесот на перцепирање и создавање перцепции се карактеризира со следните основни својства:
1. Целосност на перцепцијата. Иако предметите и појавите се состојат од делови или елементи, во перцепцијата тие образуваат единствена целина. Велиме дека гледаме дрво, иако вусшност ги гледаме неговите елементи – лисја, гранки, стебло и корен.
2. Перцептивна селекција. Во еден ист момент врз човековите сетила дејствуваат огромен број дразби, но се перцепираат само определен број информации, додека другите претставуваат некој вид заднина.
3. Константност на перцепцијата. Се знае дека предметите и појавите се наоѓаат во постојана промена. Дрвото се перцепира како „дрво“ и напролет, и налето и зиме, иако во сите овие периоди, тоа има наполно поинаков изглед. Овој феномен може да се јави во вид на: константност на големината, формата и бојата. Константноста има големо значење во животот. Кога постојано би реагирале на сите промени што се случуваат, воопшто не би биле во можност нормално да перцепираме.

Перцепцијата може да биде видна, слушна, мирисна, тактилна итн. Особено интересни политички феномени се перцепцијата на просторот и перцепцијата на времето. Перцепцијата на просторот човекот ја формира преку видот, слухот, допирот, осетите за движење итн. Перцепцијата на време – човекот не поседува сетилен орган за време и затоа за него заклучува врз основа на различни знаци.

Фактори што влијаат врз процесот на перцепирање[уреди]

Меѓу надворешните фактори особено е значајна самата физичка организација на дразбите. Човек спонтано ги организира во единствени перцептивни целини дразбите што се распределени во просторот според определени принципи. Тие принципи се: блискост, сличност, симетричност, континуираност и затвореност. Внатрешните фактори можат да се однесуваат на:
1. Физиолошката состојба на организмот. Познато е дека поинаку перцепираме кога сме заморени, кога сме гладни или жедни.
2. Поранешното искуство. Како ќе перцепираме објективно зависи и од поранешното искуство.
3. Емотивните состојби во моментот на перцепирањето. Кога се плашиме, го гледаме и она што не постои.
4. Социјалните разлики. Перцепирањето се разликува кај луѓето што живеат во различни културни, социјални и национални средини.


Сетилни измами[уреди]

Сетилни измами се илузиите и халуцинациите, кои претставуваат перцепции што не се во согласност со реалноста. Кај илузиите се јавува погрешно перцепирање на објекотот што реално постои, а кај халуцинациите се јавува перцепирање на објект што реално не постои. Илузии – причините за јавување на илузиите лежат во физичките карактеристики на самата дразба или во личноста на перцепирачот. Во карактеристики на самата дразба спаѓаат: геометриски илузии, илузии на привидно движење итн. Во личноста на перцепирачот се: мотивација, очекување, подготвеност, интереси, емооции, ставови итн. Овие се индивидуални илузии, но постојат и масовни илузии. Најдобри примери за масовна илузија се наводните појавувања на НЛО.

Халуцинации – причините за нивно јавување лежат во некои ненормали процеси штои се одвиваат во нервниот систем, најчесто во личност со нарушено здравје. Можат да се јават под влијание на висока температура, напор, несоница, психичко заболување, употреба на дрога, алкохолизам итн. Меѓу илузиите и халуцинациите постои битна разлика. Кај илузиите постои надворешна дразба која погрешно се перцепира, а кај халуцинациите не постои надворешна дразба, а човекот што халуцинира е убеден дека таа реално постои.

ПРЕТСТАВИ[уреди]

Претстава е ментална слика на објект или појава што некогаш биле перцепирани. Карактеристики: Иако мошне често се мешаат со перцепциите, претставите имаат некои битни карактеристики со кои се разликуваат од нив:
1. Претставата е побледа и помалку жива ментална слика на објект или појава.
2. Претставата е резултат од човековиот волев напор. Таа може намерно да се повика и да се менува по волја.
3. Психичката насоченост е наполно различна во обата случаи. Кај перцепцијата, насоченоста е кон надвор (надворешниот свет), а кај претставата е кон внатре (сопствените психички појави).
4. При перцепирањето постои свест дека перцепираниот објект или настан е присутен во реалноста во моментот, додека при претставувањето постои свест дека претставениот објект или настан не е присутен во моментот и дека се одиграл некогаш порано.

Видови претстави[уреди]

Во зависност од учеството на сетилото, претставите можат да бидат: видни, слушни, мирисни, вкусни, претстави на движење итн. Кога си претставуваме цвет од ружа, во мислите гледаме како изгледа цветот – ливчиња, гранче... и ја чувствуваме миризбата, допирот, убодот итн. Претставите можат да бидат поединечни и општи. Поединечна е онаа претстава што е ментална слика на конкретен предмет или појава од искуството. (претстава за Охридско езеро) Општата претстава ги одразува општите особини на некои појави или објекти. (езеро).

Важноста на претставите во практичниот живот[уреди]

Првите претстави се формираат во играта, потоа тие се развиваат со учењето, и се усовршуваат во трудот а особено висок степен на совршенство постигнуваат во творечката работа. Во процесот на воспитувањето и образованието, претставите играат мошне значајна улога. На пример, детето ги реди играчките според претставата што ја има за изгледот на својата соба кога е уредена. Исто така, претставите се поврзани со дејноста на човекот.


ВНИМАНИЕ[уреди]

Вниманието претставува психичка состојба на насоченост и сосредоточеност на спознанието врз определен објект или појава. Без внимание невозможно е да се одвиваат голем број психички дејности.

Карактеристики на вниманието
1. Концентрација ¬– степен на насоченост и сосредоточеност на вниманието.
2. Траење на вниманието – да се задржи вниманието определено време.
3. Стабилност на вниманието – упорност да се задржи сосредоточеноста, и покрај сите колебања.
4. Еластичност на вниманието – можноста брзо да се префрли вниманието од еден објект или појава, кон друг.
5. Расеаност на вниманието – неможноста да се сосредоточи на еден објект или појава. Причините за расеаност се слабост или болест на организмот, замор, недоволен интерес итн.

Фактори од кои зависи вниманието[уреди]

Постојат надворешни (карактеристики на објектот на внимание) и внатрешни (карактеристики на оној што внимава) фактори. Надворешни се интензитетот на дразбата, нејзината невообичаеност, промена итн. Внатрешни се: мотивите, интересите, ставовите способностите, навиките итн.

Видови внимание[уреди]


1. Ненамерно внимание е она што се јавува неволно, без претходна желба и определена цел.
2. Намерно внимание е она што се јавува со претходна желба и цел.
3. Посленамерно внимание е најсовршениот вид внимание.

Развој на вниманието[уреди]

Наједноставен вид внимание се јавува кај детето уште во првата година од животот. Сé до училишната возраст, детското внимание е главно ненамерно. На училишна возраст веќе се јавува намерно внимание, кое со понатамошниот развој станува сè позастапено.

Важноста на перцепцијата и вниманието во животот на човекот и во педагошката практика[уреди]

Човекот не би можел да живее во заедница со други луѓе, бидејќи не би бил способен за социјална перцепција – набљудување и проценување на другите луѓе, нивните постапки, способности, чувства, карактерни особини итн. Од ученикот се бара внимателно да набљудува. Наставникот треба да внимава на психичките карактеристики на учениците со оглед на нивната возраст. Во текот на наставата, кај учениците се јавуваат два вида внимание: индивидуално и колективно. Индивидуално е кога ученикот сам внимава, а колективно кога сите ученици внимаваат..