Висока честота (HF) — предназнака на МТУ[1] за појас на електромагнетниот спектар помеѓу 3 и 30 мегахерци (MHz). Позната и како декаметарски бран, бидејќи должината на брановите од овој појас е помеѓу еден и десет декаметри (десет до сто метри). Честотите кои се наоѓаат под HF појасот се нарекуваат средни честоти (MF), додека честотие од повисокиот појас се познати како многу високи честоти (VHF). HF појасот е значаен дел од краткобрановиот радиоспектар, па затоа комуникацијата преку овие честоти се нарекува краткобраново радио. Поради феноменот познат како прескокнување или јоносферско браново ширење (одбивање од јоносферата), радиобрановите од овој појас се погодни за комуникација на големи далечини преку меѓуконтинентални растојанија и за планински предели кои оневозможуваат комуникација во линија на поглед.[2] Појасот се користи за меѓународни краткобранови радиостаници (3.95–25.82 MHz), авијациска комуникација, станици кои емитуваат сигнал на точно време, аматерско радио и цивилен радиопојас, помеѓу останатите примени.
Најчести антени за овој појас се жични антени како жични диполи или ромбоидни антени. За повисоките честоти од појасот се користат повеќеелементни диполни антени како Јаги, четворни или лог периодични антени. Моќните краткобранови радиостаници често употребуваат големи завесни низи за емитување на својот сигнал.
↑Harmon, James V.; Fiedler, Ltc David M; Lam, Ltc Ret John R. (Spring 1994). „Automated HF Communications“(PDF). Army Communicator: 22–26. Архивирано од изворникот(PDF) на 23 Декември 2016. Посетено на 30 јуни 2023. Проверете ги датумските вредности во: |archive-date= (help)