Википедија:Избрана статија/2021/52

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Polish-Lithuanian Commonwealth 1635.png

Полско-литванската Државна Заедница претставувала федерација меѓу кралството Полска и Големото Кнежевството Литванија, кое постоело во периодот од 1569 до 1795 година. Земјата во текот на своето постоење била една од најголемите во Европа. Полско-литванската Државна Заедница се одликувала со висок степен на етнички диверзитет и невообичаена религиозна толеранција, којашто сепак, со тек на време се менувала.

Унијата имала некои специфични карактеристики. Така, политичкиот систем (познат и како „Златна слобода“) се карактеризирал со строга контрола врз власта на монархот. Оваа контрола била спроведувана од страна на законодавното тело „сејм“, коешто било под контрола на аристократијата („шлахта“). Ваквиот политички систем претставувал предвесник на современите концепции на демократијата, уставната монархија и федерацијата. Двете земји, кои ја сочинувале унијата биле формално еднакви, но сепак Полска била доминантен партнерво унијата.

По неколку декади на моќ, за време на златниот век на унијата, државата се соочила со период на политичко, воено и економско опаѓање. Слабостите кои брзо се појавувале довеле до нејзините поделби, меѓу соседите: Австрија, Прусија и Русија, на крајот од 18. век. Кратко пред пропаѓањето, биле направени обиди за големи реформи и притоа бил воведен уставот од 3 мај 1791, кој бил вториот најстар национален устав во современата историја. (Дознајте повеќе...)