Безжична локална мрежа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пример за безжична локална мрежа. Сметачот и насочувачот се поврзани и комуницираат.

Безжична локална мрежа (БЛМ или WLAN, од англ. wireless local area network) е сметачка мрежа која користи безжичен медиум за пренос за поврзување на два или повеќе уреди. Најчесто се користи за обезбедување на пристап до интернет за сите поврзани уреди на мрежата. Обезбедува можност за подвижност на корисникот и непречен пристап до мрежата во рамки на локалната покриена област.

До скоро, безжичните локални мрежи беа ретко користени поради високите цени, малите податочни брзини, малата безбедност и потребата од лиценци.[1] Со надминување на овие проблеми, популарноста на овие мрежи многу брзо се зголеми и полека станаа неизбежен дел од секоја компанија, дом, па дури и плоштадите и парковите низ многу градови.

Историја[уреди | уреди извор]

Безжичната локална мрежа е дел од едно од најголемите технолошки откритија за 19 век, а тоа е безжичната мрежа. Во 1970 година на универизтетот во Хаваи, под водство на Norman Abramson била развиена првата безжична сметачка мрежа наречена ALOHAnet. Станувало збор за ѕвездеста топологија од седум сметачи распоространети на четири острови коишто комуницирале со еден централен сметач без користење на телефонски линии.[2] Во годините коишто следувале биле направени најразлични истражувања и најголемите биле поврзани со IEEE. Имено, оваа институција основала своја работилница за развивање на безжично локално вмрежување (LAN) и стандарди за користење на истите [3]. На почетокот на 80-тите години од минатиот век бие произведени првите безжични насочувачи. Првите безжични локални мрежни производи за комерцијална употреба се појавиле во доцните 1980-ти години и биле рекламирани како замена за традиционалните жичени локални мрежи. Безжичната локална мрежа не бара инсталација на кабли и го олеснува преместувањето и другите модификации на мрежната структура. Сепак, оваа мотивација наскоро го загубила значењето. Пораснала свеста за потребата од локални мрежи, но со веќе постоечката технологија. Новите згради биле проектирани со пообемно вжичување за потребите на податочните комуникации. Мрежите веќе масовно се потпирале на каблирање со бакрани жици, а особено со незаштитентие бакрани жици од Категорија 3 и Категорија 5. Затоа, употребата на безжични локални мрежи како замена за жичените локални мрежни системи, не се случила во голема мера. Пресвртот настанува кон крајот на 1990-тите години кога цената за безжичната мрежа, уредите и имплементацијата драстично се намалува. Ова доведува до зголемување на употребата, но и развитокот на оваа технологија.

Примена на безжичните LAN мрежи[уреди | уреди извор]

Во многу средини како големи згради и фабрики, безжичната локална мрежа е ефикасна и поатрактивна метода за имплементирање - наспроти жичената мрежа. Во повеќето случаи, организацијата исто така ќе има и жичена локална мрежа за да ги поддржува опслужувачите и некои неподвижни работни станици. Затоа, безжичната локална мрежа вообичаено ќе биде поврзана со жичената, односно ќе настане проширување на локалната мрежа. Постојат безжични локални мрежи со една ќелија и со повеќе ќелии. [4]

Пример за ад-хок мрежа помеѓу четири сметачи

Безжичните локални мрежи со една ќелија се типични за повеќе средини. Постои т.н. контролен модул кој е интерфејс меѓу жичената и безжичната мрежа. Жичената мрежа често е Етернет мрежа која поддржува опслужувачи, работни станици и мостови или упатувачи за поврзување со останатите мрежи.

Безжичните локални мрежи со повеќе ќелии се мрежи кадешто постојат повеќе контролни модули поврзани со жичената мрежа. Секој контролен модул поддржува повеќе безжични крајни системи кои се наоѓаат во неговиот досег.[5]

Меѓуповрзување на згради е друга примена на безжичната локална мрежа. Овој принцип често се користи без разлика дали внатре во зградата имаме жичен или безжична локална мрежа. Се извршува точка-точка поврзување и иако ова не претставува локана мрежа сама по себе, обично оваа примена спаѓа под поимот безжична локална мрежа.

Ад-хок вмрежување е поим кој претставува теме-теме мрежа и нема централен опслужувач. Овој вид на мрежа се поставува привремено за да задоволи некоја моментална потреба. Се поврзуваат неколку сметачи или било кои други уреди и комуницираат меѓу себе.[6] [7]

Технологии на безжичните локални мрежи[уреди | уреди извор]

Една од главните поделби кои можат да се направат на безжичните локални мрежи е поделбата според техниката за пренос којашто ја користат. Инфрацрвени локални мрежи се еднни од техниките и тие овозможуваат користење на инфрацрвениот дел од спектарот. Овие бранови се речиси неограничени што нуди можност за пренос со екстремно големи брзини. Иако првин се користени во секој дом за разни уреди со далечински управувач, поради дел од своите одлики стануваат сè попривлечни за користење при одредени типови на распоредување на локалните мрежни системи.[8] Инфрацрвената светлина не поминува низ ѕидови и други непроѕирни објекти, па затоа овие бранови може лесно за да заштитат од прислушкување. Друга силна страна на инфрацрвената светлина е тоа што опремата е релативно евтина и едноставна. [9]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Податочни и сметачки комуникации, Вилијам Сталингс“.
  2. „ALOHAnet“. Архивирано од изворникот на 2012-03-21. Посетено на 2011-01-09.
  3. „Дел од IEEE стандарди за WLAN“. Архивирано од изворникот на 2005-04-03. Посетено на 2011-01-10.
  4. „Проширување на WLAN“. Архивирано од изворникот на 2012-07-24. Посетено на 2011-01-12.
  5. „WLAN концепти“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2008-08-20. Посетено на 2011-01-12.
  6. „Разбирање на ад-хок локална мрежа“. Архивирано од изворникот на 2012-11-30. Посетено на 2011-01-12.
  7. „Што е ад-хок кај безжичните мрежи?“.
  8. „Инфрацрвени бранови“.
  9. „Инфрацрвен WLAN“. Архивирано од изворникот на 2012-07-24. Посетено на 2011-01-12.