Прејди на содржината

Ауригиди

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ауригидите го добиле своето има по соѕвездието Auriga (Кочијаш). Метеорите изгледаат како да извираат од небото од регион во близина на светлата жолто-портокалова ѕвезда Капела (Capella), од ова соѕвездие (овој регион се нарекува радијант). Доколку досега немате слушнато за Ауригидите, тоа е затоа што ретко се спомнуваат во било кои астрономски книги, но ретко која година вредат да се споменат.

За разлика од стабилните Персеиди, кои секоја година се константни и приредуваат спектакуларно шоу за сите вљубеници во „ѕвездите што паѓаат“, мала или, пак, никаква активност не се забележува од Ауригидите. Но, понекогаш, еден краток излив од светли метеори се забележува од овој рој. Овие ретки изливи на Ауригидите се предизвикани од комета чија трага од прашина повремено се сече со патеката на Земјата.Изливот од метеори од Ауригидите е многу нефреквентен. Дефинитивно е забележан само во 3 случаи: во 1935, 1986 и 1994 година. Има многу малку сведоци на овие дождови, затоа што овие ненадејни изливи од метеори никој не ги очекува. Но, сега, за првпат, еден аларм за метеорскиот дожд Ауригиди е пуштен на време. На 26-тото Генерално собрание на Меѓународната астроносмка унија, кое се одржа минатата година во Прага(2006 година), Питер Џенискенс (Peter Jenniskens) од Центарот „Карл Саган“ при Институтот СЕТИ најави дека Ауригидите многу веројатно ќе произведат уште една рунда од невообичаена метеорска активност на 1 септември оваа година(2007).

Кометата која е виновна за појавувањето на Ауригидите е добро позната. Тоа е кометата Кес (Kiess), која за последен пат се појави во 1911 година. Внимателно проучувајќи го нејзиното движење, научниците утврдиле дека пред 1911 оваа комета последен пат поминала во близина на Сонцето во 82 г.п.н.е, кога Јулиј Цезар сè уште бил жив. Пресметките покажуваат дека остаток од прашина испуштен од кометата во 82 г.п.н.е. ќе се судри со патеката на Земјата на 1 септември.Според проценките, на 1 септември во 11:37 сметано по UT (Universal Time - Универзално време)(2007 година), Земјата ќе се судри со остатоците од кометата Кес. Тоа не е најпогодно време за набљудување од Европа, а со тоа и од Македонија, затоа што Сонцето ќе биде високо над хоризонтот (11:37 по UT е 13:37 часот по наше време). Најдобри услови за да се забележи овој краток излив од Ауригидите ќе имаат набљудувачите од крајните западни делови на САД и Канада.Како и претходните Ауригиди, и овој пат се очекува краток излив од метеори, кој би требало да трае околу еден час. Предвидувањата за [ZHR], или бројот на метеори видени од еден набљудувач под чисто небо, со радијантот во зенит, е околу 200. Според други пресметки од други научници, [ZHR] може да биде и околу 300, со грешка од 1 до 3 пати. Ова може да значи број на метеори помеѓу 100 и 1 000.Една пречка за местата каде што ќе биде ноќ е тоа што максимумот ќе се случи само неколку дена после полна Месечина. Но, Ауригидите се доста брзи (со брзина од околу 66 км/s) и прашинките од кои потекнуваат се доста големи, па се очекува да има многу светли метеори. Многу од нив според предвидувањата треба да ги надсјаат Јупитер и Венера, што значи поголеми магнитуди од -4. Па така, Месечината и нема да претставува многу голем проблем.

Најсигурното предвидување е дека би требало да се видат 20 до 30 метеори на час, што и е видено во претходните изливи на Ауригидите. Но, доколку се доволно светли, како што велат проценките, тоа ќе биде шоу за паметење. Иако нашата земја не се наоѓа во зоната погодна за набљудување на овој непредвидлив метеорски дожд, сепак, за упорните кои сакаат да ја поминат ноќта под ѕвездено небо и да уживаат во ѕвездите, вреди да се ризикува и да се проба да се фати дел од овој дожд. Ауригидите се непредвидливи, па може да се случи токму поради таа нивна непредвидливост да бидеме сведоци на многу светли метеори, кои ќе го палат небото над Македонија.