Ѓорѓи Доневски

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ѓорѓи Доневски (1934, Бапчор, Егејска Македонија, Грција) - македонски фолклорист, собирач на народни творби и општественик.

Животопис[уреди | уреди извор]

Ѓорѓи Доневски е роден во селото Бапчор, во 1934 година. Во 1948 година, за време на Граѓанската војна во Грција, заедно со други деца, пребегал во Југославија, при што бил разделен од неговите родители, браќа и сестри кои пребегале во СССР, Полска и Романија. Своето детство го поминал во Црквеница и во Самобор, во Хрватска. Завршил училиште за автомеханичари, по што некое време работел во претпријатието „Авторемонт“ во Скопје. Паралелно со работата, завршил средно медицинско училиште, а потоа дипломирал на Педагошката академија во Скопје.[1]

Општествена и фолклорна дејност[уреди | уреди извор]

Уште како младинец, Доневски учествувал во неколку младински работни акции, а потоа, повеќе од две децении извршувал бројни раководни функции во неколку општествено-политички организации, како: ССММ, ССРНМ и СКМ. Притоа, повеќепати бил наградуван и одликуван за активната општествена работа. По негова иницијатива биле формирани КУД „Гоце Делчев“ од Скопје, како и пејачките групи: „Бапчорки“ и „Воденки“, а тој бил организатор и на манифестацијата „Песна за Гоце“.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Белешка за собирачот на песните“, во: Ѓорѓи Доневски, Сокол ми лета високо. Скопје: Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“, 1978, стр. 181.