Чочара (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Чочара (филм)“

Чочара е филм од 1960 година во режија на Виторио Де Сика. Темата е адаптација на Виторио Де Сика и Чезаре Ѕаватини на истоимениот роман напишан од Алберто Моравија; иако настаните се присутни и во романот, не е тешко да се воочат сличности со епизодите на насилство врз цивилите од страна на сојузниците, извршени за време на нападот на Италија.[1]

Улогите ги толкуваат: Софија Лорен, Жан - Пол Белмондо, Елеонора Браун, Карло Нинки и Андреа Кеки . За нејзината изведба, Софија Лорен го освоила Оскарот за најдобра главна актерка .

Содржина[уреди | уреди извор]

Италија, лето 1943 година . Чезира е млада вдовица која живее во Рим со својата дванаесетгодишна ќерка Розета за време на Втората светска војна . За да ги избегне бомбардирањата и замките на безредието на градот, му ја доверува својата продавница на Џовани, стар пријател на нејзиниот сопруг со кој има краткотрајна врска, и тргнува на долго патување низ Јужно Лацио за да побара засолниште со својата ќерка во Сант'Еуфемија, нејзиното родно место, во близина на Фонди. Откако пристигнуваат на нивната дестинација со потешкотии, Чезира се запознава со Микеле, млад антифашистички интелектуалец, исто така бегалец, кој за возврат се вљубува во неа. Тој е заробен од пет германски војници, на кои им треба водич за да го поминат планинскиот терен, но жените никогаш повеќе нема да го видат.

Со доаѓањето на сојузниците, Чезира решава да се врати во Рим со својата ќерка и група луѓе, но откако се одвојуваат од нив, застануваат да се одморат во една разрушена црква, каде што се нападнати и силувани од група Гумиери, северноафрикански војници на француската армија . Розета излегува оттаму истрауматизирана, затворајќи се во себе и во една состојба на шок, која нејзината мајка залудно се обидува да ја промени.

Потоа, двете заминуваат со подлиот камионџија Флориндо, кој истата вечер ја заведува вознемирената Розета и ѝ подарува свилени чорапи. Чезира е погодена од силна болка, повеќе вознемирена за нејзината ќерка отколку за себе. По веста за трагичната смрт на Микеле, застрелан во планините од Германците, како што се сомневаа, тие се зближуваат повторно: една мајка и нејзината ќерка и покрај сè, остануваат неизбежно врзани една за друга.

Продукција[уреди | уреди извор]

Карло Понти, сопругот на Лорен, кој првично требало да го продуцира филмот за Парамаунт,[2] помислил на Џорџ Кукор како режисер, Ана Мањани (со освоен од Оскар во 1955 година) во улога на Чезира и Софија Лорен како Розета. Мањани одбила кога дознала дека мора да го толкува делот на мајката на Лорен,[3] поради воочливата разлика во однос на висината помеѓу протагонистките[4] и таа му предложила на Де Сика Лорен да го интерпретира делот на мајката.[5] Последователно, Понти се откажал од американските партнери за продукцијата и ја поврзал својата продукциска компанија Шампион со двајца француски кофинансиери и ја доверил дистрибуцијата на Титану. Режијата му ја доверил на Де Сика.

Сценаристот Ѕаватини ја преработил темата подмладувајќи ја Чезира, која требало да има педесет години, за да може да ја интерпретира Лорен, тогаш дваесет и петгодишна.[3] Со оглед на многу младата возраст (11 и пол години) на Елеонора Браун, која го одиграла ликот на малата Розета, режисерот и екипата не ѝ зборувале отворено за сцената на силување, туку за сцена со тепање, поставувајќи го сетот и движењето на актери на тој начин како некаква „игра“. Де Сика за да ја расплаче младата девојка, која не била професионална актерка, ѝ кажал грозоморни работи во сцената на смртта на Микеле, како на пример лажната смрт на нејзините родители во сообраќајна несреќа.[6] Рафаела Кара, исто така, учествувала на аудициите за улогата на Розета, но била одбиена бидејќи била премногу возрасна за улогата.

Локации[уреди | уреди извор]

Сцените од филмот се снимени на девет различни локации: сцената со силувањето во црквата Сан Франческо ди Асизи во Фонди, кога Чезира и Розета се качуваат во возот се наоѓаат на станицата Тибуртина во Рим, воздушниот напад е поставен на улицата Фурбара Сасо во Черветери, продавницата на Чезира е на улица Џулио Чезаре Сантини бр. 7 во Рим, надворешноста на црквата е на улица Сан Франческо во Валекорса, смртта на велосипедистот предизвикана од воздушен напад е снимена на улица Дормиљоза во Сермонета, разрушениот град кога нацистичкита војска се повлекува е Итри, селото Сант'Еуфемија е всушност Сарацинеско, како и студиото на Титанус за претставување на некои ентериери.[7]

Дистрибуција[уреди | уреди извор]

Филмот бил премиерно прикажан во Милано на 22 декември 1960 година, а проекцијата во кино салите започнала следниот ден. Филмот потоа бил претставен на Канскиот филмски фестивал на 6 мај 1961 година. По американската премиера во Њујорк на 8 мај, филмот бил прикажан во американските кина следниот ден под наслов Two Women.

За оваа тешка и драматична улога, на дваесет и шестгодишната Лорен, која се истакнала во жанрот комедија во педесеттите години, ѝ биле доделени некои од најголемите италијански награди ( David di Donatello и Nastro d'Argento ) и меѓународни, вклучително и Оскар, награда за најдобра женска изведба на Канскиот филмски фестивал,[8] БАФТА.

Критика[уреди | уреди извор]

Паоло Мерегети, во неговиот Речник на филмови, на филмот му дава две и пол ѕвезди од четири, дефинирајќи го како „натуралистичка драма. Европско шоу произведено во американски стил, фокусирано на ѕвездата Лорен.[9] Морандо Морандини му дава на филмот три ѕвезди од пет: „Романот на Алберто Моравија е пренесен со цврст наративен став. Силно сеќавање на годините на војната, болката и пролеаната крв.[10]

Сајтот IMDB му дава 7,8 ѕвезди од 10 со 10885 гласови (од мај 2022 година).[11] Comingsoon.it 4.2 од 5 ѕвезди со 28 гласови.[12] MYmovies 3,93 од 5 ѕвезди од 21 критика од филмски критичари, публика и филмски речници.[4] Rotten Tomatoes му дал оценка од 88%.

Џан Лујџи Ронди напишал во Il Tempо на 24 декември 1960 година: „ Чочара на Алберто Моравија била ужасната слика од последните месеци од војната во Лацио, претставена низ призмата на поранешна селанка која, раселена од Рим во планините на Фонди со нејзината дванаесетгодишна ќерка, откако напорно се борела против гладот, морала да биде сведок, по ослободувањето, на драмата на нејзината ќерка која, силувана од Мароканците, станала бесчесна; самата, жртва на потребата, да стигне дотаму и да краде, но потоа болката за смртта на една сакана личност и, пред сè, размислувањето за сета болка оставена како наследство од војната, и помогнала, прочистувајќи ја, повторно да ги открие вистинските патишта".[13]

Џулио Кативели во списанието Cinema Nuovo во 1960 година: „Како и другите романи на Алберто Моравија, Чочара пред да биде портрет на ликот е анализа на идеја, поточно есеј во наративна форма каде ликовите се гласноговорници на идеите на авторот. Темата на Чочара е војната, видена и претставена преку насилството, која осквернавува и ги корумпира материјално и морално, заедниците и поединците: како што се случува со главниот лик Чезира и нејзината млада ќерка, кои, откако ја претрпеле болната одисеја на раселувањето и гладот, во 1944 година, кога се чини дека кошмарот завршил, тие биле нападнати од марокански војници во напуштено село и девојката, по суровото насилство, претрпува екстремна преобразба и пасивно ѝ се препушта на корупцијата.[14]

Преработки[уреди | уреди извор]

Во 1988 година, Дино Ризи го снимил филмот за на телевизија, подолг од филмската верзија, враќајќи ги некои од епизодите кои биле отфрлени од книгата на Моравија. Приказната е адаптирана од Дино Ризи, Дијана Глоуд, Лидија Равера и Бернардино Ѕапони. Софија Лорен ја интерпретирала повторно протагонистката Чезира дваесет и осум години подоцна, заедно со Андреа Окипинти, Роберт Лоџа, Леонардо Ферантини, Дарио Гирарди и Сиднеј Пени во улога на Розета. Во Италија Чочара на Ризи се емитувала во две епизоди од по 100 минути секоја[9] на Канал 5 во недела на 9 и понеделник на 10 април 1989 година.[2]

Цитати[уреди | уреди извор]

Насловот го споменува Марко Масини во текстот на песната Il morbo di Beautiful, од албумот Il cielo della Vergine (1995).

Во американскиот филм Precious (2009), во режија на Ли Даниелс, протагонистките се повикуваат на Чочара (на англиски позната како Две жени), на италијански со англиски преводи; за неколку моменти протагонистката се поистоветува со ликот на Чезира глумејќи на италијански.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „1952: Il caso delle "marocchinate" al Parlamento“.
  2. 2,0 2,1 Sophia. Bergamo: Gremese Editore. стр. 159, 203. ISBN 88-8440-038-4.
  3. 3,0 3,1 Sophia Loren, the quintessence of being an Italian woman. Milano: Mediane srl. стр. 133. ISBN 9788896042106.
  4. 4,0 4,1 „La ciociara (1960)“.
  5. Anna Magnani: la biografia. Milano: Bompiani. стр. 238. ISBN 978-88-58-76378-0.
  6. Vittorio De Sica: storia di un attore. Torino: Edizioni Kaplan. стр. 114. ISBN 9788889908938.
  7. „Two Women (1960)“.
  8. „La ciociara“. festival-cannes.com.
  9. 9,0 9,1 Il Mereghetti, dizionario dei film. Milano: Baldini Castoldi Dalai. стр. 702. ISBN 978-88-6073-626-0.
  10. il Morandini, dizionario dei film. Bologna: Zanichelli. стр. 298, 2048. ISBN 978-8808127051.
  11. „Two Women (1960)“.
  12. „La ciociara - Film (1960)“.
  13. „La ciociara (1960)“.
  14. „La ciociara (1960)“.

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Болафи каталог на италијанската кинематографија 1956/1965 година .
  • Актерките, Gremese Editore, Рим, 1999 година.