Црн кожувар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Црн кожувар
Мажјак
Женка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Гусковидни
Семејство: Anatidae
Потсемејство: Aythyinae
Род: Aythya
Вид: A. nyroca
Научен назив
Aythya nyroca
(Güldenstädt, 1770)

Црниот кожувар (Aythya nyroca) е средно голема водна птица од редот гусковидни, од семејството на патките. Таа е евроазиска птица која ја има и во Македонија.

Живеалиште[уреди | уреди извор]

Црниот кожувар е птица преселница која е распространета во Европа и Азија, а презимува во северна Африка и јужните делови на Азија. Се населува крај слатководните езера, бавните реки, мочуриштата и густо обраснатите делови со водни растенија.

Опис[уреди | уреди извор]

Црн кожувар

Црниот кожувар тежи меѓу 400 и 700 гр, долг е 40-46 см, распонот на крилјата му е 65 см. Плива и нурка многу добро. Возрасниот мажјак има црн грб и бели очи. Белиот дел под опашката помага овој вид да се разликува од сличните видови. Женките се слични, со црн грб, и малку посветло кафена боја на телото, но со темни очи. Овие птици формираат големи јата во зима и најчесто се мешаат со други патки.

Исхрана[уреди | уреди извор]

Овие птици се хранат со нуркање, претежно навечер. Јадат подводни растенија, мекотели, водни инсекти и мали риби.

Размножување[уреди | уреди извор]

Aythya nyroca

Гнездото го прават во непосредна близина на водата, често на мали островчиња или на купчиња од стара трска. Се снесуваат 6-14 жолто-зеленикави јајца. Женката ги лежи 25-28 дена, а кога ќе се испилат се доста развиени и можат да се движат и хранат самостојно. Одгледуваат само едно легло годишно.

Црниот кожувар е заштитен со Договорот за заштита на евроазиските миграторни водни птици (AEWA).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Aythya nyroca. IUCN Red List. Version 2006. International Union for Conservation of Nature. 2006. Посетено на 12 May 2006. Database entry includes a range map and justification for why this species is near threatened