Срце на темнината

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Срце на темнината“
'Срцето на темнината' во издание на Blackwood’s Magazine.
АвторЏозеф Конрад
Изворен насловHeart of Darkness
ЗемјаОбединето Кралство
Јазиканглиски
Жанрроман
ИздавачBlackwood's Magazine
Издадена
февруари 1899
Медиумпечатен
СледнаЛорд Џим (1900) 

„Срце на темнината“ е роман од Џозеф Конрад од 1899 година. Романот го обработува ликот Чарлс Марлоу и неговата работа како транспортер на слонова коска во регионот на реката Конго во Африка. Книгата ја обработува врската меѓу цивилизациското наспроти варварското, како и можноста на опстојувањето на империјализмот врз основа на колонијализмот и расизмот. Првично, книгата била објавена во три серии во списанието Блеквудс. „Срце на темнината“ е една од најуспешните книги на Конрад која е преведена на голем број јазици.

Позадина[уреди | уреди извор]

Околу осум и пол години пред да ја напише книгата, Конрад бил назначен да служи во белгиската траговска компанија, односно да биде капетан на еден пароброд во реката Конго По неговото пристигнување на реката Конго, тој увидел дека бродот бил оштетен и требало да се поправа. Сепак, веќе следниот ден тој се упатил по реката со друг пароброд со друг капетан. Кога за време на патувањето капетанот се разболел, Конрад ја презел улогата на капетан. За време на ова служење, Конрад се разболел и се вратил во Европа. Приказната била објавена во три дела, во месеците февруари, март и април 1899 година во списанието Блеквудс (Blackwood's Magazine). Во 1902 година, во книгата бил вклучен расказот „Младост“.

Сиже[уреди | уреди извор]

  • 1 глава: Четворица пријатели патуваат со бродот „Нели“ по реката Темза. Еден од нив, морнарот Марлоу, раскажува приказната за својот престој во Африка: По враќањето од неколкугодишната пловидба по Југоисточна Азија, тој се вработува во големо европско трговско претпријатие, како замена на капетанот на речен параброд, кој бил убиен од домородците во едно африканско село. По триесетдневно патување од Франција до Африка, тој пристига претставништвото на неговото претпријатие, каде се запознава со вработените и се соочува со ѕверскиот однос кон домородците кои работат за претпријатието. Бродот со кој треба да управува претходно потонал и минуваат неколку месеци додека Марлоу не го оспособи за пловидба. За време на престојот во подружницата, тој постојано слуша за трговскиот агент Курт, кој е најуспешниот снабдувач со слонова коска и кај него се јавува желбата да го запознае тој необичен човек.[1]
  • 2 глава: Откако завршува поправката на парабродот, започнува долгата и мачна пловидба кон подружницата на Курт. За време на пловидбата, Марлоу покажува голема вештина во избегнувањето на бројните подводни опасности кои ги крие реката. На едно место, длабоко во прашумата, бродот го напаѓа група домородци и го убиваат кормиларот. Тогаш, Марлоу свири со бродската сирена и напаѓачите бегаат, а набргу парабродот пристига до испоставата на агентот Курт.[2]
  • 3 глава: Испоставата, всушност, претставува трошна колиба, а на оградата Марлоу забележува човечки глави закачени на колци. Помошниот на Курт, поранешен руски морнар, му раскажува за истражувачките походи на Курт во џунглата, за неговата голема страст за слоновата коска, за повремените болести и за големиот углед на Курт кај домородците, кои му се целонсо потчинети. Тогаш, од џунглата се појавува голем група домородци кои го носат на носилка тешко болниот Курт. Исто така, на брегот на реката ненадејно се појавува црна девојка, украсена со најразлични украси по телото, која потоа се враќа во шумата. Директорот на трговската подружница сака да го поведе Курт со себе, но тој се противи. Тогаш, Рускиот морнар му кажува на Марлоу дека токму Курт го наредил нападот на парабродот, сакајќи да ги спречи да го одведат од џунглата. Ноќта, Марлоу забележува дека Курт побегнал од колибата, тргнува во потрага по него и го враќа назад. Утредента, парабродот испловува, носејќи го Курт со себе кого го испраќаат голем број домородци, вклучувајќи ја и необичната девојка. Потоа, парабродот плови по реката кон морето, носејќи го болниот Курт, но тој умира. Пред смртта, Курт му ги дава своите лични документи на Марлоу, кој е сведок на последните зборови на покојниот. Кога се враќа во Европа, Марлоу го посетуваат разни луѓе, барајќи ги Куртовите документи или распрашувајќи се за него. Една година подоцна, Марлоу ја посетува сопругата на Курт, која сè уште тагува по него, и ѝ ги предава неговите документи. Кога таа го прашува за последните зборови на Курт, Марлоу ја лаже, кажувајќи ѝ дека тој го изрекол нејзиното име.[3][4]

За делото[уреди | уреди извор]

Слично на другите Конрадови дела, и „Срцето на темнината“ е инспирирано од една епизода од морнарското минато на Конрад. По неговото признание, вистинитите факти во делото се истакнати за да се постигне посилен ефект. Имено, Конрад сакал на таа мрачна тема да ѝ даде „злогласен одек, тоналитет кој ќе биде специфично нејзин“ и навистина го постигнува тоа, особено со мистериозната кулминација. Во своето седиште, Курт врши кобно, чудовишно влијание врз домородците, но и самиот тој му подлегнува на тоа влијание. Срцето на темината не е срцето на Централна Африка, туку тоа е „непроѕирната темница“ во која запаѓа Курт. Во ова дело, Конрад пишува за страшниот факт дека човекот е осамен, дека вечната, неуништлива самотија „го опкружува и го завиткува секое човечко суштество од колевката до гробот, а можеби и подалеку.“Во таа смисла, Марлоу, кој ја игра улогата на раскажувачот, вели: „Живееме како што сонуваме — сами.“[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Џозеф Конрад, Срце таме. Београд: Политика и Народна књига, 2004, стр. 5-66.
  2. Џозеф Конрад, Срце таме. Београд: Политика и Народна књига, 2004, стр. 67-118.
  3. Џозеф Конрад, Срце таме. Београд: Политика и Народна књига, 2004, стр. 119-169.
  4. Срце на темнината, Џ. Конрад на sakamknigi.mk
  5. „Белешка о писцу и делу“, во: Џозеф Конрад, Срце таме. Београд: Политика и Народна књига, 2004, стр. 173.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Karl, Frederick R., уред. (1986). The Collected Letters of Joseph Conrad - Volume 2: 1898 - 1902. Cambridge University Press. ISBN 0-521-25748-4.
  • Conrad, Joseph (1990). Heart of Darkness Unabridged. Dover Publications, Inc. New York. ISBN 0-486-26464-5.
  • Conrad, Joseph (1998-01-05). Heart of Darkness & Other Stories. Wordsworth Editions Ltd. ISBN 1-85326-240-4.
  • Farn, Regelind (2004, Dissertation). Colonial and Postcolonial Rewritings of "Heart of Darkness" – A Century of Dialogue with Joseph Conrad Архивирано на 15 декември 2018 г.
  • Hochschild, Adam (October 1999). King Leopold's Ghost. Chapter 9: Meeting Mr. Kurtz. Mariner Books. стр. 140–149. ISBN 0-618-00190-5.
  • Murfin, Ross C. (ed.) (1989). Joseph Conrad: Heart of Darkness. A Case Study in Contemporary Criticism. St. Martin's Press. ISBN 0-312-00761-2.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
  • Sherry, Norman (1980-06-30). Conrad's Western World. Cambridge University Press. ISBN 0-521-29808-3.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Викиизвор
Викиизвор
Викиизворот на англиски има изворна содржина поврзана со оваа статија: