Србизација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Србизација (или посрбување) се нарекува процесот на наметнување и утврдување на српски национален идентитет преку наметнување на српскиот јазик, српска култура, обичаи итн. Процесот на србизација во Македонија започнува уште во 19-тиот век, а својата кулминација ја достигнува во Вардарскиот дел на Македонија којшто после Букурешкиот договор паѓа под српска окупација и од страна на Србија официјално се нарекува Вардарска бановина.

Србизацијата се спроведувала преку српската црква, како и државните институции. Во 1920 година, владата во Белград донесува уредба за колонизација на Вардарска Македонија и Косово. На територијата на Вардарска Македонија паралелно со српската колонизација, се спроведува и аграрна реформа. Од целата обработлива земја која потпаѓа под аграрната реформа, македонските селани добиваат само 35%, а останатата е доделена на српските колонисти - жандарми, резервни офицери, четници и др. Поранешни војводи на Српскиот Четнички Покрет во Македонија добиваат како подарок цели села во Тиквешко и Велешко. Покрај колонизацијата, врз македонското население се вриши и физички терор, спроведуван од колонизираните неколку илјади српски жандарми. Поради револуционерната настроеност на македонското население, во тој период, теророт бил особено суров. Според официјални податоци, од 1920 до 1926 година, од страна на српската власт без никакво судење се убиени над 1.700 Македонци и Албанци. Во тој период низ затворите минуваат над 30.000 Македонци, а по 1927 година, во затвор остануваат над 8.000 од нив.

Последици од србизацијата во одреден степен, денес, има и во културата, лингвистиката. Во стандардниот македонски јазик: многу автентични македонски зборови се заменети со српски (користи, постои, извештај, намештај, дечко и тн.), многу научни термини и именски завршетоци добиваат српски призвук, се употребува српска форма за имиња на држави (Словачка, Чешка, Данска, наспроти Турција, Грција, а не Турска, Грчка и тн.). Во говорниот јазик бројот на србизмите е уште поголем (увек, никад, ваљда, боље, купаќи, купатило, така да, више, стално, поштува, чаробен, хаљина, сукња, младич, млекара, пивара, книжара, школо, школска и др.) и има тенденција тие да станат дел од стандардниот јазик.[се бара извор]

Великосрпскиот национализам се спроведува и денес. Српската Православна Црква не ја признава автокефалноста на Македонската Православна Црква, а на тлото на Република Македонија создава паралелна српска црква, наречена Православна Охридска Архиепископија и тн.