Седек Костовски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Седек Костовски
Роден 1914 година
Леуново, Кралство СХС
Починал 1941 година
Ужице, Србија
Народност Македонец

Седек Костовски (Чеда Македонац) (Леуново, Гостиварско, 1914 (некаде се сретнува 1917 година) - Ужице, Србија, 1941) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија, учесник во НОВ на Македонија.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Рано останал без татко, па поради тоа бил принуден уште речиси како дете да замине во Белград, каде што се здобил со високо образование. Уште како ученик, а подоцна и како студент, се запознал со напредното младинско и студентско движење. Учествувал во повеќе младински и студентски акции и демонстрации за што првин бил примен во СКОЈ, а подоцна и за член на КПЈ. Дал голем придонес за ширење на напредните идеи во својот роден крај. Доаѓајки на одмор во своето родно село Леуново, вршел позитивно влијание врз селаните, а посебно врз селската младина. Честопати ги собирал младинците и им расправал за борбата на работничката класа и на младината во Белград, при што не заборавал да ја истакне улогата на КПЈ и на СКОЈ. По доаѓањето во Леуново се поврзал и со другите напредни младинци од Леуново и Никифорово. Веќе организираната младинска група во него гледала сериозна посветеност во ширењето на комунистичкото движење во овој крај. Секогаш кога доаѓал во Леуново, станувал активен член на оваа младинска група. Така било и со неговиот последен престој, односно непосредно по капитулацијата на стара Југославија. Заедно со Александар Груевски, Добре Трпевски, Седек Спировски, Тихомир Шаревски и други, тој активно учествувал во објаснувањето на причините за пропаста на стара Југославија и за потребата од вооружена борба, а учествувал и во подготовките за престојната оружена борба во Маврово.

Споменик на борците за слобода и жртвите на фашизмот од Леуново, меѓу кои е и името на Седек Костовски.

По враќањето во Белград, во летото 1941 година, веднаш се одѕвал на повикот на ЦК КПЈ за оружена борба и заминал во партизани како борец, а подоцна како телеграфист при Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ. Есента 1941 година храбро загинал во борбата за одбрана на Ужице.[1]

Една улица во Гостивар, го носи неговоти име.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 264.
  2. „Започна асфалтирањето на улица"Седек Костовски". Гостивар. 2020-11-25. Посетено на 2023-01-01.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Незаборавник - Седек Костовски - документарец