Севасти Калиспери

Од Википедија — слободната енциклопедија
Севасти Калиспери
Роден(а)Σεβαστή Καλλισπέρη
Атина, Грција
Починал(а)1953 (на 94–95 г.)
Атина, Грција
НационалностГркинка
Занимањеакадемик, писател
Активен период1892-1953
Познат(а) поПрва Гркинка која се стекнала со универзитетска диплома

Севасти Калиспери (грчки: Σεβαστή Καλλισπέρη; 1858-1953) била првата жена од Грција која се стекнала со универзитетска диплома. Последователно, таа била првата жена од Грција која одбранила докторски труд и која била обучена на универзитет пред да стане учителка. Секогаш поборник за образованието на жените, таа пишувала написи во журнали и списанија, а предлагала и закони до грчкиот парламент за образовни реформи. Како училиштен инспектор, таа патувала низ Грција и направила продолжено патување низ САД со цел да ги проучи нивните образовни системи.

Ран живот[уреди | уреди извор]

Севасти Калиспери била родена во 1858 година во Атина во семејството на Николас и Мариго Калиспери. Нејзиниот татко, по потекло од Калимнос, бил офицер во Грчката војна за независност и по формирањето на модерната грчка држава имал неколку истакнати позиции, вклучително и инспектор на јавните училишта на Самос (1830), каде што основал неколку основни училишта; судија на Атина (1844); и префект на Месенија (1855). Двојката имале три деца и биле верни поддржувачи на образованието.[1] Братот на Калиспери, Џорџ, исто така станал војник, а подоцна служел во Грчко-турската војна во 1897 година.[2]

Калиспери била запишана во Хилското училиште за девојчиња, високо ценето приватно училиште за девојки. Во тоа време, ставот на грчката влада била дека девојчињата не треба да се образуваат и дека државните училишта биле отворени само за машки ученици. Малиот број приватни училишта кои постоеле обезбедувале курсеви наменети да ги научат девојчињата како да управуваат со домот и да бидат сопруги и мајки. Доколку посетувале приватно средно училиште, женските курсеви имале пократко времетраење од наставата во државните средни училишта за момчиња и по завршувањето добивале диплома која не ги исполнувала условите на диплома која овозможува студирање во универзитет. Издадената диплома им дозволувала на жените да учествуваат само во социјална работа и да бидат наставнички.[1]

Откако дипломирала од Хил, Калиспери добила приватно туторство за да се осигура дека нејзината школска подготовка е еквивалентна на обуката на машките студенти.[1] Во 1884 година, таа се пријавила на конкурс за влез во Атинскиот универзитет, кој иако не го поддржувал високото образование за жени, на Калиспери ѝ дозволил да го полага приемниот испит за филозофија.[3] Испитот го спровеле десет професори од универзитетот.[1] По положувањето на испитот, Министерството за образование одбило да ги потврди потписите на инструкторите кои го спровеле, со што одбил да ѝ дозволи на Калиспери да студира на универзитетот.[3][4] По поднесена жалба, градоначалникот на Атина ги потврдил потписите и ѝ издал диплома за државно средно образование, но сепак не ѝ било дозволено да студира на универзитетот. Таа аплицирала за стипендија за да го продолжи своето образование во странство, но владата немала средства со кои би го исполнила барањето.[1] Во 1885 година, нејзиниот татко се согласил да ја испрати во Сорбона во Париз.[1][4]

Пристигнувајќи во Париз, Калиспери морала да помине уште еден преглед и потоа била примена на катедрата за филозофија. Таа дипломирала во 1891 година, со докторат,[1] и станала првата Гркинка која стекнала универзитетска диплома.[5][6] Дипломирала со почести во нејзината генерација од 139 студенти, во која била единствената жена.[5] По завршувањето на нејзините студии, Калиспери реализирала практикантска работа во училиштата во Севр и Кембриџ, пред да се врати во Грција.[1]

Кариера[уреди | уреди извор]

Во 1892 година, по нејзиното враќање во Грција, Калиспери била вработена во училиштето Арсакејо како француски инструктор. Помеѓу 1895 и 1898 година, таа предавала и грчки јазик во училиштето. Во истата временска рамка, Калиспери приватно предавала на девојчиња во нејзиниот дом, а предавањата кои ги држела биле по етика, историја, грчка и француска литература и психологија. Во 1895 година, таа дала оставка од својата функција во Арсакејо и прифатила позиција како образовен инспектор за женски училишта,[1] патувајќи низ Грција во таа улога. Таа била единствената жена инспектор во државата.[7] Таа започнала да објавува написи за методите за подобрување на образованието, кои вклучувале предлози за обука на наставниците и обезбедување вештини за други занаети покрај основното образование. Во 1897 година, The Family Journal го објави нејзиниот труд, Περί μεταρρυθμίσεως του γυναικείου Εκπαιδευτικού συστήματος (За реформирање на образовниот систем за жени).[1] Истата година, Калиспери се придружила на други феминистки кои ја основале Унијата за образование на жените, и почнала да објавува во разни списанија како Талија и Евридика.[6] Таа ги проширила овие идеи во 1899 година, поднесувајќи два нацрт-закони до парламентот со кои се барало подобрување на образованието на жените и во 1904 година на Првата грчка образовна конференција предложила да се учат практични вештини како што се пчеларството, одгледувањето свилени буби, градинарството и други.[1]

Во 1906 година, таа била испратена од грчката влада како делегат на тригодишната конвенција на Светската женска христијанска трезна унија во Бостон. Дел од нејзиното време во Соединетите Американски Држави требала да го помине оценувајќи ги јавните училишта во Бостон, Филаделфија и Њујорк и преземајќи идеи кои би можеле да се применат во Грција.[7] Таа останала во САД пет години, посетувајќи ги грчките заедници во Охајо, Колорадо и Јута за да ги студира земјоделските трговски училишта, пред да се врати во Вашингтон за да присуствува на Мајкиниот конгрес во 1908 година.[5][1] Враќајќи се во Грција, Калиспери пишувала и објавувала разни написи и подготвувала закони за подобрување на образовниот систем во Грција. Покрај нејзините повици за подобрување на образованието, таа пишувала и анализи на старогрчката литература, преведувала странски драми, пишувала поезија и ги објавувала своите мемоари.[1]

Смрт и наследство[уреди | уреди извор]

Калиспери починала во 1953 година во нејзиниот дом во Атина.[1] Помеѓу 1907 и 1919 година, Калиспери и нејзиниот брат Џорџ купиле 4 соседни парцели во Атина на кои изградиле неколку згради, почнувајќи со неокласична куќа чија градба започната во 1911 година.[2] По смртта на Калиспери, таа го оставила домот на грчката влада со надеж дека таа ќе формира фондација за помош на образованието на девојчињата. Владата никогаш не ја создала фондацијата и имотот бил напуштен неколку децении, сè додека не бил преземен од Халандриското училиште за девојчиња. Подоцна имотот преминал во сопственост на општината Халандри и во 2010 година започнал процес имотот да биде прогласен за заштитен споменик. Статусот на заштитен споменик конечно бил одобрен во 2012 година.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

Цитати[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 Μπέλλα 2014.
  2. 2,0 2,1 Kathimerini 2012.
  3. 3,0 3,1 Δαμιανός 2011.
  4. 4,0 4,1 Tzanaki 2009.
  5. 5,0 5,1 5,2 The Washington Times 1908.
  6. 6,0 6,1 Kaplan 2012.
  7. 7,0 7,1 The Times-Democrat 1906.
  8. The Press Project 2012.

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Μπέλλα (Bella), Μαριάνθης (Μαριάνθης) (7 September 2014). „Σεβαστή Καλλισπέρη (1858-1953)“ [Sevasti Kallisperi (1858-1853)]. Criticeduc.blogspot (Greek). Κριτικη Παιδαγωγικη (Critical Pedagogy). Архивирано од изворникот на 11 January 2017. Посетено на 11 January 2017. Author is a French Professor. Self-published, but with references .CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  • Δαμιανός (Damianos), Γιώργος (George) (11 September 2011). „Οι πρώτες ελληνίδες στο πανεπιστήμιο (ως φοιτήτριες και ως καθηγήτριες)“ [The first woman to university (as student or professor)]. Ebooks Education Greece (Greek). Athens, Greece: περιοδικό 24 Γράμματα (24 Letters Magazine). Архивирано од изворникот на 12 January 2017. Посетено на 12 January 2017.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  • Kaplan, Gisela (2012). Contemporary Western European Feminism. 4. London, England: Routledge. ISBN 978-0-415-63681-0.
  • Tzanaki, Demetra (2009). Women and Nationalism in the Making of Modern Greece: The Founding of the Kingdom to the Greco-Turkish War. St. Antony's College, Oxford. Houndmills, Basingstoke, Hampshire, England: Palgrave Macmillan UK. ISBN 978-0-230-23445-1.
  • „Charming Greek Delegate to Tell Mothers' Congress about her Country Women“. The Washington Times. Washington, D.C. 10 March 1908. Посетено на 11 January 2017 – преку Newspapers.com. отворен пристап — бесплатно за читање
  • „Eve Up to Date: A Department for Women“. New Orleans, Louisiana: The Times-Democrat. 29 October 1906. Посетено на 11 January 2017 – преку Newspapers.com. отворен пристап — бесплатно за читање
  • „Μνημείο χαρακτηρίστηκε η νεοκλασική οικία Καλλισπέρη“ [Memorial featured neoclassical Kallisperi house]. Kathimerini (Greek). Athens, Greece. 13 December 2012. Архивирано од изворникот на 11 January 2017. Посетено на 11 January 2017.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  • „Διατηρητέο μνημείο η "οικία Καλλισπέρη" [Monument "Kallisperi house" Preserved] (Greek). Athens, Greece: The Press Project. 20 December 2012. Архивирано од изворникот на 11 January 2017. Посетено на 11 January 2017.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)