Погледите на еден кловн

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Погледите на еден кловн“ (германски: Ansichten eines Clowns) — роман на германскиот писател Хајнрих Бел, првично објавен во 1963 година од изадавачката куќа „Кипенхојер и Вич“ (Kiepenheuer & Witsch) од Келн.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

  • 1-7 глава: Ханс Шнир е кловн по потекло од Бон, на возраст од 27 години. Во текот на неговата петгодишна кариера, тој живее механички живот, исполнет со настапи, патувања и престои во хотели. Откако го напушта девојката Марија, тој станува алкохоличар и неговата кариера почнува да пропаѓа, така што е принуден да настапува за мали хонорари. Поради повреда на коленото, тој се враќа во својот стан во Бон. Во истиот град живеат и неговите богати родители, кои се акционери во рудници на јаглен и поранешни симпатизери на нацистите. Ханс не е во добри односи со нив, но бидејќи му требаат пари, сепак тој ѝ телефонира на мајка си, но разговорот завршува неуспешно. Тој е очаен, тагува по Марија и сака да ја обнови врската со неа. Инаку, тие ја започнале врската кога тој имал 21, а таа 19 години. Еден ден, Ханс едноставно ја посетил Марија во нејзиниот дом при што имале полов однос. Утредента, таа го напуштила својот дом и заминала во Келн, а Ханс ѝ се придружил.[2]
  • 8-25 глава: По неуспешниот разговор со мајка си, Ханс телефонира во теолошкото училиште во кое учи брат му Лео, кој ја прифатил католичката вероисповед. Тогаш, се присетува на денот кога во нивната хотелска соба во Хановер имал кавга со Марија во врска со католичкото воспитување на нивните идни деца, а веќе утредента таа го напуштила. Потоа, тој постојано ѝ праќал писма на кои никогаш не добил одговор. Ханс им телефонира на познаниците на Марија од католичкото друштво, со намера да дознае каде се наоѓа, но без успех. Најпосле, нему му се јавува менаџерот, кој го советува да се откаже од пиењето и да направи подолга пауза, а дури потоа да се обиде да ја продолжи кариерата. Најпосле, од разговорот со католичкиот свештеник Зомервилд, Ханс дознава дека Марија се омажила за Ципфнер и дека тие заминале во Рим на меден месец. Малку подоцна, во станот на Ханс неочекувано доаѓа татко му, кој му нуди да го финнсира неговото усовршување. Меѓутоа, Ханс ја одбива неговата понуда и наместо тоа, му бара пари, но износот што му го нуди татко му е премногу мал. Додека траат нивниет преговори, Ханс му раскажува на татко му за несреќното детство и за неостварената желба за родителска љубов и топол дом. Меѓутоа, обидот на Ханс да обезбеди пари пропаѓа и татко му едноставно си заминува. Тогаш, Ханс прави уште еден обид така што ѝ телефонира на љубовницата на татко му, но и од неа добива само нејасно ветување за мала парична помош. Без пари и со голема болка во коленото, Ханс е очаен и ѝ телефонира на пријателката Моника Силвс со молба да му отсвири една мазурка од Шопен и во меѓувреме почнува да плаче. Најпосле, нему му се јавува братот Лео, кој му ветува дека ќе му испрати малку пари, но не може да го посети, а тоа го разбеснува Ханс. Бе никаква надеж за иднината, тој се шминка како кловн, ја зема гитарата и оди на железничката станица, каде свири и пее, а патниците му фрлаат по некоја паричка.[3]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Романот е објавен на македонски јазик во 2012 година од издавачката куќа Бегемот, а во рамките на библиотеката „Ѕвезди“. Преводот на делото ги извршила Ива Фиданчева. Книгата, со обем од 229 страници и со димензии од 21 сантиметар, е испечатена во печатницата „Темпора веритас“ во Скопје. Таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-65306-1-7.[4]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Главниот јунак на романот, Ханс, како отпадник од општеството, истовремено е совршен негов исмејувач. Тој не се вклопува во религиозните стандарди на повисоката средна класа која, трудејќи се да создаде атмосфера на ред, моралност и толеранција, е загубена во релативизмот на вредностите. Сепак, најважната улога во романот ја игра љубовта, зашто таа е причината за пропаста на Ханс, но тоа е јасен приказ дека без љубовта не може да се живее. Агностицизмот и духовниот раздор на главниот јунак идеално го надополнуваат мотивот на несреќната љубов преку која авторот настојува да го приближи сложениот лик на Ханс. Оттука, еден од најважните мотиви во книгата е тешкотијата на животот кога човекот е соочен со болната вистина.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Хајнрих Бел, Погледите на еден кловн. Скопје: Бегемот, 2012, стр. 2.
  2. Хајнрих Бел, Мишљења једног кловна. Београд: Просвета, 1966, стр. 15-72.
  3. Хајнрих Бел, Мишљења једног кловна. Београд: Просвета, 1966, стр. 73-264.
  4. Хајнрих Бел, Погледите на еден кловн. Скопје: Бегемот, 2012, стр. 228.
  5. Хајнрих Бел, Погледите на еден кловн. Скопје: Бегемот, 2012.