Паскал (програмски јазик)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Паскал (англиски Pascal) е современ програмски јазик, развиен во 70-тите години на минатиот век. За негов автор се смета швајцарскиот математичар Никлаус Вирт (Niklaus Wirth). Јазикот го добил името по францускиот математичар и хуманист од XVII век Блез Паскал (Blaise Pascal), кој ја конструирал првата машина за сметање.

Паскал e едноставен јазик, лесен за учење, разбирлив и со добра организација. Тој е тесно поврзан со поимот структурно програмирање, бидејќи е прв програмски јазик што овозможува структурно програмирање.

Јазикот Паскал располага со структури што овозможуваат природна логика на програмирање, со што се добиваат добро организирани (структурирани) програми. Тој содржи голем број управувачки наредби и голем број вградени функции и процедури, како и можност за дефинирање сопствени типови податоци од страна на програмерот. Паскал е погоден и за јасно и разбирливо опишување на алгоритми, што овозможува негово користење и во други области, а не само за програмирање.

Денес, Паскал има широка примена. Тој се користи во образованието за изучување на програмирањето како научна дисциплина, за прегледно запишување на разни алгоритми, за решавање на математички и на технички проблеми, за изработка на апликативни програми, за графичка анимација и друго. Мошне погоден е за почетници во програмирањето, бидејќи има многу лесна синтакса и ги содржи сите основни работи што му требаат на еден почетник за да разбере како функционира структурното програмирање, иако нема толку голема примена како некои други јазици (како Це, Јава и др.).

Hello World во Паскал[уреди]

Hello World е многу прост пример за програма и најчесто е наведена како прва почетничка програма во прирачниците за програмски јазци. Се состои само од најважните елементи без коишто не може да се изврши програмата и печати низа од знаци: „Hello, World!“ (целта може да се постигне и со „Здраво!“, наместо англиското „Hello World“). Вака изгледа Hello World во Паскал:

program HelloWorld(output);
begin
  writeln('Hello, World!')
end.