Области во Античка Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Картата на областите во Македонското Кралство.
Холомонда

Античка Македонија се наоѓала во централниот дел на Балканскиот Полуостров, на север од најсеверната хеленска (старогрчка) област, односно Тесалија. Започнувајќи со Херодот, античките автори приморска Македонија ја нарекувале - Долна Македонија, а планинскиот внатрешен дел - Горна Македонија [1]. Античките автори секогаш пишувале и говореле само за Долна и Горна Македонија [1]

Долна Македонија[уреди | уреди извор]

Долна Македонија се состоела од следните области: Пиерија, Ботиаја, Алмопија, Амфакситида, Мигдонија, Антемунт, Ботика, Крусида, Бисалтија, Крестонија, Пиерида, Едонија (Едонида), а во политичка смисла и Еордеја [1].

  • Пиерија го опфаќала крајбрежниот дел наспроти Халкидик, помеѓу сливовите на реките Пенеј на југ и Халијакмон (Бистрица) на север. Областа се наоѓала северно од планината Олимп и источно од Пиериските Планини (Шапка).
  • Ботиаја во римско време била позната како Кампанија. На запад се граничела со Еордеја, на југ со Пиерија, на север се граничела со Алмопија, односно планината Пајак, а на исток била омеѓена со реката Аксиј.
  • Алмопија се нарекувала рамнината во грониот тек на реката Лудија (Колудеј), омеѓена од планините Пајак и Ниџе. Поголеми градови биле Хорма, Апсал и Еуроп.
  • Амфакситида е географско име од подоцнежно време, со кое се означувале териториите од двете страни на реката Аксиј. Оваа област ги опфаќала некогашните долнопајонски области источно од Аксиј - Грестонија и Крусида. Поважни градови во оваа област биле: Идомена, Гортинија, Аталанта и Европ.
  • Мигдонија своето име го добила според епнимниот херој Мигдон. Оваа област го опфаќала северниот дел на Халкидик. Името Мигдонија честопати се користело како заедничко или збирно име за означување и на областите Крестонија, Бисалтија и Антемунт.
  • Крестонија или Грестонија го добила името епонимниот херој Грастос, син на Македон. Според Херодот, оваа област се наоѓала во горниот тек на реката Ехедор, на север од Мигдонија и северозапад од Бисалтија. Оваа област подоцна била означувана со името Амфакситида.
  • Бисалтија се протегала по долниот тек на реката Стримон, источно од планинскиот масив Дисорон (Круша). Поважни градови во оваа област биле Берга, Еупорија, Алор и Трагил.
  • Пиерида или Пиерија се нарекувала крајбрежјето источно од устието на реката Стримон, сè до Нестос, каде што се наоѓале тврдините Фарга и Пергам. Поважни градови биле: Ејон, Амфипол, Галепс, Ојсимна, Неапол (Кавала) и Аконтисма.
  • Едонија името го добила по епонимниот херој Едон, брат на Мигдон. Областа се наоѓала на север од Пиерида и североисточно од Пангајските планини. Поголеми градови биле: Миркин, Драбеск и Филипи.
  • Еордеја ја опфаќала областа околу езерото Бегорис, северно од Елимеја, помеѓу Пиерија и Орестида, јужно од Линкестида. Поважни градови биле: Арниса и Кела.

На Халкидик се наоѓале областите Крусида, Ботика и Антемунт. Крусида го опфаќала крајбрежјето јужно од Термајскиот Залив (Солунскиот Залив) до кракот Палена. Ботика се наоѓала на средишниот дел на Халкидик. Поважни градови во Ботика биле: Калиндоја, Спартол, Плеума и др. Областа Антемунт се наоѓала источно од Тесалоника. Оваа област според Тукидид во рамките на Македонија била вклучена во VI век п.н. Целиот Халкидик во рамките на македонската држава влегува во времето на Филип II Македонски и станал неразделен дел од Македонија сè до крајот на антиката.

Горна Македонија[уреди | уреди извор]

Хераклеја Линкестис

Во Горна Македонија, која била именувана и како Слободна Македонија [1][2][3], влегувале следните области: Тимфаја, Параваја, Дасаретија, Орестида, Линкестида, Пелагонија, Дериоп, Пајонија, Парорбелија, Синтика и Одомантика [1].

  • Тимфаја се наоѓала на границата со Епир. По важни градови биле: Ајгиниј и Гиртона.
  • Параваја се протегала во соседство на Тимфаја. Поважни градови биле: Парореја и Ерибоја.
  • Дасаретија или Дасаретида се протегала на север од Епир, односно од реките Апсос и Еордеик. Според Плиниј, оваа област завршувала кај дивите барбари Дарданците. Поважни градови биле: Лихнид, Евија и Ускана.
  • Орестида ги опфаќала горниот тек на Халиакмон, Костурското и Преспанксото езеро. Поважни градови биле: Арг Орестикон, Лика и Батина.
  • Линкестида го опфаќала јужниот дел на денешна Пелагонија. Поважни градови биле: Хераклеја, Никаја и Бева.
  • Пелагонија се нарекувал денешниот северен дел на Пелагонија. Поважни градови биле: Пелагонија, Керамија и Колобајса.
  • Дериоп се наоѓала во горниот тек на реката Еригон. Тука се наоѓале градовите Стибера, Алкомена и Брианион.
  • Пајонија се пртотегала по течениото не реката Аксиј, од Демир Капија до Таорската Клисура на север. Позначајни градови биле: Аргос, Стоби, Антигонеја, еврист, Стена, Билаѕора, Астибос, Добер, Страј, и Баргала.
  • Парорбелија се наоѓала јужно од планината Беласица до Демиркаписката Клисура, југоисточно од Рупелската клисура и западно од реката Стримон. Поважни градови биле: Калипол, Ортопол, Гареск и Филипол.
  • Синтика се протегала по среднот тек на реката Стримон, на север од Бисалтија. Поважни градови биле: Хераклеја, Поројкопол, Тристол и Нејна.
  • Одомантика се наоѓала во северните падини на Пангајските планини, источно од Стримон. Поважни градови биле: Сира, Скотуса и Гаѕор. епонимен херој на Одомантика бил Одомант, брат на Мигдон.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Историја на Аргеадите, Наде Проева, Скопје, 2004
  2. Strab. VII, 326
  3. Caes., Bell. civ III, 7, 9