Мустафа Маџар

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мустафа Маџар (српски: Mustafa Madžar) - расказ на писателот Иво Андриќ.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во Добој е во тек голема прослава по повод победата на турската војска во Битката кај Бања Лука, во која особено се истакнал нивниот сограѓанин Мустафа Маџар. Меѓутоа, Мустафа доаѓа уморен и нерасположен и веднаш се затвора во својата куќа, без желба да комуницира со луѓето. Како последица на тешките битки во кои учествувал (на Крим, во Славонија итн.), тој го има изгубено сонот и живее во постојана борба со кошмарите. Една ноќ, тој го напушта домот и започнува да скита низ околината. Најпрвин доаѓа во еден католички манастир, но го наоѓа заклучен. Бесен, тој среќава двајца калуѓери и почнува да ги тормози, а потоа и ги убива. Подоцна пристигнува во еден ан, каде поради мала расправија убива едне турски бег, по што повторно започнува да талка низ околината. Најпосле, целосно паднат во агонија, тој стигнува во Сараево, каде во една меана ги навредува присутните Турци и започнува борба со нив. Тогаш, од сите страни го напаѓаат многу луѓе, но тој успева да им побегне. Сепак, додека бега, еден Циганин го удира со железен предмет во слепоочницата и го убива.[1]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Расказот „Мустафа Маџар“ којшто обработува не витешка, туку војничка легенда. Во него, главниот јунак е затворен во мрачната самица на животот, а крајот на светот се вселил длабоко во него. Оттука, единствено му преостанува лудачко бегство од самиот себеси, од својата сенка која е огледало на човечките гадости. Во трката без цел и без смисла, тој ја раѓа катастрофата која уништува сè пред себе, вклучително и него самиот. Во овој расказ, Андриќ навлегол длабоко во мрачната страна на човековата психа, во мракот на потсвеста, изразувајќи ја стихијата на човечките нагони.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Mustafa Madžar“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 99-114.
  2. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 162-163.