Крводарителство

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Лице како дарува крв

Крводарителство — чин на некое лице кога доброволно дарува крв, којашто се користи за трансфузија или за производство на лекови преку процесот наречен фракционација.

Во развиениот свет најголем дел од крводарителите се неплатени доброволци кои што даруваат крв за потребите на заедницата. Во посиромашните земји, залихите се ограничени и крводарителите обично даваат крв тогаш кога му е потребна трансфузија на некој член од семејството или на пријател. Многу дарители даруваат крв од милосрдие, но има и такви кои се платени, а во некои случаи има и други начини на поттикнување, освен парите, како на пример платени слободни денови од работа за крводарителите. Еден крводарител може да дарува крв и за свои сопствени потреби во иднина. Дарувањето крв е релативно безбедно, но кај некои крводарители може да се појави модринка на местото каде што била ставена иглата, или да почувствуваат губење на свеста.

Кaј потенцијалните крводарители се прават проценки за сè што може да ја направи крвта небезбедна за употреба. Испитувањето вклучува тестови за болести што се пренесуваат преку трансфузија на крв, вклучувајќи ХИВ и вирусен хепатит. Исто така, се испитува и медицинската историја на крводарителот, а се прави и краток физички тест за да се утврди дека дарувањето крв не е опасно по неговото здравје. Колку често крводарителот може да дава крв има разлика во денови и месеци, врз основа на тоа кој компонент од крвта се дарува, како и на законите во земјата каде што се случува дарувањето крв. На пример, во Соединетите Американски Држави, крводарителот мора да чека 8 седмици (56 дена) за повторно дарување на целокупна крв, а само 3 дена за дарување тромбоцити.

Количеството крв коешто може да се дарува, како и методите на дарување, се разликуваат. Земањето крв може да се изведува рачно или со автоматизирана опрема, со којашто се земаат само посебни делови од крвта. Многу од компонентите на крвта којашто се употребува за трансфузија имаат краток рок на употреба, и оддржувањето на постојани залихи е постојан проблем.

Видови дарувања[уреди]

Автобус (подвижна архива на резерви крв) на Детската болница во Бостон кој собира крв на Факултетот за индустриско производство во Масачусетс. Банките за крв некогаш употребуваат модифициран тип на автобус или слично возило со цел обезбедување мобилни услови за дарување.

Дарувањето крв се дели на неколку групи врз основа на тоа за кој е намената на земената крв. Хомологно дарување настанува кога дарителот дава крв која ќе се чува во банка за крв и коjашто е наменета за трансфузија на непознат примател. Директно дарување настанува кога некое лице, најчесто член на семејството, дарува крв наменета за трансфузија на одредено лице. Директните дарувања се релативно ретки. Дарувањето при кое постои дарител кој врши замена претставува хибрид од двата типа дарување и е карактеристично за земјите во развој, како на пример Гана. Во ваков случај, пријател или член од семејството на примателот дарува крв со цел да се замени зачуваната крв која се искористила за трансфузија, и со тоа се обезбедуваат постојани залихи. Дарувањето, пак, при кое земената крв подоцна се враќа назад на дарителот, најчесто по хируршка интервенција, се нарекува автологно дарување. Крвта којашто се употребува за производство на лекови може да се добие преку хомологно дарување или од дарување исклучително наменето за таа цел.

Самиот процес се разликува во зависност од законите на земјата, а и препораките за крводарителите се разликуваат во однос на организациите кои собираат крв. Светската здравствена организација дава препораки за политиките на дарување крв, но во земјите во развој голем дел од нив не се почитуваат. На пример, според препораките, за испитувањето потребни се лабораториски услови, обучен персонал, и посебни реагенси, кои што не се достапни или пак се премногу скапи за земјите во развој. Постапката кога дарителите даваат хомологна крв се нарекува и крводарителска акција. Може да се случува во банка за крв, но често банките се поставени и на некоја локација, како на пример трговски центар, на работното место, во училиштата или во верски објекти.

Испитување[уреди]

Од дарителите се бара согласност за процесот. Малолетници не смеат да даруваат крв без дозвола од родител или старател. Во некои земји, при испитувањето се поставуваат прашања поврзани со крвта на дарителот, а не со неговото име, за да се обезбеди анонимност, но во други како на пример Соединетите Американски Држави, имињата на крводарителите се чуваат со цел да се создаде листа на неквалификувани дарители. Ако потенцијалниот дарител не ги исполнува критериумите, тогаш тој е одложен. Овој услов се применува бидејќи на многу дарители кои не се квалификувани може да им биде дозволено да даруваат покасно.

Некогаш е важна и расата на дарителот или етничкото потекло, бидејќи одредени крвни групи,oсобено оние кои што се ретки, се позастапени во одредена етничка група. Од историска гледна точка, крводарителите биле одделувани и исклучувани врз основа на расата, религијата или етничкото потекло, но тоа повеќе не е стандардна пракса.

Безбедност на примателот[уреди]

Дарителите се испитуваат за здравствени ризици кои можат да го направат дарувањето крв небезбедно за примателот. Некои од ограничувањата се контроверзни, како на пример ограничено дарување од маж кој имал сексуален однос со друг маж поради ризикот од ХИВ. Кај автологните дарители не се вршат секогаш испитувања со кои ќе се утврдат безбедносните проблеми кои можат да бидат предизвикани кај примателот бидејќи дарителот е единственото лице кое ќе ја прими крвта. Крводарителите ги испрашуваат и за лековите кои ги примале, како на пример лекот дутастерид, бидејќи може да бидат опасни за бремените жени кои промаат крв.

ај дарителите се прават и испитувања за да се открие дали постојат знаци или симптоми за болести кои може да се пренесат преку трансфузија на крв, како на пример ХИВ, маларија и вирусен хепатит. Испитувањето може да опфати и прашања за ризичните фактори кои влијаат на различни болести, како на пример патувања во земји во кои постои ризик од заболување од маларија или Кројцфелт-Јакобов синдром. Овие испрашувања се разликуваат од земја во земја. На пример, центрите за дарување крв во Квебек, Полска, и на многу други места, ги одложуваат дарителите кои живееле во Обединетото Кралство заради ризик од Кројцфелт-Јакобов синдром, за разлика од дарителите во Обединетото Кралство кои се ограничуваат заради ризик од овој синдром само доколку имале трансфузија на крв во Обединетото Кралство.

Безбедност на дарителот[уреди]

Исто така, се испитува и дарителот. Му се поставуваат одредени прашања за неговата медицинска историја со што се потврдува дека дарувањето крв не е опасно по неговото здравје. Се тестира нивото на хемоглобин на дарителот за да се потврди дека губењето крв нема да предизвика анемија. Ваквата проверка е најчестата причина поради којашто дарителот се дисквалификува. Се испитуваат и пулсот, крвниот притисок и телесна температура. Постарите дарители некогаш се одложуваат само поради возраста која може да им предизвика здравствени проблеми. Безбедноста при дарување крв за време на бременост не е целосно проучена и затоа бремените жени обично се одбиваат.

Испитување на крвта[уреди]

Ако крвта се употребува за трансфузија, мора да се утврди крвната група на дарителот. Агенциите кои собираат обично одредуваат дали се работи за крвна група А, Б, АБ или 0 и типот на Резус факторот кај крводарителот, а се испитуваат и антитела на помалку познати антигени. Поопширно тестирање, кое вклучува и вкрстена проба меѓу серумот на примателот и тромбоцитите на дарителот (cross-match), обично се прави пред трансфузија. Крвната група 0, најчесто претставува универзален дарител, но ова се однесува само на трансфузија на црвени клетки. За трансфузија на плазма системот е обратен, па крвната група AB е универзалиот дарител.

Крвта се испитува и за да се утврди дали постојат болести, вклучувајќи и СПБ. Испитувањата кои се применуваат се со висок степен на чувствителност и не може да се утврди вистинска дијагноза. Подоцна, при попрецизни тестирања, се открива дека некои од добиените резултати не се навистина позитивни. Лажните негативни резултати се ретки, но дарителите се обесхрабрени да даруваат крв поради анонимно СПБ испитување, бидејќи лажен негативен резултат би значел заразена единица. Ако овие испитувања покажат позитивни резултати, крвта најчесто се отфрла, но постојат и исклучоци, како на пример автологните донации. Дарителот, обично, се известува за резултатите од испитувањето.

Даруваната крв се тестира на повеќе начини, но основните тестирања кои што се препорачани од Светската здравствена организација се следниве четири:

СЗО во 2006 год. извести дека 56 од 124 испитани земји не ги применуваат овие основни тестови за сите видови на дарување крв.

Врз основа на локалните барања, се применуваат и разни други тестови за откривање инфекции кои се пренесуваат преку трансфузија. Дополнителните испитувања се скапи, па во некои случаи испитувањата не се применуваат поради цената. Овие дополнителни испитувања вклучуваат и испитувања за други инфекциски заболувања, како вирусот Западен Нил. Понекогаш, се прават повеќе тестирања за една болест со цел да се покријат недостатоците на секој посебен тест. На пример тестот за ХИВ антитела нема да открие дарител кој е неодамна заразен, па затоа некои банки за крв освен основниот тест за антитела, прават и тетсови со p24 антиген или тест за ХИВ со нуклеинска киселина, за да можат да откријат дарители кои се заразиле во тој период. Цитомегаловирус е посебен случај во процесот на тестирање на дарителот, кој најчесто е позитивен. Вирусот не е опасен за здрав примател, но може да им наштети на бебињата и на други приматели кои имаат слаб имунолошки систем.

Добивање на крвта[уреди]

Рака на крводарител во различни фази од дарувањето. Двете фотографии од левата страна покажуваат манжетна за притисок на крвта употребена како тврд завој.

Постојат два метода на добивање крв од дарителот. Најчестиот е едноставно да се земе крв од вена во вид на целокупна крв. Од таквата крв обично се издвојуваат делови, најчесто црвени крвни зрнца и плазма, бидејќи на најголем број приматели на крв потребна им е само одредена компонента за трансфузија. Карактеристично дарување изнесува 450 милилитри целокупна крв, но чести се и дарувања од 500 милилитри. Во минатото во Народна Република Кина се дарувале по 200 милилитри, но дарувањата од 300 и 400 милилитри стануваат се почести.

Другиот метод е да се земе крв од дарителот, да се раздели употребувајќи центрифуга или филтер, да се сочува потребниот дел, а останатиот дел да се врати на дарителот. Ваквиот процес се нарекува изоставување, и најчесто се прави со машина специјално направена за оваа цел.

При директна трансфузија се зема крв од вена, но може да се земе и од артерија. Во овој случај крвта не се зачувува, туку директно се пренесува од дарителот на примателот. Овој метод за трансфузија на крв е стар и ретко се употребува во модерната пракса. Бил укинат за време на Втората светска војна поради проблеми со логистиката.

Подготовка и земање крв[уреди]

Крвта се зема од големата вена којашто е близу до површината на кожата, најчесто средната вена на внатрешната страна на лактот. Кожата над крвниот сад се чисти со антисептик, како на пример јод или хлорхексидин за да се спречат бактериите да ја заразат земената крв, а исто така и да се спречат инфекции кои што можат да настанат на местото на кожата на дарителот каде што се става иглата.

Голема игла (со величина од 16-17) се употребува за да се намали интензитетот на иглата кој што може физички да ги оштети црвените крвни зрнца кои поминуваат низ иглата. Понекогаш се врзува тврд завој околу горниот дел на раката за да се зголеми притисок на крвта во вената и да се забрза процесот. Од дарителот може да се побара да држи предмет во раката и да го притиска повторено неколку пати за да се зголеми притисок на крвта во вената.

Целокупна крв[уреди]

Најчест метод е собирање на крвта од вената на дарителот во кеси. Количеството дадена крв варира од 200-550 милилитри, во зависност од земјата каде што се врши дарувањето, но најкарактеристично дарувано количество е 450-500 милилитри. Крвта најчесто се чува во флексибилни пластични кеси, кои содржат и натриум цитрат, фосфат, декстроза, a понекогаш и аденин. Оваа комбинација ја спречува крвта од коагулација и ја чува додека стои како залиха. Понекогаш при обработка се додаваат и други хемикалии.

Крвната плазма може да се искористи за да се направи плазма за трансфузија или може да се преработи во лекови преку процесот на фракционација. Овој процес се развил од процесот на истиснување на крвната плазма кој бил употребуван за време на Втората светска војна, а негови верзии денес сèуште се употребуваат за производство на различни лекови.

Афереза[уреди]

Релативно голема игла се употребува при дарување крв.

Афереза е метод на дарување крв при којшто крвта поминува низ апарат кој одделува еден посебен дел, а остатокот се враќа кај дарителот. Компонента која најчесто се враќа назад се црвените крвни клетки, делот од крвта на кој му е потребно најдолг период за да се замени. Со овој метод, секое лице може да дарува плазма или тромбоцити многу почесто отколку што може безбедно да се дарува целокупна крв. Методот може да биде и комбинран ако дарителот дава и плазма и тромбоцити истовремено.

Исто така, и тромбоцитите може да се одделат од целокупната крв, но потребни се повеќе дарувања за да се соберат доволно. За една терапевтска доза потребни се од три до десет единици целокупна крв. Плазмата добиена при афереза на тромбоцити обезбедува најмалку една целосна доза од секое дарување.

Процесот афереза на плазмата со којшто се собира плазма за производство на лекови се применува многу почесто, отколку процесот на собирање плазма од целокупната крв. Плазмата која се добива во исто време како и тромбоцитите при процесот афереза некогаш се нарекува и истовремена плазма.

Аферезата се применува бидејќи со неа се собираат повеќе црвени крвни клетки отколку што може да се соберат при една донација, а можат да се соберат и бели крвни зрнца за трансфузија.

Закрепнување и период помеѓу дарувањата[уреди]

Најчесто крводарителите остануваат на местото каде што дарувале крв од 10 до 15 минути по дарувањето, бидејќи најнеповолните реакци се случуваат за време на дарувањето или веднаш потоа. Центрите за дарување крв обезбедуваат лесно освежување или ручек што би му помогнал на дарителот да закрепне. Местото каде што се наоѓала иглата е покриено со завој и на дарителот му се кажува да го задржи завојот следните неколку часа.

Даруваната плазма се обновува по 2-3 дена. Коскената срж во циркулаторниот систем создаваат нови црвените крвни зрнца на побавен начин, во просек 36 дена кај здрав возрасен маж. Според една студија, границата на зкрепнување била од 20-59 дена. Овие проценки за замена се основа за тоа колку често дарителот може да дарува крв.

Преку афереза на плазмата и афереза на тромбоцитите дарителите можат да даваат крв многу почесто, бидејќи не губат значително количество на црвени клетки. Точната стапка за тоа колку често дарителот може да дарува крв се разликува од земја во земја. На пример, во Соединетите Американски Држави на дарителите им е дозволено преку процесот афереза на плазмата да даруваат поголеми количества, два пати неделно, и номинално можат да дадат 83 литри годишно, додека пак во Јапонија, еден даител може да дарува секоја наредна недела и со тоа може да дарува само 16 литри годишно. Црвените крвни зрнца се причината за ограничување на дарувањето на целокупната крв, а фреквенцијата на дарувања насекаде се разликува. Во Хонг Конг е од 3-6 месеци, во Австралија е 12 недели, во Соединатите Американски Држави е 8 недели, а во Обединетото Кралство вообичаено е 16 недели, но може да биде и помалку од 12.

Компликации[уреди]

Кај дарителите се вршат и испитувања за здравствени проблеми кои што можат да предизвикаат сериозни комликации при дарувањето. Кај дарителите кои прв пат даруваат, тинејџерите и жените постои најголем ризик да се појави некоја реакција.

Една студија покажала дека 2% од дарителите имаат негативна реакција при дарувањето. Најголем број од таквите реакции се минорни. При една студија со која се опфатени 194.000 дарувања забележан е само еден дарител со долгорочни компликации. Во Соединетите Американски Држави една банка за крв има задача да извести доколку некоја смрт е на кој било начин поврзана со дарување крв. Анализата на сите извештаи од октомври 2008 год. до септември 2009 год. оценила 6 случаи и забележала дека 5 смртни случаи во никој случај не се поврзани со дарувањето крв, а во останатиот случај не е пронајден доказ за поврзаност на смртта со дарувањето.

Хиповолемички реакции може да настанат поради брза промена на крвниот притисок. Сепак, губење на свеста е најлошиот проблем со кој се соочува дарителот.

Процесот има слични ризици кај други форми на флеботомија. Најчеста загриженост е модринка на раката настаната од ставањето на иглата. Една студија открила дека помалку од 1% од дарителите го имаат овој проблем. Познато е дека постојат и компликации при дарувањето крв кои многу поретко се случуваат. Тука спаѓаат: пукање на артеријата, оддложено пуштање крв, иритација на нервот, повреда на нервот, повреда на тетивата, тромбофлембит и алергиски реакции.

Дарителите некогаш имаат брза реакција на натриум цитрат кој се употребува при афереза за да се спречи коагулација на крвта. Бидејќи антикоагулантот се враќа кај дарителот заедно со компонентите на крвта кои не се земаат, калциумот може да се сврзе со крвта на дарителот и да предизвика хипокалцемија. Ваквите реакции предизвикуваат треперење на усните, но може да предизвикаат и грчење на мускулите или посериозни проблеми. На дарителите понекогаш им се даваат суплименти на калциум за време на дарувањето за да се спречат овие несакани ефекти.

При процесот на афереза, црвените крвни клетки најчесто се враќаат. Ако ова се прави рачно, и ако дарителот ја прима крвта од друго лице, може да настане реакција на трансфузијата. Рачна афереза се случува многу ретко во развиениот свет поради овој ризик, а автоматските постапки се безбедни колку и дарување на целокупна крв.

Последниот ризик кој може да се случи кај крводарителите е доколку опремата не е соодветно стерилизирана. Во најголем број случаи, опремата која е во директен контакт со крвта се фрла по употребата. Повторна употреба на опремата беше значителен проблем во Кина во 1990-те, и дури 250.000 дарители на крвна плазма беа изложени на ХИВ поради делење на опремата.

Чување, залихи и побарувачка[уреди]

Земената крв обично се чува така што нејзините компоненти се разделени, и некои од нив имаат краток рок на употреба. Не постои решение за чување на тромбоцитите подолг временски период, и покрај тоа што се истражува од 2008 год. Најдолгиот рок на уптреба на тромбоцитите е седум дена. Црвените крвни клетки, најчесто употребуваната компонента, имаат рок на употреба од 35-42 дена на ниски температури. Рокот може да се продолжи со замрзнување на крвта со смеса од глицерол, но овој процес е скап, ретко се прави, и потребен е екстремно ладен замрзнувач за чување. Плазмата може да се чува замрзната за подолг временски период и најчесто има рок на употреба до една година, па одржувањето на залиха не е голем проблем.

Ограниченото време на чување значи дека е тешко да се има резреви крв и да се биде подготвен за катастрофа. Најпосле проблемот бил дискутиран по Терористичките напади од 11 септември 2001 година во Соединетите Држави, и заклучокот бил дека собирањето крв за време на катастрофа не е практично, и дека напорите треба да се фокусираат на одржување на сооодветна залиха во секое време. Центрите за крв во САД често имаат потешкотии со одржувањето, дури и на залихи во период од три дена за рутинските потреби за трансфузија.

Светската здравствена организација секоја година на 14.Јуни го слави Денот на крводарителството со цел да ге промовира дарувањето крв. Тоа е роденденот на [[Карл Лендштајнер, научникот кој го открил системот на крвните групи: A, B, AB и 0. Во 2008 год., СЗО проценила дека годишно се собираат повеќе од 81 милион единици крв.

Придобивки и поттик[уреди]

Светската здравствена организација во 1997 год. поставила цел сите дарувања крв да бидат од неплатени дарители волонтери, но според ситуацијата во 2006 год., само 49 од 124 испитани земји го утврдиле овој стандард. На некои дарители на плазма преку афереза во Соединетите Американски Држави сеуште им се плаќа за дарувањето. Неколку земји се потпираат на платени дарители со цел да ја оддржат соодветната залиха. Некои земји, кака на пр. Танзанија, направиле голем чекор во унапредување на овој стандард, така што 20% од дарителите во 2005 год. и 80% во 2007 год. биле неплатени волонтери, но 68 од 124 земји испитани од страна на СЗО постигнале мал напредок или пак воопшто не постигнале напредок. Во некои земји, на пример во Бразил, нелегално е да се прими надоместок, паричен или друг вид, за дарување крв или друг тип на ткиво од човечкиот организам.

Дарувањето крв ја спречува акумулацијата на токсични количини. На банките за крв во Соединетите Држави може да им биде побарано да ја обележат крвта ако таа е од терапевтски дарител, бидејќи некои не прифќаат крв од дарител со некоја болест. Други пак, како Службата за крв при Австралискиот Црвен Крст, прифаќа крв од дарители со хемохроматоза. Тоа е генетичи предизвикано пореметување коешто не влијае на безбедноста на крвта. Дарувањето крв може да го намали ризикот од болести на срцето кај мажите, но односот не е стабилно воспоставен.

Во Италија, денот кога крводарителите даруваат крв им е слободен ден од работа, но платен. Понекогаш од страна на работодавците има и други начини за поттикнување, како на пример неколку слободни денови од работа за целите на дарувањето. Исто така, центрите за крв како поттик даваат и гаранција дека дарителите би имале приоритет во случај на недостаток на крв, бесплатни маици или други ситници (на пр. прибор за прва помош, бришачи за предното стакло на автомобилот, пенкала и сл.). или други програми како наградни игри(томбола) и награди за организаторите на успешните крводарителски акции. Најголем дел од крводарителите даруваат крв поради својата хуманост и не очекуваат да добијат каква било директна добивка од дарувањето.

Социологот Ричард Титмус, во својата книга „Подарениот однос: Од човечка крв до социјална политика“ од 1970 год., направил спордба помеѓу заслугите на комерцијалните и некомерцијалните системи на дарување крв ва САД и Велика Британија. Книгата станала бестселер во САД, и дала резултати во законодавството за регулирање на приватниот пазар на крв. Модерните дебати сèуште се повикуваат на оваа книга во однос на претворањето на крвта во артикал. Книгата била реиздадена во 1997 год., а истите идеи и принципи се примениле и кај слични програми за дарување, како што е дарувањето органи и дарувањето сперма.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

Надворешни врски[уреди]