Коала

Од Википедија — слободната енциклопедија
Коала
женка
мажјак
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Chordate
Класа: Mammalia
Инфракласа: Marsupialia
Ред: Двопреднозаби
Семејство: Phascolarctidae
Род: Phascolarctos
Вид: P. cinereus
Научен назив
Phascolarctos cinereus
(Goldfuss, 1817)
Распространетост
(кафеаво — местата од каде потекнува, црвено — пренесена)

Коала (лат. Phascolarctos cinereus) е австралиски тревопасен торбар и претставува единствен жив претставник на семејството Phascolarctidae.

Коалата ги населува крајбрежните региони на источна и јужна Австралија. Коалите во јужна Австралија скоро исчезнале во текот на 20 век поради интензивно ловење и затоа овој регион бил репопуларизиран со примероци од Викторија. На Тасманија и во западна Австралија нема коали.

Кратка историја[уреди | уреди извор]

Се смета дека коалата и животните слични на неа првпат се појавиле на австралискиот континент во тек на периодот кога австралиското копно почнало полека да се оделува од Антарктикот некаде пред 45 милиони години. Фосилни остатоци од животни сродни на коалата датираат од пред 25 милиони години. Како што климата во Австралија станувала се посува, растителноста се менувала сè додека не настанале добро познатите дрва на евкалиптус од кои коалите зависат и ден денес.Абориџините пристигнале во Австралија пред 60 000 години. Коалите, како и сите други австралиски животни од тој период заземале важно место во абориџинската култура и биле дел од многу митови и легенди.Иако служеле за исхрана на домородното население, коалите, останале во огромен број сè до првото појавување на европските доселеници во 1788 година.[2]

Име[уреди | уреди извор]

Зборот коала потекнува од сиднејскиот јазик (Дарук јазик) "gula". Општоприфатено е дека терминот коала значи “без вода”.[3] Тоа е поради фактот дека коалите всушност не пијат вода или го прават тоа многу ретко. Потребата за вода зависи од нивната исхрана која се состои од листовите на евкалиптусот кои содржат доволно количество на течности во себе.

Научното име на семејството, Phascolarctos, потекнува од грчките зборови “phaskolos” (торба) и “arktos” (мечка). Името на видот, cinereus, на латински значи “пепеласто обоен”.[4]

Раните европски доселеници во Австралија коалата ја нерекле домородно мече. Некои ги нарекуваат така и денес што е сосема погрешно затоа што не му припаѓаат на семејството мечки.[5]

Видови[уреди | уреди извор]

Викторијанската коaла (P. cinereus victor)

Постојат 3 видови на коала. Според Бергмановото правило, единките кои живеат на југ каде што е поладно се поголеми. Викторијанската коaла (P. cinereus victor) се одликува со подолго и подебело крзно со посветли чоколадно кафени нијанси на грбот и подлактиците и бушави бели уши. Мажјаците од овој вид тежат околу 12 килограми, додека женките тежат нешто помалку од 8,5 килограми. Од друга страна, пак, во тропските и суптропските предели на Квинсленд, коалите со латинско име P. cinereus adustus се помали (мажјаците тежат 6,5 килограми а женките само 5 килограми). Тие се посветли, со сива боја и имаат пократко и потенко крзно од јужните коали. Третиот вид на коала е од Нов Јужен Велс (P. cinereus cinereus).[6]

Фосилни остатоци од коалите се многу ретки но некои се најдени во северна Австралија и се стари околу 20 милиони години. На основа на други фосилни остатоци, стари 50 000 години, џиновските коали ја населувале јужната област на Австралија.[7]

Физички опис[уреди | уреди извор]

Според надворешниот изглед, коалата е најслична со вомбатот но има подебело крзно, многу поголеми уши и подолги нозе со големи и остри канџи прилагодени за качување по дрва. Тежината им варира од околу 14 килограми кај поголемите, јужни машки примероци до 4 килограми кај помалите северни женки.[8]

Коалата е еден од ретките цицачи која има отпечаток од прстите. Всушност, отпечатокот е толку сличен со човековиот што дури и под микроскоп е тешко да се разликуваат.[9]

Скелет на коала

Мозокот на коалата е со необично мали димензии, околу 40% од кранијалната празнина е исполнета со течност. Тоа е единствено животно со такво смалување на мозокот во текот на развитокот.[10]

Големиот нос на коалата е една од нејзините најважни одлики. Таа има силно развиено сетило за мирис што и помага да открие кои листови од евкалиптус се безбедни за консумирање.Очите им се релативно мали во споредба со големината на останатите сетилни органи и видот не им е високо развиен.

Температурата на телото им е незначително помала од температурата на останатите цицачи и се движи околу 36.6 C. Срцето им чука помеѓу 70-140 пати во минута (ова зависи од многу фактори вклучувајќи ја и возраста на коалата). Тешкое да им се измери пулсот затоа што имаат синус аритмија што значи дека нивниот пулс и дишењето не се синхронизирани. Ова предизвикува промени во пулсот кои не се рефлексија на вистинската работа на срцето.[11]

Генерално, коалата е тивка и мирна но мажјаците произведуваат многу гласни звуци во текот на сезоната на размножување кои можат да се слушнат дури на 1 километар оддалеченост. Во случај на страв или стрес, коалите плачат гласно и тоа многу слично со плачот на бебе.[12]

Не постојат точни информации за животниот век на коалите но се знае дека во заробеништво живеат околу 15 години и тоа мажјаците во просек до 13 години а женките и до 20 години.[13]

Животен циклус[уреди | уреди извор]

Бебе коала на грбот на својата мајка

Женките достигнуваат зрелост на старост од 2-3 години а мажјаците на старост од 3-4 години. Здрава женка може да раѓа по едно младо годишно околу 12 години. Бременоста трае 35 дена. Близнаците се многу ретки а првите се родени на Универзитот Квинсленд во април 1999 година со имиња Euca и Lyptus.Парењето, во нормални услови, обично се случува помеѓу декември и март (овој период го претставува летниот период во јужната полутопка).[14] Бебето коала се нарекува “joey” и е без крзно, без уши и слепо. Се раѓа со должина од 1,5 сантиметри и останува во торбата на мајката свртено со главата надолу и се прикачува за една од дојките на мајката.[15]

Младите остануваат скриени во торбата на мајката околу 6 месеци и се хранат само со мајчиното млеко. За овој период им растат уши, крзно и прогледуваат. Потоа, младото почнува да го истражува надворешниот свет и конзумира мали количества на листови евкалиптус.[16]

Младото останува со мајката уште 6 месеци и се храни комбинирано, со млеко и евкалиптус, сè до 12 месечна возраст кога доењето престанува. Женките се одделуваат од мајката на 12 месеци но се населуваат во нивна близина додека мажјаците остануваат со мајката до 2-3 години.[16]

Исхрана и однесување[уреди | уреди извор]

Коалата се храни скоро само со листови евкалиптус кои имаат мала количина на белковини, тешко се сварливи и содржат phenolic и terpene кои се токсични за поголемиот дел од живите суштества.[17]

Коалата има многу спор метаболизам па затоа се одмара од 16-18 часа дневно, главно преспивајќи го поголемиот дел од времето.[17]

Коалите трошат 3 од 4 активни часови хранејќи се. Хранењето може да се случува во било кој дел од денот но вообичаено е во текот на ноќта. Коалите конзумираат околу 500 грама листови евкалиптус дневно. Ги ситнат со забите сè додека не станат фина смеса па дури тогаш голтаат. Нивниот црн дроб ги деактивира токсичните материи кои после овој процес се подготвени за исфрлање надвор од организмот.[18]

Коалата јаде листови од различни видови на евкалиптус а понекогаш дури и Acacia, Leptospremum и Melaleuca. Коалите претпочитаат различни видови на евкалиптус во зависност од местото на живеење.[19]

Многу фактори влијаат на изборот на омиленото дрво евкалиптус од постоечките 680 видови од истото. Најважниот фактор е концентрацијата на одредена група токсини наречени соединенија на врзан флороглуцинол.[19]

Коалата живее во комплексни групи и не мигрира. Таа е многу територијална и во стабилна заедница го задржува “своето” место во областа. Живеалиштето се состои од неколку дрва за качување и неколку дрва кои им служат за исхрана. Идндивидуалните живеалишта се преклопуваат и овие заеднички места со соседните коали ги користат како места за дружење. Големината на живеалиштето зависи од квалитетот на дрвата и грмушките, а квалитетот се дефинира како густина на дрвата кои служат за исхрана. Иако поделбата на живеалиштата на коалите е тешко да се пепознае од страна на човекот, коалите секогаш знаат дали некое дрво им припаѓа, дали е населено или не. Дури и кга една коала умира и нејзино живеалиште останува празно, останатите нема да го населат во период од околу 1 година бидејќи толку време е потребно за од дрвата да исчезнат трагите од канџите на коалата и мирисните траги од изметот.[20]

Коалите можат да бидат агресивни една кон друга, да се тепаат со предните нозе, да се гризат. Ова им предизвикува стрес.[18]

Болести[уреди | уреди извор]

Болест која најмногу ги погодува коалите е поврзана со инфекциите на кламидија. Многу коали се носители на кламидија без притоа видливи симптоми. Инфекциите на репродуктивниот тракт предизвикани од кламидија можат да доведат до стерилност на женката, ако оваа инфекција зафати поголем дел од коалите може да доведе до намалување на стапката на прираст. Ова е голем проблем кога се работи за мали изолирани заедници на коали. Сепак, кај некои изолирани заедници може да се забележи претеран прираст без разлика на тоа што се позитивни на кламидија. На пример, заедниците на островот Рејмонд, Змискиот остров и во националниот парк Eccles се зголемиле до тој степен што ги надминале резервите на храна.[21]

Покрај кламидијата, коалите често се жртви и на таканаречените ретровируси. Влијанието, превентивата и лекувањето сѐ уште не се целосно истражени.[21]

Честотата на поединечни случаи на болни коали во здрави заедници е мала и не претставува ризик за преживувањето на целата заедница. Чувствителноста на болести е показател на проблеми во врска со исхраната и стресот.[21]

Малата генетска варијација кај коалите на некои одредени локации може да го зголеми ризикот од болести. Ако се појави ризик од нова болест во вакви заедници, малата генетска варијација значи дека поголем дел од заедницата е подложна на болеста.[21]

  • Симптоми на болна коала:
  1. Зацрвенети или насолзени очи
  2. Неконтролирано истекување на плунка од устата
  3. Крзното изгледа како да е мокро или прилепено
  4. Забавено движење
  5. Остануваат на истото дрво повеќе од неколку дена
  6. Седат на земјата или во најниските делови на дрвата и не се помрднуваат ако некој/нешто им се приближи
  7. Не ги користат сите 4 нозе додека се качуваат по дрвата
  8. Имаат отоци околу ушите
  9. Нагло губат тежина[22]

Заштита[уреди | уреди извор]

Во минатото постоеле милиони коали но во раниот 20 век овие животни скоро дошле до степен на исчезнување поради итензивно ловење, главно, заради нивното крзно.[23]

На коалата и се потребни големи пространства од незагадени шуми меѓусебно поврзани за да можат да патуваат низ дрвјата во потрага по нови територии и ново друштво. Кога нивните живеалиштасе уништени тие мораат да патуваат се подалеку и се почесто. Во овој случај мораат да се движат по земјата со што се зголемува ризикот да бидат нападнати од грабливците или човекот.[24]

Најчести причини за смртта на коалите се нападите од страна на дивите кучиња и сообраќајните незгоди. Во последните години многу коали изумреле од заразни болести. Постојат многу програми за заштита на коалите и нивните живеалишта.[25]

Национална стратегија за заштита на коалата[уреди | уреди извор]

Цели на долг рок (од 0-50 години)

  • Популацијата на коали во идентификуваните приоритетни подрачја е константа или зголемена
    Коала се качува на дрво
  • Премногу концентрираното население на коали е стабилизирано или прераспоредено
  • Ризикот од исчезнување на ниво на целиот регион е намален
  • Колата повторно е масовно присутна низ целата територија на Австралија[26]

Цели на краток рок (од 0-10 години)

  • Зголемено планирање на живеалиштата на коалите
  • Поголема активност во зачувувањето на живеалиштата преку закони
  • Зголемена активност во заштитата на коалите
  • Зголемување на општествениот капацитет за да се подобри грижата за коалите
  • Продуктивни и интегрирани партнерста кои ќе работат на добрата состојба на коалите[27]

Влијаниeто на климатските промени[уреди | уреди извор]

  • Промени во структурата и хемиската содржина на евкалиптусот
  • Промени во структурата на дрвата-живеалишта
  • Зголемена честота и интензитет на сушни години
  • Зголемена честота и интензитет на пожари
  • Промените во нивото на морето влијаат на крајбрежните и островските живеалишта на коалите[28]

Интересни факти[уреди | уреди извор]

  1. Мажјакот на градите има жлезда која испушта специфичен мирис. Со нејзина помош ги привлекува женките и ја обележува територијата.
  2. Коалата нема опашка.
  3. Коалата може да се искачи на висина од 45 метри и може да скока од едно дрво на друго.
  4. Крзното на коалите е различно во различни делови на Австралија
  5. Над 2 милиони коали бил убиени во периодот од 1908-1927 година.
  6. Коалите се добри пливачи.
  7. Додека се мали, коалите се мета на поголемите птици.
  8. Коалите комуницираат меѓусебно со звучни сигнали.
  9. Телото во форма на крушка им овозможува стабилност додека седат на гранките на дрвјата.
  10. Коалите се заштитени со закон но не и нивните живеалишта и храна.[29]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Koala. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 30 October 2008.
  2. "History". Архивирано од изворникот на 2009-09-13. Посетено на 2010-04-25.
  3. Dixon, R.M.W.; Moore, Bruce; Ramson, W. S.; Thomas, Mandy (2006). Australian Aboriginal Words in English: Their Origin and Meaning (2nd ed.). South Melbourne: Oxford University Press. ISBN 0-19-554073-5.
  4. Gordon G, Menkhorst P, Robinson T, Lunney D, Martin R. & Ellis M (2008). Koala. In: IUCN 2008. IUCN Red List of Threatened Species. Downloaded on 2008-10-30.
  5. Leitner, Gerhard; Sieloff, Inke (1998). "Aboriginal words and concepts in Australian English". World Englishes 17 (2): 153–169. doi:10.1111/1467-971X.00089.
  6. "Australian Fauna". Australian Fauna. http://www.australianfauna.com/koala.php Архивирано на 31 декември 2011 г.. Retrieved 2009-03-09.
  7. Dawson, T.J.; Finch, E., Freedman, L., Hume, I.D., Renfree, M., Temple-Smith, P.D. (PDF). Fauna of Australia; 17. Morphology and Physiology of Metatheria. pp. 51, 53. http://www.environment.gov.au/biodiversity/abrs/publications/fauna-of-australia/pubs/volume1b/17-ind.pdf.
  8. Groves, C. (2005). Wilson, D. E., & Reeder, D. M. ed. Mammal Species of the World (3rd ed.). Baltimore: Johns Hopkins University Press. pp. 43. ISBN 0-8018-8221-4. http://www.bucknell.edu/msw3/browse.asp?id=11000005 Архивирано на 19 август 2010 г..
  9. Henneberg, Maciej; Lambert, Kosette M., Leigh, Chris M. (1997). "Fingerprint homoplasy: koalas and humans". NaturalSCIENCE.com 1. http://naturalscience.com/ns/articles/01-04/ns_hll.html Архивирано на 18 февруари 2012 г..
  10. Flannery, T.F. (1994). The Future Eaters: An ecological History of the Australasian Lands and People. Sydney: Reed New Holland. p. 86.
  11. https://[www.savethekoala.com/koalassocialise.html "Behaviour and Socialising"]
  12. "Facts about Koalas". Koalaplayworld.com. http://koalaplayworld.com/Facts_about_Koalas.html Архивирано на 5 октомври 2011 г.. Retrieved 2009-03-09.
  13. Martin, Roger (1984). Macdonald, D.. ed. The Encyclopedia of Mammals. New York: Facts on File. pp. 872–875. ISBN 0-87196-871-1.
  14. "University of Queensland Koala Study program". Koalas.cqu.edu.au. http://koalas.cqu.edu.au/news/baby.htm Архивирано на 30 септември 2009 г.. Retrieved 2009-03-09.
  15. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-02-19. Посетено на 2010-04-25.
  16. 16,0 16,1 Martin, Roger; Handasyde, Kathrine Ann (1999). The Koala: Natural History, Conservation and Management. Australian Natural History Series (2nd ed.). UNSW Press. pp. 64–65. ISBN 0-86840-544-2.
  17. 17,0 17,1 Smith, M (1980). "Behaviour of the Koala, Phascolarctos cinereus (Goldfuss), in Captivity VI*. Aggression". Australian Wildlife Research 7 (2): 177–190. doi:10.1071/WR9800177. http://www.publish.csiro.au/paper/WR9800177.htm.
  18. 18,0 18,1 Jackson, Stephen M. (2003). "Koalas". Australian mammals: biology and captive management. CSIRO Publishing. pp. 524. ISBN 0-643-06635-7. http://books.google.co.uk/books?id=Ys_NC1P9AX4C&pg=PA161.
  19. 19,0 19,1 "Diet and Food"
  20. "Behaviour and Socialising". Архивирано од изворникот на 2009-09-13. Посетено на 2010-04-25.
  21. 21,0 21,1 21,2 21,3 "National Koala Conservation and Management Strategy 2009-2014" (PDF). Архивирано (PDF) од изворникот 2007-09-13. Посетено на 2007-09-13.
  22. "Disease and Injuries". Архивирано од изворникот на 2009-09-13. Посетено на 2010-04-25.
  23. Australian Koala Foundation. "History of Koalas"
  24. [1] "Threats"
  25. [2] Threats
  26. "National Koala Conservation and Management Strategy 2009-2014- Long term objectives" (PDF). Архивирано (PDF) од изворникот 2007-09-13. Посетено на 2007-09-13.
  27. "National Koala Conservation and Management Strategy 2009-2014-Short term objectives" (PDF). Архивирано (PDF) од изворникот 2007-09-13. Посетено на 2007-09-13.
  28. "National Koala Conservation and Management Strategy 2009-2014-Climate change" (PDF). Архивирано (PDF) од изворникот 2007-09-13. Посетено на 2007-09-13.
  29. [3] "Fun facts"