Кејп Јорк

Од Википедија — слободната енциклопедија
Полуостров Кејп Јорк
МестоКвинсленд, Австралија
Површина288,804 km2 (111,508 ми)
РекиЏардин
Околни водни површиниКорално Море, Торесов Проток, Карпентариски Залив

Кејп Јорк (англиски: Cape York Peninsula) е голем полуостров кој се наоѓа во северниот дел на Австралиската сојузна држава Квинсленд, помеѓу Големиот Корален Гребен во Коралното Море, Торесовиот проток и Карпентарискиот Залив. Овој оддалечен полуостров е една од последните неразвиени области во Австралија. Неговите дождовни шуми и савани, нечепнати од човековата цивилизација, се од глобално еколошко значење. Се размислува овие тропски шуми да се стават на списокот на Светско наследство.

Полуостровот Кејп Јорк зафаќа површина од околу 137.000 km², а неговата должина во правец север - југ е преку 600 km. Источниот дел на полуостровот е ридско-планински (со висина до 555 m), а западниот е низински. Таму живеат околу 18 илјади луѓе, од кои повеќето (~ 60%) се Австралиски Абориџини и Островјани од Торесовиот Проток.

На северниот крај од полуостровот се наоѓа 'ртот Јорк - најсеверната точка на австралискиот континент, така што името може буквално да се преведе како „Полуостров на 'Ртот Јорк“. Растојанието од 'ртот Јорк до брегот на островот Нова Гвинеја е околу 160 км. Полуостровот сегашното име го добил во 1770 година од британскиот морепловец Џејмс Кук, кој го именувал по војводата од Јорк.

Географија[уреди | уреди извор]

Како полуостров, Кејп Јорк е опколен со вода од три страни. На југ нема определена граница. Но, врз основа на Законот за наследството на полуостровот Кејп Јорк од 2007 година (англиски: Cape York Peninsula Heritage Act), официјалната граница е 16° ј.ш., со што површината на полуостровот изнесува околу 137 илјади km².[1] Кејп Јорк е широк околу 430 километри и долг 660 километри.

Геологија[уреди | уреди извор]

Пред околу 40 милиони години, започнал процесот на отцепување на Австралиската тектонска плоча од суперконтинентот Гондвана. По судирите со Тихоокеанската плоча пред околу 5 милиони години, се формирале високите планински венци на Нова Гвинеја. За време на плеистоценот, Австралија и Нова Гвинеја биле неколкупати копнено поврзани, а за време на леденото доба, кога нивото на Светскиот Океан се намалило, полуостровот Кејп Јорк служел како копнен мост со Нова Гвинеја. Сличен таков мост имало и на другата страна, поврзувајќи ја денешна Нова Гвинеја со полуостровот Арнем, со што се формирало слатководно езеро на местото каде што денес се наоѓа Карпентарискиот Залив. Полуостровот Кејп Јорк останал поврзан со Нова Гвинеја сè до формирањето на Торесовиот Проток пред приближно 8.000 години.

Релјеф[уреди | уреди извор]

Тропскиот предел на Кејп Јорк е еден од најстабилните во светот. Релјефот на полуостровот е силно еродиран и е претставен со речиси рамни рамнини со ниски ридови и планини во источниот дел, кои се продолжение на Големиот Разводен Венец. Тие се формирани од карпи од предкамбрискиот и палеозоитскиот период. Највисоката точка на полуостровот се наоѓа на планината Мекилрејт со висина од 823 метри.[2] На исток и запад од планините на полуостровот се наоѓаат Карпентарискиот слив и сливот Лаура, во кои има мезозоички наоѓалишта.[3]

На источниот брег на Кејп Јорк, покрај заливот Шелбурн, има големи песочни дини; купишта црни гранитни камења во Националниот парк Црни Планини и кај 'ртот Мелвил; во јужниот дел на полуостровот има варовнички карсти.

Реки[уреди | уреди извор]

Планината Мекилрејт на Кејп Јорк го дели сливот на реките на оние кои се влеваат во Карпентарискиот Залив и тие во Коралното Море. На запад од планината има многу реки кои меандрираат, како: Мичел, Холројд, Арчер, Дуси, Венлок, кои се влеваат во Карпентарискиот Залив. За време на сушната сезона, повеќето од реките пресушуваат, но за време на дождовната сезона тие се претвораат во моќни водни потоци. Реките од источните падини се пократки и имаат висок проток. Во најголем дел, тие течат низ густи дождовни шуми, песочни дини и мангри.[3]

Речниот систем на Кејп Јорк се одликува со исклучително хидролошко единство, кое сочинува една четвртина од речните изливи во Австралија. Иако полуостровот опфаќа само 2,7% од австралиската копнена површина, реките на Кејп Јорк се излеваат многу повеќе од било која друга река во земјата јужно од Јарчевиот Повратник. Исто така, овдешните реки значително придонесуваат во надополнувањето на Големиот Артески басен.

Почва[уреди | уреди извор]

Почвата на Кејп Јорк (најчесто латеризирана) е многу понеплодна во споредба со другите делови на Австралија. Токму поради овој факт, густината на населението во овој дел на Австралија е мала.

Клима[уреди | уреди извор]

Климата на Кејп Јорк е тропска и под силно влијание на монсуните. Сезоната на дождови трае од ноември до април, а сушната сезона од мај до октомври. Температурата на воздухот е висока во текот на целата година. На повисока надморска височина има поладна клима. Просечната годишна температура на голема надморска височина е 18 °C, а во југозападните низини 27 °C. Ретко се забележуваат температурите над 40 °C и под 5 °C.

Просечните годишни врнежи во регионот се високи: околу 2.000 mm во подрачјето на Ајрон Рејнџ и северно од Вејп, и околу 700 mm на јужниот крај од полуостровот. Најчесто врнежите паѓаат од ноември до април (само на источните падини од Ајрон Рејнџ, просечните врнежи од јуни до септември надминуваат 5 mm). Од јануари до март, просечните месечни врнежи се околу 170 mm на југот на полуостровот и околу 500 mm на север и во Ајрон Рејнџ).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Cape York Peninsula Heritage Act 2007“ (PDF) (англиски). Office of the Queensland Parliamentary Counsel. Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-03-26. Посетено на 2009-01-29. Занемарен непознатиот параметар |dead-url= (help)
  2. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Mackey.
  3. 3,0 3,1 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Frith.