И сончогледите спијат

Од Википедија — слободната енциклопедија

„И сончогледите спијат“ — збирка со избор од поезијата за деца на македонскиот писател Видое Подгорец.

Содржина[уреди | уреди извор]

Збирката содржи 49 песни за деца:[1]

  • Ако сакаш да напишеш песна
  • Споменик од песни
  • Песна за мама
  • Приказна за татко ми
  • Убави зборови
  • Сказна за дедо Сон и внучињата Сончиња
  • Љубопитна песна
  • Априлски каламбури
  • Необична воденичарска песна
  • Каде е детството
  • Една врба чека
  • Ти ли беше, Пролет
  • Молбата на славејот
  • Каде живеат сказните
  • Илјада цветови на една гранка
  • Што е росата
  • Капка роса
  • Пеперутка
  • Заспивалка на гулабицата
  • И сончогледиет спијат
  • Кој како пее
  • Песна за лебот
  • Срната на срнчето му пее заспивалка
  • Принцезата бреза
  • Умре последната светулка
  • Езерски мотиви
  • Крај езеро, ноќе
  • Облак над езеро
  • Балада за црвениот чевел
  • Циганска заспивалка
  • Кос
  • Балада за белата срна
  • Сказна за белото славејче
  • Нова басна за штурецот и мравката
  • Летен ден
  • Чучулига
  • Зима
  • Срна
  • Азбука на зимата
  • Композитор
  • Лоша математика
  • Крадачи
  • Адвокат
  • Меден коктел
  • Гуштерска сказна
  • Пеперужна ревија
  • Во Солуна — грош сомуна, до Солуна — сто сомуна
  • Петтоглава вечерна сказна за куклениот цар со тиква празна врз празните сандаци од мармалад, за црното маче Мау-Мау и за беззабиот пес од плоштад
  • Сказна за еден штурец млад (лично), за едно царство — Мравкинград и слично

Изданија[уреди | уреди извор]

Во 1990 година, книгата била објавена како заедничко издание на неколку издавачки куќи: Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла и Наша книга, како лектира за четврто одделение во основните училишта во СР Македонија. Книгата е со димензии од 20 сантиметри и има 107 страници. Нацртот на корицата е дело на Коста Бојаџиевски, автор на илустрациите е Александар Каевски, а изборот на песните го извршил Миодраг Друговац, кој е автор и на поговорот. Книгата е испечатена во ГИП „Гоце Делчев“ во Скопје. Таа е каталогизирана во Народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“ во Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 86-369-0170-7.[2]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Во освртот кон збирката, Миодраг Друговац истакнува дека неговата поезија за деца се одликува со благороден сјај и питома ведрина. Иако содржините на неговите песни не се непознати, Подгорец има сопствен приод кон мотивот и свое доживување на детскиот свет. Тој умее едноставно и на интересен начин да го приближи своето доживување на пејзажите, на детските игри, на магијата на денот и ноќта, на волшепството на сонот, на поврзаноста на човекот со природата итн. Од неговите песни зрачи буен и чудесно примамлив свет, како и фантастични и хумористични ситуации во кои читателот се чувствува како маѓепсан од волшебната загатка на зборот, кој секогаш има и скриено, подлабоко значење. Тој е омилен кај читателите зашто во неговите песни стружи живот богат со убавина и вистина, живот што им е близок на децата, всушност — животот на самите деца, нивните радости и сомневања пред стихиите на времето и просторот. Во лирските слики што ги нуди Подгорец се огледува невиноста на детските погледи, простосрдечниот пејзаж на македонското поднебје, исполнет со питоми и допадливи бои, а веднаш крај него, или во самиот него, се острите релјефи или контурните, благо назначени нијанси на една раскошна аркадија на птиците од неговите роднокрајни ливади, бразди, шуми и планини. Звукот и бојата се два неразделни кавилета на мотивот и изразната сила и убавината на неговите песни. Притоа, звукот се надоврзува на бојата со својата тиха или забрзана, најчесто мошне пријатна мелодија. Така, се случува мотивот на некоја песна да исчезне по нејзиното прочитување, но затоа нејзината мелодија уште долго време струи во сеќавањето на читателот и ја брани песната од заборавот. Истото може да се каже и за боите на кои им е дадено првенство во песните — јасни, живи, многу впечатливи, некогаш и со несносен сјај, кои најчесто ги брануваат нашите чувства. Поетот сака да го увери читателот, некогаш гласно и сосема сигурен во својата порака, а некогаш полугласно и со шепот, дека во човековиот живот и во природата треба секогаш непоколебливо да се верува и уште од детсвото треба да се учи да не се потклекнува пред животните непогоди и секогаш да се верува во својата конечна победа. Мотивите за своите песни Подгорец воопшто не ги измислува: тој ги довикува од сеќавањето на своето детство, но секогаш внимава мотивот да биде занимлив и песната да го привлекува вниманието на читателот со разновидноста и слкладноста на своите облици. Воопшто, благородноста е основната одлика на неговите песни. Исто така, тој пишува со ненаметлива хуморна нота што уметнички го облагородува неговиот едноставен, ритамски беспрекорен стих. Во продолжение, во неговите песни се присутни и фантастичните елементи, како на пример во „Сказна за еден штурец млад...“ и „Петтоглава вечерна сказна...“ Во песните на Подгорец сè е полетно и разиграно, зашто тој е поет на пролетта и надежта, како и поет кој пее и мисли, односно во неговите песни има не само убави стихови, туку и длабоки мисли со бројни пораки за убавините и вредностите на животот.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Видое Подгорец, И сончогледите спијат. Скопје: Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла, Наша книга, 1990.
  2. Видое Подгорец, И сончогледите спијат. Скопје: Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла, Наша книга, 1990, стр. 4 и 107.
  3. Миодраг Друговац, „Разговор за делото „И сончогледите спијат“ од Видое Подгорец“, во: Видое Подгорец, И сончогледите спијат. Скопје: Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла, Наша книга, 1990, стр. 99-103.