Гулаб гривнаш

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Гулаб гривнаш

Пеење на гулабот гривнаш 
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Гулабовидни
Фамилија: Гулаби
Род: Columba
Вид: Гулаб гривнаш
Биномен назив
Columba palumbus
Linnaeus, 1758

Гулабот гривнаш (науч. Columba palumbus) е птица од фамилијата на гулабите која ја има и во Македонија.

Распространетост[уреди]

Во северните и источните постудени делови на Европа и западна Азија, гулабот гривнаш е птица преселница, но во јужна и западна Европа е постојан жител.

Опис[уреди]

Трите западноевропски гулаби од родот Columba , гривнашот, планинскиот и дивиот гулаб, се многу слични, но имаат свои разликувачки карактеристики. Гулабот гривнаш е карактеристичен со својата големина од 38-44.5 см и тежина 300-615 грама, како и со белото на вратот и крилјата.[2] Инаку, во основа е сива птица со портокаловести гради. Има распон на крилјата од 68 до 80 см, опашката му е долга 13.8-15 см, а клунот 1,9 до 2,2 см.[3] Младенчињата немаат бели дамки од страните на вратот, дури на 6-месечна возраст почнуваат да се појавуваат мали бели дамки кои постепено се зголемуваат додека птицата целосно да се оформи на 8-месечна возраст. Тие имаат посив клун од возрасните и целосно делуваат посветло сиви.

Однесување[уреди]

Возрасен во гнездо на дрво
Јајце
Возрасен гулаб гривнаш во Англија

Летот на гулабот гривнаш е брз, изведуван со обични замавнувања на крилјата и повремено остро плескање, карактеристично за сите гулаби. Слетува со гласно клепање. Стои на високи гранки и кабли, а кога се додворува оди по хоризонталната гранка испрчувајќи го вратот, со крилјата малку спуштени надолу и подраширена опашка. За време на додворувачкиот лет, птицата се вивнува нагоре со удари на крилјата како камшик, и се спушта надолу со укочени крилја. Звукот на камшикување повеќе го произведува кога ги шири крилјата, отколку кога ги собира. Оваа птица е дружењубива и формира големи јата вон сезоната на парење.

Размножување[уреди]

Возрасен со пиле

Се размножуваат на дрвјата од шумите, парковите, градините и несат 2 бели јајца, во едноставно право гнездо, а пилињата се изведуваат по 17 до 19 дена. Се чини дека претпочитаат гнездото да се наоѓа близу патишта и реки. Гнездата се ранливи на напади, особено од гаврани и повеќе порано во годината кога крошните со лисја не се дооформени. Малечките почнуваат да летаат по 33-34 дена, а ако гнездото е вознемирувано некои младенчиња се во состојба да преживеат и ако го напуштат по 20 дена.

Исхрана[уреди]

Поголемиот дел од исхраната е зеленчук, округли, месести листови од каранфили, главоцветни растенија и мешункаст зеленчук, земени од отворени полиња или градини и тревници; фаворизира млади ’ркулци и саден материјал, жито, борови семиња, некои овошја и бобинки. Наесен, јадат смокви и желади, а зиме пупките од дрвјата и грмушките. Тие јадат и ларви, мравки и мали црви. Имаат потреба од отворена вода за пиење и за капење во неа. Овој вид може да претставува аргикултурен штетник и често е убиван, а во повеќето европски земји е легален дивеч за лов. Често е присутен во руралните средини и е питом ако не го гонат. Малечките гулапчиња многу брзо стануваат дебели од „млекото“ со кое ги хранат нивните родители. Тоа е екстремно богата, слатка течност која ја произведуваат возрасните птици во својата гуша за време на сезоната на парење.

Огласување[уреди]

Огласувањето му е карактеристично гукање.

Два гулаба гривнаши во Англија

Подвидови[уреди]

  • Columba palumbus azorica (Hartert, 1905);
  • Columba palumbus casiotis (Bonaparte, 1854);
  • Columba palumbus excelsa (Bonaparte, 1856);
  • Columba palumbus iranica (Zarudny, 1910);
  • Columba palumbus maderensis (Tschusi, 1904, изумрен);
  • Columba palumbus palumbus (Linnaeus, 1758).

Наводи[уреди]

  1. BirdLife International (2012). Columba palumbus. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106002452. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. CRC Handbook of Avian Body Masses by John B. Dunning Jr. (Editor). CRC Press (1992), ISBN 978-0-8493-4258-5.
  3. David Gibbs, Eustace Barnes & John Cox (2001). A Guide to the Pigeons and Doves of the World Yale University Press, ISBN 0-300-07886-2.

Надворешни врски[уреди]