Германски овчарски пес

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Германски овчар

Кучињата од расата Германски овчар, исто така познати како Alsatian, спаѓаат во класата на големи кучиња со потекло од Германија. Расата Германски овчар е релативно нова раса, чие потекло датира од 1899-та година. Како еден вид кучиња- чувари на стада, германскиот овчар првенствено е наменет за чување на овци и други стада. Благодарение на својата сила, интелигенција и способност за дресура, германскиот овчар многу често учествува во акциите на војската и полицијата. Во моментов на расата Германски овчар и припаѓаат 4,6 % од сите кучиња кои се заведени во Клубот Американ Кенел (American Kennel Club). Благодарение на неговата лојалност и заштитничка природа, германскиот овчар е една од најраспространетите раси во светот.

'Историја

Потекло'

За време на 19 век, во Европа се правеле напори за стандардизирање на расите. Кучињата биле вкрстувани со цел да се зачуваат и засилат карактеристиките кои се важни за нивната задача – да се грижат за овците и да ги чуваат стадата од предатори. Во Германија, тоа се изведувало во локалните заедници каде, овчарите ги одбирале и ги вкрстувале кучињата за кои мислеле дека ги имаат неопходните карактеристики за чување овци, како интелигенција, сила, брзина и нагласено сетило за мирис. На тој начин се добиле кучиња кои биле многу успешни во нивните задачи, но значително се разликувале по изгледот и по способностите од кучињата од другите локалитети.

За да се намалат овие разлики во 1891 година е формирано друштвото Филакс (Phylax Society), со намера да се добијат стандардизирани раси на кучиња во Германија. Друштвото се распаднало по само 3 години постоење поради постојани внатрешни конфликти , односно поделени мислења во врска со приоритетните карактеристики на кучињата кои се вкрстувале. Некои членови сметале дека при вкрстувањето на кучињата исклучиво треба да се внимава на карактеристиките кои се важни за работни цели, додека други сметале дека е важен и изгледот на кучињата. Иако не успеало во својата цел , друштвото Филакс послужило како инспирација за независно стандардизирање на расите на кучиња. Макс фон Штефаниц, поранешен капетан во коњаницата и студент на Ветеринарниот колеџ во Берлин, е еден од поранешните членови на друштвото. Тој цврсто стоел на ставот дека кучињата треба да се одгледуваат за работни цели. Во 1899 година , Фон Штефаниц присуствувал на изложба на кучиња каде му било претставено кучето кое по име Хектор Линксрајн. Хектор бил производ на селективно вкрстување на неколку генерации на и комплетно ги исполнувал критериумите на Штефаниц од аспект на тоа какво треба да биде едно работно куче. Тој бил задоволен од силата на кучето и воодушевен од неговата интелигенција и лојалност,па веднаш го купил. Откако го купил песот, тој го преименувал во Хоранд фон Графрат и го формирал Здружението за Германски овчари. Хоранд бил прогласен за најдобро куче од расата Германски овчар и бил додаден во регистарот на здружението. Хоранд го заземал централното место во програмата за размножување и стандардизација на расите, па бил вкрстуван со кучиња на други членови на здружението за германски овчари кои имале соодветни карактеристики. Иако Хоранд бил татко на многу кученца, сепак Хектор Фон Швабен бил неговиот најуспешен потомок. Хектор бил вкрстен со единка од друго поколение на Хоранд и притоа бил добиен Беовулф, кој во текот на својот живот бил татко на 84 кутриња. Во оригиналната книга за вкрстување на кучињата од расата Германски овчари, пишува дека биле извршени и 4 вкрстувања со волк. И потомците на Беовулф биле вкрстувани, па затоа и се смета дека германските овчари го водат своето генетско потекло од овие кучиња. Здружението успеало да ја оствари својата цел , благодарение на строгота и силна лидерска позиција на Фон Штефаниц, па затоа тој се смета за човекот кој го создал Германскиот овчар.

Популарност

Кога во 1919 година Кенел клубот во Велика Британија прв пат ја прифатил оваа раса во својот регистар, биле регистрирани 54 кучиња, додека во периодот до 1926 година оваа бројка пораснала на повеќе од 8.000 примероци. Расата за прв пат била меѓународно признаена кон крајот на Првата Светска Војна откако војниците се изјасниле позитивно за неа , а потоа и кучињата-актери Рин Тин Тин (Rin Tin Tin) и Стронгхарт (Strongheart) ја направиле расата популарна. Прво регистрирано куче од расата Германски овчар во Соединетите Американски Држави е Queen of Switzerland. Сепак, нејзиното потомство страдало од несакани особини што се јавувале како резултат на лошата селекција при вкрстувањето на кучињата , што предизвикало пад на популарноста на оваа раса кон крајот на дваесеттите години. Популарноста на расата повторно се зголемила откако Германскиот овчар Sieger Pfeffer von Bern победил на изложбите на кучиња на American Kennel club во 1937 и 1938 година, за повторно да доживее пад но популарноста кон крајот на Втората Светска Војна поради анти-германската расположение на народот. Како што одминувало времето, нивната популарност постепено се зголемувала, се до 1993 година , кога Германскиот овчар станал една од трите најпопуларни раси во Соединетите Американски Држави. Во 2009 година , расата била една од двете најпопуларни раси во САД. Оваа раса исто така е меѓу најпопуларните раси и во други држави и регистри. Физичкиот изглед на Германскиот овчар ја чини оваа раса соодветна и за атлетски натпревари. Германскиот овчар често се натпреварува на изложби и натпревари како што се трките со кучиња.

Име на расата

Фон Штефаниц ја именувал расата Deutscher Schaferhund или во буквален превод германски овчар. Оваа раса е наречена така поради првобитната намена- да им помага на овчарите во терање и заштитување на овците. Порано сите кучиња со истата намена во Германија биле нарекувани Германски овчари. Затоа тие подоцна станале познати под името Altdeutsche Schaferhund, односно стар германски овчар. Германските овчари прв пат биле извезени во Британија во 1908 година , а Uk Kennel клубот како раса ги признал во 1919 година. Директниот превод на името на оваа раса е усвоен во службениот регистар на раси. Сепак, кон крајот на Првата Светска војна се верувало дека вклучувањето на зборот ,,Германски’’ може да и наштети на популарноста на оваа раса , поради анти-германското расположение во тој период. Името на расата е официјално сменето во Alsatian Wolf dog од страна на британскиот Kennel Club. Тоа име е прифатено и од други меѓународни клубови на кучиња. На крајот наставката волчјак е исфрлена. Името Alsatian останало во употреба пет децении, се до 1977 година, кога успешните кампањи на љубителите на оваа раса на кучиња извршиле притисок врз клубовите во Британија со цел да дозволат оваа раса повторно да биде преименувана во Германски овчар. Зборот Alsatian останал во употреба како дообјаснување во името на оваа раса, но во 2010 година повторно бил отстранет.

Современи видови

Современите видови германски овчари се критикувани за скршнување од првобитната идеологија на Штефаниц за оваа раса, а поточно - дека германскиот овчар треба да се одгледува како куче за работни цели и дека вкрстувањето треба да е строго контролирано за брзо да се отстранат несаканите особини кај оваа раса. Стручњаците веруваат дека невнимателната селекција при вкрстувањето на единки ги зголемило несаканите особини и болестите. Овие недостатоци биле брзо отстранети со помош на програмата на Фон Штефаниц. Сепак , во денешно време доколку не се внимава при селекцијата многу често се јавуваат генетски проблеми како што се: осветлување на бојата на крзното, дисплазија на колковите, монорхидизам, слаб карактер, опаѓање на забите, како и превиткани однсно спуштени уши, кои не се исправаат дури ни кога кучето ќе стане возрасно.

Опис и изглед

Германскиот овчар е раса која спаѓа во големи кучиња со висина меѓу 55 и 65 сантиметри, додека неговата тежина варира меѓу 22 и 40 килограми. Според стандардите на Кенел клубот, идеалната висина кај Германските овчари изнесува 63 сантиметри. Тие имаат тркалезно чело, долга муцка, и црн нос. Нивните вилици се јаки и се преклопуваат. Очите им се кафени, со средна големина и имаат интелигентен и жив поглед полн со самодоверба. Нивните уши се големи и стојат исправени, но кога кучето е во движење тие се повлекуваат наназад. Германските овчари имаат долг врат кој е исправен кога се возбудени , а спуштен кон земјата кога се движат со брзо темпо. Тие имаат густа опашка која достигнува до средината на нивните задни нозе. Крзното на германскиот овчар може да биде во повеќе бои, од кои најчеста е кафено-црната и варијанти на црна и црвеникава боја. И во двете варијанти тие имаат црна боја на муцката и црни шари кои можат да бидат делумни или по целото тело. Ретките варијации во бојата на крзното вклучуваат потполно кафена, црна и кафено-црвенкаста како и темно плава. Според повеќето стандарди, потполно кафената и црната боја се прифатливи, , но по некои стандарди темно плавото и црвенкастото крзно се сметаат за сериозни недостатоци. Германскиот овчар има двослојно крзно. Горниот слој на крзното се менува во текот на годината и е густ. Германскиот овчар има и дебел долен слој на крзното. Прифатени се две варијанти на крзно: со средна должина и долго крзно. Генот кај германските овчари со долго крзно е рецесивен, што прави овој тип да биде поредок. Негувањето на долгиот тип на крзно се разликува според стандардите во различни држави. Тоа е прифатливо за клубовите во Германија и Британија, но се смета за голема грешка во клубовите за кучиња во Америка.

Интелигенција

Германските овчари се одгледуваат посебно поради нивната интелигенција, карактеристика по која тие и денес се познати. Тие се сметаат за трета раса на кучиња со најголема интелигенција, веднаш по шкотските овчари и пудлиците. Во книгата The Intelligence of dogs, авторот Stanley Coren ги рангирал како трета раса на кучиња со најголема интелигенција. Тој заклучил дека тие се способни да научат едноставни задачи по само 5 повторувања на истите и дека во дури 95 отсто од случаите ја извршувале дадената наредба. Оваа нивна карактеристика , заедно со нивната сила ја прави оваа раса соодветна за потребите на полицијата , како куче чувар и куче трагач , бидејки германските овчари се во можност да научат различни задачи и да извршуваат наредби подобро од другите големи раси на кучиња.

Агресивност и гризнување

Според американскиот Kennel Club, кучињата од расата германски овчар се меѓу 5-те најпопуларни раси на кучиња во САД. Истовремено, доколку германските овчари се добро издресирани и негувани се сметаат за едни од најнеопасните кучиња. Еден извор во САД пак укажува дека германските овчари се одговорни за поголем број гризнувања од било која друга раса и дека се склони кон напаѓање на помалите раси на кучиња. Извештаите од Австралија од 1999 година содржат податоци од некои австралиски локации, во кои германските овчари се третата раса на кучиња кои се склони да нападнат човечко суштество. Сепак, центрите за контрола на болести и нивна превенција, кои помагаат во превенцијата од кучешки гризнувања, велат : ,, Во монетот не постои прецизен начин со кој може да се одреди бројот на кучиња од една одредена раса, а со самото тоа не може да се одреди која раса на кучиња е склона кон гризнувања и убиства’’. Слично на тоа, американското ветеринарно медицинско здружение преку извештаите на оперативните групи за ,,агресивност кај кучињата и интеракција помеѓу луѓето и кучињата’’ велат: постојат повеќе причини поради кои не може да се пресмета степенот на каснувања кај една раса и истиот да се спореди. Прво, можно е расата на кучето да не е точно утврдена и многу често се случува кучиња од мешани раси да бидат заведени како чистокрвни. Второ, не може да се знае точниот број на каснувања во една заедница, посебно доколку тие не резултирале со сериозни повреди. Трето, бројот на кучиња од една раса или комбинации од раси во една заедница не е точно одреден, бидејки многу ретко се случува буквално сите кучиња да бидат заведени во регистарот, па со самото тоа постоечките регистарски податоци се непотполни. Покрај тоа, проучувањата се потпираат на пријавените гризнувања ,врз база на што водечката телевизиска емисија на National Geographic каналот - ,, The dog whisperer’’ дојде до заклучок дека помалите раси на кучиња се повеќе склони кон каснување отколку големите раси, но тие гризнувања често пати не се пријавени. Исто така, според телевизиската емисија на National Geographic каналот - ,, Опасни средби’’ гризнувањето на германскиот овчар има силина од над 238 фунти ( мерка за тежина) ( споредено со гризнувањето на ротвајлер од 265-328 фунти, на питбулот 235 фунти, ретриверот со околу 230 фунти или гризнувањето на човек со 86 фунти. И покрај ова, еден извор тврди дека најголемиот број на каснувања извршени од над 30 раси на кучиња, сметано од 1975 година наваму, ги нанеле помалите раси на кучиња, како на пример померанецот (шпицот). Еден друг тест пак вели дека гризнувањето на германски овчар трениран од страна на војската има јачина од 400-700 lbs.

Карактер

Германските овчари се мошне активни кучиња , а во карактеристиките на расата се опишани како многу самоуверени. Расата се карактеризира со голема волја за учење и подготвеност да добие некаква наредба. Германските овчари се лојални по природа и се приврзани за луѓето кои ги познаваат. Сепак, тие може да станат премногу заштитнички настроени кон семејството и нивната територија, особено доколку не се социјализирани правилно. Нивното резервирано однесување дозволува луѓето да можат да им се приближат, но не секогаш се спријателуваат со непознати во истиот момент. Германските овчари се многу интелигентни и послушни . Некои луѓе помислуваат дека со нив треба строго однесување, но современите истражувања за методите на дресирање покажуваат дека тие се однесуваат подобро кога се дресираат со помош на наградување.

Здравје

Многу чести заболувања кај германскиот овчар се јавуваат како резултат на вкрстувањето на крвно сродни еднинки кога расата се појавила. Еден од честите проблеми е дисплазијата на колковите и рамениците на кучето, што може да доведе кучето да чувствува болка во подоцнежниот живот или да предизвика артритис. Студија на универзитетот во Цирих извршена врз полициски кучиња покажала дека 45 % од кучињата биле заболени од дегенеративна спинална стеноза иако бројот на испитани примероци бил мал. Ортопедската фондација за заштита на животни покажала дека 19,1 % од германските овчари боледуваат од дисплазија на колковите. Бидејки имаат големи и непокриени уши, германските овчари се склони на инфекции на ушите. Германските овчари како и сите други големи раси на кучиња се склони кон гастрично надувување во стомачната празнина. Просечниот животен век на германскиот овчар изнесува oд 15до 20години, што е нормално за куче со нивна големина. Дегенеративната миелопатија, невролошка болест, се јавува прилично често кај оваа раса, што сугерира дека расата е подложна на оваа болест. Исто така, германскиот овчар е склон повеќе од што е нормално на болеста Von Willebrand , често заболување на крвта кое е наследно.

Полемики

Кенел клубот во моментов е вклучен во расправата која се води со клубовите за одгледување на германски овчари во врска со здравјето на единките кои се одгледуваат за изложби . Единките кои се одгледуваат за изложби се карактеризираат со изразено наведнат грб што кај кучињата предизвикува лошо држење на телото и болести на задните нозе. Чистокрвните кучиња, како тие кои често се користат за работни задачи, главно имаат исправен грб, каков што и треба да биде случај со оваа раса и не заболуваат од истите проблеми до тој степен. Дебатата кулминираше кога овој проблем беше изнесен на документарниот филм на BBC – Pedigree Dogs Exposed, во која судиите ја опишаа оваа раса како ,,половина куче, половина жаба’’. Ветеринарен ортопед укажал на слики од кучиња на изложбата за кои забележал дека не изгледаат здраво. Ставот на Кенел клубот е дека ,, проблемот со здравјето на кучињата не претставува само проста разлика во размислувањето, туку дека е фундаментален проблем во движењето и конформацијата на расата’’. Кенел клубот одлучил да ги преквалифиукува судиите да ги казнуваат кучињата кои имаат вакви проблеми. Кенел клубот исто така инсистира на на чести тестови за хемофилија и дисплазија на колковите кај кучињата , како и за следење на други чести проблеми кои се јавуваат кај оваа раса. Одгледувачниците типично одговориле дека дека се наклеветени за проблеми за кои веќе биле свесни и за кои се обидувале да ги решат пред да избие “бурата“ во медиумите.

Употреба на германскиот овчар за работни цели

Германските овчари се многу чест избор при употребата за работни цели. Тие се посебно познати по нивната служба во полициските работи, при што се користат за следење на криминалците , за патролирање во проблематични области и откривање и чување на осомничените. Исто така, илјадници германски овчари се употребувале во војската. Обично тренирани за извидувачки цели, тие служат за да ги предупредат војниците за присуство на непријателот, поставени бомби и за други опасности. Германските овчари биле обучувани од страна на војската за падобрански скокови од авион. Германскиот овчар е една од најраспространетите раси на кучиња кои се користат за трагачки цели. Тие цели вклучуваат: трагање и спасување, потрага по трупови, откривање на наркотици, откривање на експлозиви и запаливи материи, како и откривање на мини меѓу другото. Тие се прилагодени да ги работат овие работи поради нивното нагласено сетило за мирис и нивната способност за работа без да им биде одвлечено вниманието. Некогаш кучињата од расата германски овчар важеле исклучиво како кучиња- водичи на луѓето со оштетен вид. Во последниве години за оваа намена се повеќе се користат лабрадори и златни ретривери, иако сеуште се тренираат и германски овчари. Како сестрана раса тие се одлични за оваа област поради нивното силно чувство на должност, нивните ментални способности, нивната бестрашност, и нивната приврзаност за сопственикот. Германските овчари се употребуваат за терање и чување стада овци кои пасат во близина на градини и други житни посеви. Од нив се очекува да ги штитат границите на посевите и да ги спречат овците да влезат во посевите и да нанесат штета. Во Германија и на други места овие нивни вештини се испитуваат на тестови за успех на кучињата за чување стада познати како ХГХ.

Примена во поп-културата

Германските овчари добиле бројни улоги и во медиумите. Германските овчари Strongheart и Rin Tin Tin кој, се смета дека е најпознатиот германски овчар, се едни од првите кучиња кои станале филмски ѕвезди. За своите заслуги и двата песа се наградени на тој начин што си имаат свои ѕвезди на Плоштадот на славните во Холивуд. ,, Малиот скитник’’ е серија од Канада, во која главната ролја ја има куче скитник од расата германски овчар, кое талка од град до град, помагајки им на луѓето во неволја. Во филмот ,,Ѕверот мора да умре’’ германски овчар пак ја играше главната негативна улога - улогата на врколак. Поради значителната популарност на расата, германските овчари се појавувале во во централните улоги на многу филмови и телевизиски емисии со години на ред. Германски овчари се појавувале како главни ликови во филмовите : К-9 ( каде било вклучено вистинско полициско куче, Котон), I am legend, The Hills have eyes, како и Bolt, анимиран филм од 2008 година, каде главен лик е белиот германски овчар со исто име. Германските овчари исто така имале и споредни улоги во: Beverly Hills Chihuahua, Cats and Dogs, The Revenge of Kitty Galore, Blondi, германскиот овчар на Адолф Хитлер бил вклучен во неколку филмови и документарци за диктаторот, како на пример пад (Downfall). Во австриската серија за полициската драма ,,Рекс’’ станува збор за високо интелигентен германски овчар. Во Полска, германскиот овчар Szarik глумел во хит серијата од 60-те години ,,Czterej Pancerni I Pies’’. Во анимираниот филм од 1989 година “Сите кучиња одат во рајот’’ и неговите продолженија, главната улога ја игра германскиот овчар по име Чарли Б. Кучето-лилјак на Бетмен наречено Ас се појавувало во стриповите за Бетмен од почетокот на 1955 година па се до1964 година, додека од 1964 година до 2007 година се појавувало повремено. Во филмот од 2001 година ,, Кевин од Северот’’ едно од кучињата на Кевин Менли кои влечат санка било и германскиот овчар наречен Трупер.