Веселин Топалов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Веселин Топалов
Целосно имеВеселин Александров Топалов
Земја Бугарија
Роден15 март 1975
Русе, Бугарија
Титулавелемајстор
Светски првак2005-2006 (ФИДЕ)
ФИДЕ-рејтинг2772
(бр. 9 на рејтинг-списокот на ФИДЕ во јули 2014)
Најв. рејтинг2813 (октомври 2006, јули и септември 2009)

Веселин Топалов (бугарски: Веселин Топалов) (роден на 15 март 1975 во Русе) — бугарски шаховски велемајстор и поранешен светски првак според ФИДЕ (2005-2006).

Топалов стана светски првак според ФИДЕ во 2005. Во 2006, во мечот за обединување на титулите според ФИДЕ и ПША, Топалов загуби во меч против Владимир Крамник, меч во кој го обвини противникот за консултирање за време на партиите. Во април и мај 2010, Топалов одигра меч за светски првак против актуелниот првак, Вишванатан Ананд, во кој загуби со 6,5-5,5.

Во 2005, Веселин Топалов го доби престижниот шаховски оскар.[1]

Тој беше најдобар шахист на светот од април 2006 до јануари 2007, притоа достигнувајќи го вториот најголем Ело рејтинг во историјата, со 2813 бода. Во октомври 2008, тој повторно се врати на првата позиција на рејтинг списокот на ФИДЕ,[2] а во јули 2009 повторно го достигна рејтингот од 2813 бода.

Шаховска кариера[уреди | уреди извор]

Рана кариера[уреди | уреди извор]

Веселин Топалов е роден на 15 март 1975 во Русе. Научил да игра шах на 8 години, а негов прв учител бил неговиот татко. На 12 годни станал мајстор, а веќе на 14 меѓународен мајстор, откако победил на светското првенство за шахисти до 14 години, кое во 1989 се одржало во Агвиља, Порторико. Следната 1990, Топалов освоил сребрен медал на светското првенство за шахисти до 16 години, кое се одржало во Сингапур, а победил и на младинското балканско првенство во Драч во 1991 година. Топалов станал велемајстор во 1992 година.

Напредокот на Топалов бил значаен и во следните години, па веќе во 1993, тој веќе бил еден од првите 10 шахисти во светот. Тој победил на шаховското првенство на Бугарија, кое се одржало во Варна во 1994, со што станал водечки шахист во својата земја и го предводел репрезентацијата до освојувањето на четвртото место на шаховската олимпијада во Москва истата година. Во следниот период, Веселин учествувал на многу силни турнири и остварил забележителни резултати: 6.5 од 13 на турнирот во Линарес во 1994, а 8 од 13 на истиот турнир во 1995. Во 1996, победил на турнирите во Амстердам (на делба на првото место со Каспаров), Виена, Новгород и Дос Херманас, а во декември истата година учествувал на првиот турнир од 21. категорија, кој се одржал во Лас Палмас, а на кој учествувале и Каспаров, Ананд, Крамник и Карпов. На овој турнир, Топалов остварил половична резултат 5 од 10.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Chess Oscar 2005 for Veselin Topalov“. ChessBase
  2. Движење на рејтингот на Веселин Топалов, ФИДЕ

Надворешни врски[уреди | уреди извор]