Безистен (Скопје)
|
|
Оваа статија не наведува никакви извори. (октомври 2009) Ве молиме помогнете со тоа што ќе додадете наводи до веродостојни извори. Непроверливата содржина може да биде изменета или отстранета. |
Безистенот е културно-историски споменик во старата скопска чаршија заштитен со закон за културно наследство. Овој објект од отоманската архитектура е лоциран вдолж Златарска уличка и сместен е на тромеѓето од Кади – ќосината џамија, најмалата уличка во чаршијата и возобновената Араста џамија покрај која се наоѓала т.н. покриена чаршија, т.е. единствениот покриен дел во некогашната стара чаршија. Самиот објект има квадратна форма со четири големи порти ориентирани на сите четири страни на светот, а вертикалната и двете хоризонтални улички овозможуваат слободно движење низ целиот внатрешен простор од 775м2. Во средината денеска се наоѓаат два засебни објекта за кои постои запис дека некогаш биле столбови кои подржувале кровна конструкција, оти објектот бил од типот на затворените Безистени.
Поимот „безистен“ потекнува од арапските, т.е. персиските зборови „без“-платно и „и-стан“-продажно место, означувајќи ја главната трговска функција на дуќаните која опстојувала со векови. За овој културно-историски споменик се сврзани неколку големи настани кои оставиле трага на целиот стар дел од Скопје. Изграден во средината на 15 век од Исхак бег, Безистенот прво бил срушен од земјотресот во 1555 година, а потоа дополнително уништен во 1689 година, кога австрискиот генерал Пиколомини го запалил целото Скопје.
Помеѓу овие два настани, кон средината на 17 век во Скопје допатувал познатиот турски патеписец Евлија Челебија кој запишал дека во Чаршијата имало 2.150 дуќани. „Секој дуќан го красат саксии со зумбул, со темјанушки, ружи, зимски рози, босилек, јоргован, со кринови. Сите посетители и трговци се опиваат од нивниот мирис. Има деловен и чесен свет… Има еден Безистен, за чиј опис јазиците се недоволни, а перата немоќни и слаби. На двата влеза има железни порти со кубиња. Прилега на една цврста тврдина. Безистенските трговци секогаш му палат на гостинот мирисен темјан и ги прскаат муштериите со розина вода. И тука на човека паметта ќе му се занесе од мирисот на мошус, камфор со зумбулов мирис“.
По палењето на Пиколомини, Бесистенот не бил долго обновен. Записите на еден од најпознатите британски археолози, сер Артур Еванс, кој живеел неколку години во Скопје во последната деценија на 19 век, бележат опис на објектот чиј цел прв спрат е срушен и цртежи според кој тој го датира како византиска градба. Избледениот натпис на источната капија, онаа врата што се наоѓа кога во објектот се влегува откај Златарската уличка, сведочи дека денешниот Безистен е изграден во 1899/1900 година на местото од некогашниот безистен што го подигнал Исхак бег во периодот помеѓу 1445 и 1496 година.
Помеѓу големите настани што го зафатиле Безистенот, треба да се споменат пожарот во 1908 година што ја зафатил целата чаршија и во чие гаснење лично учествувал големиот писател Бранислав Нушиќ, големиот земјотрес во 1963 година, кои како и на другите објекти, несомнено оставиле видливи траги врз архитектурата на Безистенот, после кои е направена негова реконструкција и ревитализација.
[уреди] Литература
- Лидија Кумбараџи-Богоевиќ: „Османлиски споменици во Скопје“, Скопје, 1998.
[уреди] Надворешни врски
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Стара скопска чаршија“ |
|
|||||||||||||||||||||||||||||