Приговор на совеста

Од Википедија — слободната енциклопедија

Приговор на совеста е одбивање на учество во дела кои совеста на приговарачот не ги одобрува. Иако најчесто се однесува на воената служба, постојат и други врсти на приговор на совеста, како што е движението за забрана на експерименти врз животните, кои ги сметаат за неетички.

Приговор на совеста на воени служба е одбивање на служење на воен рок од политички, верски, филозофски, морални или какви било други причини на совеста. Правото на приговор на совеста е изведено од слободата на совеста, мислењето и верувањето и им припаѓа на основните човекови права. Приговор на совеста во пракса е право на секого да ја одбие службата во воените единици и установи и со самото тоа да одбие учество во каков било вид на војна или воена подготовка.

Голем дел од приговарачите на совеста се инспирирани од мислата на Алберт Ајнштајн: „Војните ќе престанат кога луѓето ќе одбијат да се борат во нив.“ Во некои земји ова право е признаено во највисоките законски акти, додека пак во други земји е кривично дело. Поголемиот дел на европски држави најчесто на приговарачите на совеста им обезбедува алтернатива за служење на воениот рок во вид на цивилна служба, или на воена служба без оружје.

Цивилната служба е алтернативна државна служба, во која се упатуваат приговарачите на совеста и која се обавува во болници, старечки домови, градинки, организации за помош на инвалидите, спасителски организации и сите други организации кои се од општ јавен интерес. По меѓународните стандарди овие две служби се рамноправни и тие кои се одлучат за цивилна, а не за воена служба подоцна заради тоа не губат никакви права нити смеат на било кој начин да бидат дискриминирани.

Тотален приговор на совеста е одбивање на каква било воена или цивилна служба. Тоталниот приговор на совеста не е законски признаен во ниту една земја, но некаде е повеќе, а некаде помалку толериран.

Постојат групи кои сметаат дека алтернативната цивилна служба не е исчекор од воениот систем, бидејќи во нејзината основа сѐ уште лежи задолжителната воена служба, т.е. задолжителната регрутација. Тоталниот приговор на совеста беше посебно изразен во Шпанија, сè до укинувањето на воената обврска на 1 јануари 2002, каде тоталните приговарачи (Инсимусоси) поради одбивање да вршат цивилна служба неретко беа осудувани на повеќе од две години затвор.

Приговор на совеста на воени тршоци се состои во одбивањето да се плати делот од давачките наменети за војската. Исто така, во Швајцарија постои активна група која работи на откривањето на банките кои имаат удел во трговијата со оружје и која ги повикува граѓаните на бојкот на тие банки.

Доследните антимилитаристи се жестоки противници на професионализацијата на војската, бидејќи според нив таа води кон создавање на професионални војници, т.е. слој на вооружени луѓе кои се спремни за пари да војуваат во разни краишта на светот, а неретко и против сопствениот народ, што е чест случај во историјата. Тие сметаат дека единственото трајно решение е општата демилитаризација и укинувањето на војската во целиот свет.

Поврзано[уреди | уреди извор]