Европски заедници

Од Википедија — слободната енциклопедија

Европски заедници, скратено ЕЗ (на англиски: European Communities, EC), понекогаш се нарекува и само Европска заедница (European Community) — три поранешни меѓународни организации кои биле управувани од ист сет на институции. Овие организации биле: Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ), Европската заедница за атомска енергија (ЕВРОАТОМ) и Европската економска заедница (ЕЕЗ), последнава преименувана во Европска заедница (ЕЗ) во 1993 година согласно Мастришкиот договор, со кој била создадена Европската Унија (ЕУ).

Кога Европските заедници биле инкорпорирани во Европската Унија во 1993 година, тие станале прв столб во структурата на ЕУ наречена „Трите столбови на Европската Унија“. Европската заедница за јаглен и челик престанала да постои во 2002 година откако истекол нејзиниот основачки договор. Европската заедница била распуштена во 2009 година согласно Лисабонскиот договор при што ЕУ станала правен наследник на истата. ЕВРОАТОМ останала ентитет различен од ЕУ, но е управувана од истите институции.