Прејди на содржината

Ц-реактивна белковина

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од C-реактивна белковина)

Ц-реактивна белковина (или Ц-реактивен протеин, скратено ЦРП, англиски: c-reactive protein, CRP) е престенеста пентамерна белковина присутна во крвната плазма, чии нивоа се зголемуваат како одговор на воспаление. ЦРП се користи како неспецифичен воспалителен параметар, меѓу другото, за проценка на сериозноста на воспалителните болести. Општо земена, концентрацијата на ЦРП во плазмата ја следи активноста на болеста со задоцнување од 12 до 24 часа.

Заедно со белковините церулоплазмин, фибриноген, хаптоглобин, феритин и други, ЦРП припаѓа на белковините на акутната фаза. Тоа се белковини во крвта чиишто концентрации во крвта се зголемуваат во контекст на воспалителни (инфективни и неинфективни) болести. Бактериските инфекции го формираат најсилниот стимул на реакцијата на акутната фаза.

ЦРП е дел од имунолошкиот систем, како дел од неспецифичниот хуморален имунитет. Тој претставува опсонин, молекула која ги обележува микробите за да го олесни нивното препознавање и отстранување од страна на имуните клетки (пр. макрофаги) од неспецифичниот имунитет, како и активирањето на комплементниот систем.

ЦРП се синтетизира од страна на црниот дроб[1] како одговор на факторите кои се ослободуваат од макрофагите и масните клетки (адипоцити), пред сѐ на интерлеукин 6.[2] Претставува член на фамилијата на пентраксини.[1]

Историја

[уреди | уреди извор]

CRP бил откриен од Тилет и Франсис во 1930 година.[3]

Механизам на дејство

[уреди | уреди извор]

ЦРП се врзува за фосфохолин, кој се наоѓа на површината на мртвите клетки или клетките кои умираат (и некои видови бактерии). Врзаниот ЦРП го активира комплементниот систем и го олеснува препознавањето на микробите од страна на имуните клетки за чистење (пр. макрофаги) и на тој начин ги активира хуморалните и клеточните ефекторни механизми на вродениот имунолошки систем. Овој вроден одбранбен механизам е значително побрз од одговорот на адаптивниот имунолошки систем.[4]

Со овој механизам, ЦРП се врзува и за исхемични/хипоксични клетки, кои би можеле да се регенерираат со текот на времето. Сепак, тие се отстрануваат предвреме со врзување на ЦРП.[5]

Референтни вредности на ЦРП во крвта

[уреди | уреди извор]

ЦРП е присутен во многу ниски концентрации во крвта и кај здрави луѓе. Вредностите до околу 5 mg/l (0,5 mg/dl) се сметаат за нормални кај возрасните; како што е вообичаено со медицинските референтни вредности, нормалната вредност варира поради влијанија како што се популацијата на пациенти која се испитува, методот на анализа и опремата, поради што секоја лабораторија ги специфицира своите гранични вредности.

Индикација за одредување на ЦРП како биомаркер

[уреди | уреди извор]

1. ЦРП е во меѓувреме најважниот неспецифичен акутен воспалителен параметар, пред зголемувањето на бројот на леукоцити и покачената температура (треска), на пример кај сомнителен апендицитис (воспаление на „слепото црево“), холециститис (воспаление на жолчното кесе), инфекција на респираторниот тракт, дивертикулитис или инфекција на уринарниот тракт. Сепак, ова важи секогаш само контекст со клиничките симптоми на пациентот.

2. Вредноста на ЦРП може да се зголеми во текот на болеста уште пред да дојде до силно покачена температура или до сомнително покачување на бројот на леукоцити, но сепак зголемувањето на ЦРП обично следи по неспецифично зголемување на леукоцитите.

3. Вредноста на ЦРП брзо се намалува до нормалната вредност по исчезнувањето на воспалението, за разлика од претходно користениот параметар на реакцијата на седиментација на крвта (т.н. брзина на еритроцитна седиментација).

4. Како параметар за активноста на болеста, се користи, меѓу другото, за да се направи разлика помеѓу акутни и хронични настани: за разлика од хроничните болести, акутните настани предизвикуваат поголемо зголемување на ЦРП, што обично одговара на степенот на воспалението.

5. За пребарување на ревматски воспалителни заболувања (земајќи ги предвид другите параметри, на пр. ревматоиден фактор)

6. За откривање на комплицирани инфекции, било да е тоа постоперативно, во егзацербации (влошувања) во контекст на хронични заболувања или инфекција на плодовата вода со предвремено кинење на мембраните.

7. За разликување помеѓу вирусни и бактериски инфекции - не е можно исклучиво со одредување на ЦРП

8. За рана потврда на успешна антибактериска или противвоспалителна терапија, бидејќи падот на концентрацијата на ЦРП често им претходи на клиничките симптоми. Зголемувањето или намалувањето на воспалителната реакција е индицирано со зголемување или намалување на ЦРП со задоцнување од околу 24 часа.

Во последниве години, се користат високо чувствителни тестови за малку покачени вредности на ЦРП за да се идентификуваат нестабилни фази во рамките на артериосклероза.

Тек на болест

[уреди | уреди извор]

Во случај на инфекции (главно бактериски), по траума и операции, вредноста на ЦРП физиолошки се зголемува, достигнува највисока вредност на вториот до третиот ден и потоа се намалува доколку нема компликации. Нормални вредности потоа се постигнуваат по две до три недели. Колку потешка била траумата или интервенцијата, толку поголема е максималната вредност („врв“) по два до три дена.

Постоперативно

По хируршки третман на фрактури на бутот, во просек изнесуваат максималните вредности на ЦРП од 136 до 154 mg/l, кај некомплицирани фрактури на глуждот од 34 до 39 mg/l. Отворените фрактури на коските доведуваат до малку повисоки максимални вредности. И при абдоминални операции е присутен ист физиолошкиот тек на ЦРП, доколку нема компликации, при што средните максимални вредности изнесуваат од 140 до 159 mg/l. Со постоперативни компликации, особено инфекција на раната, ЦРП може да се зголеми или да остане висок по 3-тиот ден, но ова има мала специфичност. Од друга страна, ниската или опаѓачката вредност на ЦРП има висока негативна предиктивна вредност и може да исклучи инфекција на рана со висок степен на веројатност.[6]

Исхемични настани

ЦРП исто така се зголемува по исхемични настани како што се срцев удар или мозочен удар. Во двата случаи, ЦРП може да достигне максимални нивоа од 200 mg/L. Количината на ЦРП произведена по инфарктот значително корелира со настанатата штета. Неодамна се покажа дека и самиот ЦРП преку својот механизам на делување е во голема мера одговорем за штетата предизвикана од срцевите удари. Забележана е врска помеѓу доза-одговор. Новите терапии, како што е екстракорпоралното исцрпување на ЦРП со ЦРП афереза, го елиминираат ЦРП од циркулацијата пред тој да може го зголеми оштетувањето и лузната во исхемичното ткиво.[7] Забележано е дека намалувањето на ЦРП целосно го спречило создавањето на инфарктна лузна по миокарден инфаркт кај некои пациенти.

КОВИД-19

Иако КОВИД-19 е предизвикан од вирус, ЦРП неочекувано се зголемува кај оваа болест и исто така е во корелација со сериозноста и текот на болеста. Текот на ЦРП е во корелација со степенот на оштетување на белите дробови.[8][9] Слично како и кај кардиоваскуларните заболувања, каузалната врска помеѓу ЦРП и оштетувањето на органите кај КОВИД-19 е постулирана и испитана.[10]

Методи на определување на ЦРП и вредности во серумот

[уреди | уреди извор]

Одредувањето на ЦРП во медицинската анализа може да се врши на различни начини.

  • Тест со визуелна аглутинација на латекс (квалитативно)
  • Брза имунодифузија (полу-квантитативно)
  • ELISA (квантитативно)
  • Високо чувствителна анализа на ЦРП (англиски high sensitivity CRP, hs-CRP), ова може да открие ниски вредности на ЦРП во серум (граничен опсег: 0,04 mg/l) со ласерска нефелометрија за помалку од 30 минути. Се користи кај контрола на текот на болеста кај кардиоваскуларни заболувања, како и за нивната прогноза или дијагностицирање.

„Нормален“ или „само малку покачен“ ЦРП не исклучува сериозна болест, на пример инфекција со Clostridium difficile.[11]

  1. 1,0 1,1 Pepys MB, Hirschfield GM (Jun 2003). „C-reactive protein: a critical update“. The Journal of Clinical Investigation. 111 (12): 1805–12. doi:10.1172/JCI18921. PMC 161431. PMID 12813013.
  2. Lau DC, Dhillon B, Yan H, Szmitko PE, Verma S (May 2005). „Adipokines: molecular links between obesity and atheroslcerosis“. American Journal of Physiology. Heart and Circulatory Physiology. 288 (5): H2031–41. doi:10.1152/ajpheart.01058.2004. PMID 15653761.
  3. Tillett WS, Francis T (Sep 1930). „Serological reactions in pneumonia with a nonprotein somatic fraction of pneumococcus“. The Journal of Experimental Medicine. 52 (4): 561–71. doi:10.1084/jem.52.4.561. PMC 2131884. PMID 19869788.
  4. Hoffmann, Jules A.; Kafatos, Fotis C.; Janeway, Charles A.; Ezekowitz, R. A. B. (1999-05-21). „Phylogenetic Perspectives in Innate Immunity“. Science (англиски). 284 (5418): 1313–1318. doi:10.1126/science.284.5418.1313. ISSN 0036-8075.
  5. Sheriff, Ahmed; Kayser, Stefan; Brunner, Patrizia; Vogt, Birgit (2021). „C-Reactive Protein Triggers Cell Death in Ischemic Cells“. Frontiers in Immunology. 12. doi:10.3389/fimmu.2021.630430/full. ISSN 1664-3224.
  6. Dingemans, Siem A.; Backes, Manouk; Goslings, J. Carel; de Jong, Vincent M.; Luitse, Jan S. K.; Schepers, Tim (2016-10). „Predictors of Nonunion and Infectious Complications in Patients With Posttraumatic Subtalar Arthrodesis“. Journal of Orthopaedic Trauma. 30 (10): e331–e335. doi:10.1097/bot.0000000000000644. ISSN 0890-5339. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  7. Ries, Wolfgang; Torzewski, Jan; Heigl, Franz; Pfluecke, Christian; Kelle, Sebastian; Darius, Harald; Ince, Hueseyin; Mitzner, Steffen; Nordbeck, Peter (2021). „C-Reactive Protein Apheresis as Anti-inflammatory Therapy in Acute Myocardial Infarction: Results of the CAMI-1 Study“. Frontiers in Cardiovascular Medicine. 8. doi:10.3389/fcvm.2021.591714/full. ISSN 2297-055X.
  8. Mueller, Alisa A.; Tamura, Tomoyoshi; Crowley, Conor P.; DeGrado, Jeremy R.; Haider, Hibah; Jezmir, Julia L.; Keras, Gregory; Penn, Erin H.; Massaro, Anthony F. (2020-11-17). „Inflammatory Biomarker Trends Predict Respiratory Decline in COVID-19 Patients“. Cell Reports Medicine (англиски). 1 (8). doi:10.1016/j.xcrm.2020.100144. ISSN 2666-3791. PMID 33163981 Проверете ја вредноста |pmid= (help).
  9. Tan, Chaochao; Huang, Ying; Shi, Fengxia; Tan, Kui; Ma, Qionghui; Chen, Yong; Jiang, Xixin; Li, Xiaosong (2020-07). „C‐reactive protein correlates with computed tomographic findings and predicts severe COVID‐19 early“. Journal of Medical Virology (англиски). 92 (7): 856–862. doi:10.1002/jmv.25871. ISSN 0146-6615. PMC 7262341. PMID 32281668. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)CS1-одржување: PMC-формат (link)
  10. Kayser, Stefan; Kunze, Rudolf; Sheriff, Ahmed (2021-04). „Selective C‐reactive protein apheresis for Covid‐19 patients suffering from organ damage“. Therapeutic Apheresis and Dialysis (англиски). 25 (2): 251–252. doi:10.1111/1744-9987.13532. ISSN 1744-9979. PMC 7300911. PMID 32501607. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)CS1-одржување: PMC-формат (link)
  11. Konturek, Peter C.; Dieterich, Walburga; Neurath, Markus; Zopf, Yurdaguel (2017-04). „Successful Therapy of Clostridium Difficile Infection with Fecal Microbiota Transplantation“. Gastroenterology. 152 (5): S341. doi:10.1016/s0016-5085(17)31403-8. ISSN 0016-5085. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)