Фагоката макулата

Од Википедија — слободната енциклопедија

Фагоката макулата (Phagocata maculata) е ендемска планарија, Turbellaria , во Охридско Езеро.[1][2][3]

Опис[уреди | уреди извор]

Фагоката макулата е вид со мали димензии. Полово зрелите единки достигнуваат должина од 6 до 7 мм и ширина од 0,9 до 1 мм. Според Stankovic (1938) единките имаат од 6 до 8 мм должина и 1 мм ширина, а според Kenk (1878) од 3 до 4 мм должина и 1 мм ширина. Челниот раб од главата варира од заоблен до остроаголно конвексен. Кај овој вид не се забележува вратно стеснување. Двете очи се сместени блиску едно до друго.

Најкарактеристичен морфолошки белег на Фагоката макулата е пигментацијата на грбната страна. Имено, зрнестиот темно-кафеав или црн пигмент на грбот е разместен на повеќе начини. најчесто тој е во форма на една релативно крупна пигментна дамка сместена на одделно растојание зад очите. Оваа дамка кон предниот дел на главата и бочните рабови на телото избледнува, а кон задниот крај продолжува во средногрбната пигментна трака. меѓутоа, кај некои единки, пигментната дамка и средногрбната пигментна трака се поделени со непигментирана средногрбна линија. Во трет случај, пак, моѓат да постојат само две пигментни дамки сместени на забележително растојание зад очите, односно нешто пред голточниот регион.

Усниот отвор кај Фагоката макулата е сместен во задниот дел на предната половина од стомачната страна. Голтката е цилиндрична и нејзината внатрешна мускулатура е изградена од две одделни слоја: слој на кружни и слој на надолжни мускулни влакна (карактеристично за претставниците на фамилијата Planaridae).

Гениталниот отвор кај овој вид се наоѓа во почетокот на третата третина од стомачната страна. Тој директно води во машкиот атриум кој го достигнува половиот отвор и го елиминира општиот атриум. Во машкиот атриум се протега купестата папила на пенисот, која под надворешниот епител содржи дебел слој од кружни мускулни влакна. Низ средишниот дел на папилата минува ејакулаторниот канал кој е изграден од три дела: почетен (преден) дел исполнет со кружни мускулни влакна и може да се рече дека, на одделен начин го претставува семениот меур, среден цевчест дел во кој се влеваат каналите од еозинофилните жлезди и еден релативно широк завршен дел. Дополнителните отвори на пенисовата папила што ги наведува Komarek (1953а) при анализите на ХБЗ не биле евидентирани. Булбусот на пенисот е со мала големина. Семената кеса е доста обемна. Нејзиниот канал се отвора блиску до гениталниот отвор, и тоа од левата страна на машкиот атриум.

Семеводите се влеваат одделно во темето на пенисовиот булбус. Меѓутоа, пред да влезат (со или без јазли) во булбусот, претходно, во нивото на голтката творат забележителни проширувања. Во суштина, сè што е изнесено во врска со семеводите и јајцеводите при описот на P.ohridana во потполност ваѓи и за P.maculata. Впрочем, кај сите претставници на Phagocata , половиот апарат не покажува евидентни анатомски разлики.

Фагоката макулата е редок ендемичен вид во Охридско Езеро. По однос на езерската подлога (песок и коруби од Dreissena и полжави), Фагоката макулата е стенотопен, а во исто време стенобатен организам (го нема после 35 м длабочина). По однос на температурата, овој вид е еуритермен организам.

Густина на популацијата[уреди | уреди извор]

Во текот на годината густината на популацијата на овој вид е променлива. максимална густина достигнува зимно време, во месец февруари, со 109 инд./м². После овој максимум, густината постепено опаѓа, сè до крајот на годината, и во месец декември се движи од 29 до 40 инд./м² (33 инд./м² е средна вредност на густината на популацијата на истражуваните локалитети). Максималната густина на популацијата е во тесна врска со приливот на младата генерација. Всушност, од истражувањата е докажано дека јувенилните единки учествуваат со 82% т.е. со 89инд./ м². Во текот на годината возрасната структура на популацијата е променлива, т.е. постои евидентна динамика кога промената на густината на популацијата и промената на возрасната структура во текот на годината инмаат паралелен тек. Тоа укажува на фактот дека динамиката на популационата густина е во тесна зависност од возрасната структура.[1][2][3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Krstanovski, Z., (1994). Biosistematski i ekolo{ki istra`uvawa na planariite od Ohridskoto, Prespanskoto i Dojranskoto Ezero so nivnite krajbre`ni vodi. Doktorska Disertacija. Univ. 'Sv. Kiril i Metodij, Prirodno-matemati~ki fakultet, Institut za biologija, Skopje
  2. 2,0 2,1 Stankovic, S., 1938: Novi prilozi poznavawu endemicnih triklada Ohridskog jezera. Glasnik skopskog naucnog drustva, Skopje, T. XVIII, kw. 6: 1-12.
  3. 3,0 3,1 Kenk, R., 1978: The Planarians (Turbelaria, Tricladida, Paludicola) of Lake Ohrid in Macedonia. Smitsonian contributions to zool., Washington, No.280: 1-56